ВИДЕО - „Го затворив прозорот, а лицето ми гореше од топлината“: Потресно сведоштво на жителка по пожарот од Карпош 4

Пожарот што денеска избувна во поранешниот објект на „Макотекст“ во скопската населба Карпош 4, во близина на мостот Обединети Нации, е целосно локализиран, потврди директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.
– Екипите на Бригадата за противпожарна заштита успеаја навремено да го стават пожарот под контрола. Дел од екипите сè уште се на терен за целосно обезбедување на локацијата – изјави Али.
Опасни материјали и интервенција од воздух
Тој потсети дека огнот зафатил стар објект, дел од кој се користел како сервис за возила, во кој имало бои, лакови и други хемикалии што дополнително ја отежнувале интервенцијата. Особено значајна била интервенцијата на воздухоплов на Дирекцијата за заштита и спасување, кој се враќал од задача во Маврово-Ростуше.
– Пилотот го забележал густиот дим и исфрлил вода врз објектот, со што помогна во спречување на понатамошно ширење на пожарот – истакна Али.
@zenski.magazin 21.08.2025 Пожар Карпош4 #fire #pozar #karpos4 #skopje
original sound Zenski Magazin
Во гаснењето биле ангажирани пет противпожарни возила и околу десет пожарникари. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, додаде дека акцијата била координирана под водство на командирот Звонко Томовски и дека нема информации за загинати лица.
Шок за жителите
Новинарката Соња Алексоска-Неделковска, која живее во една од околните згради, сведочи за драматичните моменти.
„Излегов на тераса, да ставам прекривки за сушење и одеднаш видов оган кој со голема брзина ги зафаќаше речиси сите делови на бараката. Ја затворив веднаш вратата и истрчав прво до спалната да го затворам прозорот, и беше многу шокантен моментот кога ја почувствував топлината на лицето, иако дуваше ветер, и сепак прозорецот беше доволно оддалечен од огнот. Тоа беше една пламена стихија која не беше убаво ни да се гледа, ниту да се биде во присуство на тој настан. Веќе почна да се чувствува миризбата во станот, се облеков на брзина и излегов. Морам да напоменам дека и децата и возрасните од зградата беа многу достоинствени и мирно слегуваа по скалите и излегоа надвор. Секој момент пристигнуваа повеќе противпожарни возила, останав подолго време од страна да гледам како ќе се развива ситуацијата. Имаше доста паркирани возила околу бараките на станарите што живеат во зградата, но најбитно од се во оваа ситуација е тоа што нема ни еден повреден на било кој начин жител на зградата, но од она што го дознав од медиумите, повреден е еден пожарникар и му посакувам брзо закрепнување бидејќи беа на висина на задачата како и претставниците на МВР. Неколкумина од МВР презедоа мерки во зградата, интеренираа да се отвори гаражата и имаа и уште некои останати препораки. Според препораките нема да се вратиме во нашите домови“, рече новинарката Соња Алексоска-Неделковска, која живее во таа зграда.
Испитување на причините
Причините за избувнувањето на пожарот ќе бидат дополнително испитани од надлежните институции.
С.А/И.С