Ана Бунтеска: Различни светови

Добивај вести на Viber

Различни се нашите светови

Како ден и ноќ да се

Како црно и бело

Ете толку сме различни

А сепак се наоѓаме на зајдисонце

Токму тогаш кога темнината го јаде светлото

И кршиме ред два муабет на изгрејсонце

Кога утрото ја дроби ноќта низ прстите

Стоиме несигурно на линијата помеѓу нас

Меѓу твоето бело и моето црно

Меѓу моето бело и твоето црно

Кои никако да ги измешаме во сребрено сиво

И тие неколку секунди кога во ист ритам дишеме

Знам дека жива сум

Знам дека жив си

И знам дека и ти знаеш оти има магија во нас

Од која потем некако полесно и на двајцата ни е

Ех...

Различни ни се световите

Твојот почнува онаму

Каде што мојот завршува

Мојот почнува од твојот крај

И тера дотаму кај што окото не ти стасува

И никако да се најдеме

Барем да се потрудевме средината да ја погодиме

И во една точка да се споиме

Па којзнае...

Кој би можел да знае

Дали ќе успееме или не

Дали ќе се наместат коцките за нас

Еден во друг корени да пуштиме

Испреплетени в земја како љубов да водиме

Та како дрва стогодишни да опстоиме

За инает на ветришта и дождови

Различни сме

Со чудна помиреност знам дека така е

И знам дека ништо од нас не ќе биде

Ама ете

Некако во сета таа извесност

Мене уште неизвесноста ме јаде

Дека еден ден...

Па не знам

Ете, дека еден ден во ист миг ќе заспиеме

И во иста секунда очи ќе отвориме

И дека некако, со малку к’смет

Нашите светови ќе се поклопат

И од двата, еден ќе стокмиме

Твој и мој

Мој и твој

Наш, полн љубов

Наш, со две сонца

Со две месечини

Од два различни света, еден заеднички