Ана Бунтеска: Доаѓаш за да заминеш

Секој пат те сеќавам кога доаѓаш
Како да можам да те намирисам
Од еден на друг крај на светот
А знам
Знам по немирот кој ми ја јаде утробата
Знам по здивот кој ми се скусува
Знам по намовнатоста на кожата
И по срцето кое чука толку брзо
Што на мигови помислувам
Дека е само рамна линија
Со одек на мисливе за тебе
Доаѓаш
Знам дека наближуваш
Исто како што знам
Дека јас само попатна станица сум
Како перон на железничка станица
Преплавен од непознати лица
Кои колку и да се удираат едни од други
Не си ги запаметуваат ликовите
Ниту пак бараат прошка за грубоста
Доаѓаш
Знам дека наближуваш
Исто како што знам
Дека јас сум само пристојната домаќинка
На чија вечера присуствуваш
А ти си гостинот
Еден од оние кои не внимаваат на манирите
И чии ронки од лебот
Коленичејќи ги собирам од тепихот
Попатно собирајќи делови од себе
По некој убав збор кој си ми го дофрлил
Заедно со насмевката зад која се обидувам
Ама толку силно и многу се обидувам
Да најдам некакво поинакво значење
Кое ќе ми даде надеж
Дека овој пат ќе останеш подолго
Дека овој пат ќе е поинаку
Дека овој пат ќе ми кажеш нешто ново
Знам дека доаѓаш
Секој пат знам кога наближуваш
Како телово да е рачен часовник
Наместено по твоето време
Стокмен за да ти пасува совршено
На зглобот од раката
Во која никогаш не носиш цвеќе на идење
Знам дека доаѓаш
И знам дека повторно ќе заминеш
Исто како што знам
Дека и овој пат дека ќе те чекам
Дека сè уште имам сила да те чекам