Ана Бунтеска: Ми рекоа да простам и заборавам

Ми рекоа да простам и заборавам
Тебе да те заборавам
Да те оставам во минатото
Да не те спомнувам во сегашноста
Умот накај тебе да не ми оди
Таму некаде, во иднината
Ете така ми рекоа
Едноставно и чисто, да простам
И згора на сѐ да те заборавам
А јас со простувањето гајле немам
Оти научив прошка да давам
А научив и прошка да барам
Во себе за себе
Во себе за тебе
Од тебе, за моите гревови
Ама пусто мака мачам со заборавањето
Оти не ги паметам болките
Ниту еден збор со кој си ме сосекол
Не паметам каде ме здоболело
Ниту колку болката траела
Преврзав рани
Силно ги стегнав со завој
Од оние модерните кои те лепат ко нов да си
И помина, навистина помина
Ама не знам како убостите да ги заборавам
Писмата кои ти ги пишував
Смеата меѓу нас
Допирот полн нежност
И неколку груби, ама со слатка болка
Не знам како ноќите да ги заборавам
И буквите твои кои зборуваат
Како од себе да го измијам мирисот твој
Како од себе да го извадам вкусот твој
Ми рекоа само да простам и да те заборавам
А јас па будала
Простив уште пред да ми згрешиш
И себе си простив
Знаејќи дека сигурно некаде ќе погрешам
Ама уште се врткам лево десно
Уште во круг се вртам ко улава
Оти не знам
Јас навистина не знам како да те заборавам
Оти не е како сомун леб
Та корката тврда станала и отсечи ја
Не е како талог од кафе
Та замиј го под чешма и ќе отиде во сливникот
И не е
Ама ич не е како руба која ја носам
Та ако се поткине, фрли ја уџум да фати
Како да те заборавам?
Како се откорнува човек од умот
Или уште полошо
Како се откорнува човек од душата
Истата таа која плаче по него
Колку и да ти се очите суви
Ми рекоа да ти простам и да те заборавам
А мене само едно ме мачи
Во сето тоа простување и заборавање
Како?
Како?
Еве кажи ми како
Кажи ми како да те заборавам!
За Женски Магазин, Ана Бунтеска