Ана Бунтеска: Јас немам многу да ти дадам

Јас немам многу да ти дадам
Барем не она што парата купува
Немам луксузни вили
Кои се белеат покрај море
И кои зјаат празни преку зима
Немам ниту модерен автомобил
На кој покривот му се отвора
За косиве да ми се веат на ветрот
Немам злато на рацеве
Како ортоми изврзани на зглобовите
Ниту скапоцени камења на вратов
Од кои знам дека нема да можам
Никако не ќе можам воздух да земам
На прстите немам окови
Под кои оздола месото бело останува в лето
Немам фустани со извезен знак
На некој познат креатор
Ниту пак имам потпетици
Кои се изгор скапи и неудобни
Немам
Навистина немам многу да ти дадам
Барем не она што ќе можеш
Со пара да го купиш од бес
Она што имам е умот
Кој знае и пријател и душман да ми е
Имам срце отворено за љубов
И душа широка како небо
А од неа букви и зборови извираат
Никогаш доволни за да можам
За да умеам да кажам сѐ
Што во мене траги оставило
Како бразди од орање на мека и ровка земја
За род да даде
За да биде бериќетна годината
Имам лузни однатре и една однадвор
Од царскиот рез, чедо кога родив
Имам болки кои на лицево не се гледаат
Ама кои однатре се како лавиринти
Низ кои знам да се изгубам
Имам и по некој страв
Доза на несигурност во себе
Имам дури и инает како магаре
Од кој најчесто мене ми е лошо
Јас немам многу да ти дадам
Барем не она што се мери со земска мерка
Во грамови или килограми
Во милилитри или литри
Во сантиметри и метри
Имам само кроткост
И питомост носам во очиве
Имам допир нежен
И глас од кој ти доаѓа да заплачеш
Имам осама која ја преточувам во стих
И стих кој толку многу сакам да го прочиташ сега
Со надеж дека ќе ме видиш, навистина ќе ме видиш
Јас немам многу да ти дадам
Освен себе
Освен љубов
Освен песна во која те барам
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска