„Жените во летните периоди може да имаат промени во расположението и нарушен сон“: Разговор со д-р Весна Чибишева

Секое време носи свое бреме. Но кога е летото во прашање владее општо мислење дека ова е еден од најубавите периоди во годината.
Многумина го поврзуваат со летните одмори, време за релаксирање, плажа, песок и други слични убави асоцијации за летото.
Сепак, летото само по себе знае да биде значаен предизвик за жените и девојките, бидејќи како резултат на температурните промени и климатските влијанија се случуваат голем број промени на хормонално ниво во женското тело.
-Иако летото за многумина претставува период на релаксација и безгрижност, за женската популација неретко овој период носи потешкотии во секојдневието. Порастот во температурите, зголемената изложеност на дневна светлина, особено директно на сонце може да доведе до значаен дисбаланс во хормоналната рамнотежа, вели д-р гинеколог и акушер Весна Чибишева.
Ова е дефинитивно период кога жените треба да побараат дополнителна стручна помош од гинеколог бидејќи е зголемен ризикот од уринарни и вагинални инфекции. Капење во базени, патувањата, промените на средината, како и хормоналните промени и имунолошките состојби кои произлегуваат од нарушениот сон може да предизвикаат бура од инфекции.
-Ова главно се однесува на ритамот на регулација на кортизолот, естрогените и прогестеронот. Промени во расположението, нарушен сон, но и менструални неправилности, зголемен ризик од вагинални и уринарни инфекции се само дел од причините заради кои жените имаат потреба од гинеколошка поддршка во тек на летните месеци, потенцира д-р Чибишева.
Промените во расположението се нормална состојба која жената треба да ја препознае и прифати
Покрај гинеколошките совети и насоки од стручни лица, многу е важно жените и девојчињата да не ја бараат причината за своите чести промени во расположение во некои други фактори. Тие се составен дел од начинот на кој се регулира хормоналниот баланс во телото и потребно е преку правила едукација и осознавање да се прифатат како нормален ден, да се препознаат и да се укажува на нивното присуство.
Поддршката од околината е исто така важна, па доколку се забележат овие промени, треба е да се разговара и жената да не се осудува, туку да се поддржи во намерата да побара стручен совет, насока и едукација во поглед на подобро разбирање на функционирањето на сопственото тело.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов