Ана Бунтеска: Не те познавам

Добивај вести на Viber

Не те познавам

Не ти ја знам омилената боја

Ниту каков си изутрина

Дали со насмев се будиш

Или немтур си како мене

Не знам ни дали спиеш на левата

А можеби на десната страна од креветот

Ги префрлаш сите соништа

За ноќта која допрва ќе дојде

Не те познавам

И не знам какво кафе пиеш

Не знам дали воопшто пиеш кафе

Или можеби сакаш незасладен чај

Дали појадокот ти е најважен

Или до вечерта на храна не ти текнува

И немам ама баш никаква врска

Дали си молчелив

Или дрдориш од мигот кога очи ќе отвориш

Не те познавам

Не ти ги знам навиките

Или можеби имаш мали и безначајни ритуали

Не можам ниту да претпоставам

Дали филмовите кои ги гледаш

Ги бираш по осет или расположение

По нечија препорака

Или онака наслепо, како мене

Ете, ништо за тебе не знам

Не те познавам

Не ти ги знам лузните од дете

Ниту оние скриени во душата

Талкам обидувајќи се да те замислам

Што правиш во моментов

Дали се зачешлуваш или бричиш

Дали се засекуваш со остриот жилет

А потем лепиш мали парчиња

Од белата тоалетна хартија

Не те познавам

Дали стравуваш од темно кога е

Или ловиш сенки по ѕидовите

Додека во позадина свири музика

Дали пред тебе има чаша вино

И каква му е бојата

Дали ширум ги отвораш прозорите кога врне

И дали уживаш во грмотевиците

Вдишувајќи го мирисот на земјата

Не те познавам

Дури е и поразително

Колку ништо не знам за тебе

И знам дека не ме познаваш

Дека само името и презимето ми ги знаеш

А сепак те чувствувам толку близок

Како ампутиран дел од телово

Кој знам дека не може да боли, а боли

Кој знам дека го нема, а тука е

И во сета наша приказна

За тоа колку не се познаваме еден со друг

Само знам дека никој повеќе не ме знаел од тебе

И дека никого не сум сакала да знам

Повеќе одошто сакам тебе да те познавам

Не те познавам

Воопшто не те познавам

А сепак...

Најубавите писма тебе ти ги пишувам

За Женски Магазин Ана Бунтеска