Ана Бунтеска: Љубов што чека

Тивки се ноќите
Во кои можам
Срцето да си го наслушнам
Како спокојно чука
Не барајќи изговори
Со кои ќе ме боли твоето отсуство
Иако ми е како да си тука
Како да немаш заминато
Како да не сум си отишла
Тивки се ноќите
Во кои шепотат спомените
Кои имаат облик
На твојата сенка која мирно
Многу мирно до мојата стои
Ќе дојдеш ли?
Можеби ќе наминеш во некој сон
Или на јаве во толпата луѓе
Твојот лик ќе го сретнам
Иако одамна знам
Дека сето она што го бараш
Не доаѓа туку така
Тивки се ноќите
Како да се намерно молчеливи
За да можам во мисливе
Повторно со тебе да промуабетам
Како да имам нешто ново да ти кажам
Како да имаш нешто ново да слушнеш
Ќе ме најдеш ли?
Во мигот кога денот ноќ станува
Или кога ноќта во денот замира
А можеби и не знаеш дека чекам
Дека сè уште на истото место стојам
Онака како што ме остави
Или онака како што те испратив
Со малку зборови
И со многу неизречени ветувања
Тивки се моите ноќи
Од вечер во вечер
Сè потивки стануваат
Дури и тогаш кога надвор е врвулица
И кога метежот е најгласен
Како да ми онемува во градиве
И светот престанува да се врти
Застануваат сите копнежи
Исчезнуваат сите надежи
И само си го слушам срцето
Кое меѓу две отчукувања ми кажува
Да не те чекам повеќе
Тивки...
Многу станаа тивки ноќите во кои те нема
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска