Ана Бунтеска: Два здива

Два здива има секоја љубов
Како добредојде и збогум
Како изгрејсонце и зајдисонце
Како почеток и крај
Та првиот е кога усните се спојуваат
И кога твојот и неговиот здив
Едно стануваат
И имаат вкус на “ваше”
Како плод од непознато дрво
Кое шири мирис на припаѓање
Ти нему
Тој тебе
Ти себеси, а сепак и нему
Тој сам на себе, а сепак и тебе
Потем од дрвото крошна густа
Од мисли твои и негови
Ден за ден, нова приказна
Создавање сеќавања
Правење планови од кои и вечноста
Посрамотено главата ја ведни
Два здива
Секоја љубов два здива има
А тој првиот е оној кој не се заборава
И кој секојпат жежи
Оти истата рана ја буди
Та некојпат кога сам на себе
Ти иди болка да си нанесиш
На него се присеќаваш
На топотот на срцето
И дишењето кое е забрзано и плитко
На намовнатото тело
Кое како магнет за него се прилепува
И боли
Ете тогаш боли како вчера да било
А не како да минале неколку животи
Во кои и други си љубела
Два здива
Сета една љубов е во два здива собрана
А тој вториот
Ех
Нема кој не го минал
Нема кој од него покус за здив останал
Оти во него е твојот последен за него
И во него е неговиот последен за тебе
А потоа времето поинаку се мери
Од мигот на тој последен здив
Пред да си заминеш
Од мигот на неговиот прв здив
Кој го издишал без тебе
Знаејќи дека нема да се вратиш
Дека нема каде да се вратиш
Секоја љубов два здива има
Едниот од кој се раѓа
И тој вториот, проклетиот
Во кој умира
Во кој засекогаш ја снемува
Како никогаш и да не постоела