„Ако ве касне змија НЕ МРДАЈТЕ“: Д-р Чибишев со препораки што прво да направиме, а што никако не смееме да правиме во таква ситуација

Зголемен број на глодари и влекачи, пријавуваат граѓаните на социјалните мрежи. Иако многумина велат дека во овој период нормално е да излегуваат повеќе змии и влекачи, стравот од несакан контакт со нив е секако присутен.
Особено, затоа што се има предвид дека два типа змии кои се среќаваат на територијата на Македонија, се отровни и може да предизвикаат голем број здравствени последици.
Помеѓу народот често се слушаат различни верувања за тоа што треба да направиме доколку нѐ касне змија. Овие верувања се толку популарни што дури и ги гледаме во некои авантуристички филмови. Спасувањето на човек од каснување од змија е претставено како херојски чин во уметноста и со право, бидејќи тој мора да вклучува сериозност и присебност.
Сигурно сте слушнале дека доколку ве касне змија, треба да го врзете местото, да ги исечете унакрсно или да го вшмукате отровот. Токму ова се совети кои никако не треба да ги примените, вели д-р Чибишев за „Женски магазин“.
Матичните лекари немаат протокол за лекување, аптеките не продаваат противотров, домашните лекови не се опција
Прашавме во неколку скопски аптеки, дали продаваат противотров или било каков тип на лек кој се применува по каснување со змија. Оттаму ни потенцираа дека во аптека самостојно не можете да отидете и да си купите лек. Се следат посебни интрукции за лекување препишани од лекар. Заклучуваат и дека лекарскиот преглед е задолжителен при каснување од змија.
Матичните лекари исто така немаат протокол во вакви ситуации. Пациетот веднаш се препраќа до ургентен центар, каде што се врши темелно испитување и се дава соодветна терапија.
Доколку ве касне змија, движете се што е можно помалку
Движењето е најголем непријател доколку дојде до каснување од змија, бидејќи ја забрзува циркулацијата и опасноста отровот да влезе во крвните садови.
Пациентот никако не смее сам да се лекува или да применува народни верувања за тоа што помага во вакви случаи. А за тоа како правилно да постапиме, но и што никако не смееме да правиме доколку сме каснати од змија, советува д-р Андон Чибишев, специјалист по токсикологија и директор на Клинката за токсикологија во Скопје.
Неговата аудио изјава послушајте ја во продолжение:
Магдалена Стојмановиќ - Константинов
Фото извор: EPPA