Ана Бунтеска: Скроени за љубов

Добивај вести на Viber

Каква што ти е кројката

Така светот го гледаш

Та еве, луѓето кои се од свила стокмени

И чија душа е од стакло

Прозирно и нежно чиниш меур од сапуница е

Само убост гледаат оти само така знаат

И сета грдотија само до окото им стасува

А потем како со магија

Како низ сито и решето

Од матна вода, биста и изворска прават

И сите камчиња, песок и кал

Надвор од нив останува

Само љубов научиле во себе да збираат

Само љубов знаат од себе да дадат

Велат оти каква ти е кројката

Таков и опулот ти е

Оти на лош чоек

Ќе му пречи и тој мал бел облак

На сета синевина на небото

И во градина полна цвеќе

Ќе му засмета едно пожолтено ливче

На руба со срма навезена

Кончето што штрчи во око ќе му влези

И не знаат убост да видат

А скраја да е да ја дадат

Ете така, без причина и повод

Како дар

Како подарок кој од срце го создале

Кројката каква што ти е

Таков човек си и таков ќе останеш

Таков и в земја ќе те закопаат

И таков и ќе те памтат

А јас

Еве некој ќе рече оти доволно стара сум

За наивна и будала да бидам

Ама сакам да мислам оти сепак

Сепак во секој од нас има светлина

И колку и да ни е сенката црна

Колку и ѓаолот на рамото да ни седи

Има надеж и има спас

Само ако се сака

Само ако од душа и срце сакаш

Од себе да го извадиш азното

Она што прави да ти пее пилето внатре

Она што прави да ти се плаче од среќа

Она што прави да посакаш рака да подадеш

Она што смеа однатре ти буди

Ете

Мојата кројка таква е

Прошка да барам и да простам

Да погалам и кротко допир да барам 

Да помолчам кога треба да слушам

Да зборнам кога треба иљач-збор да дадам

Со верба која не згаснува

И надеж која не умира

Дека сепак кројката на сите иста ни е

И дека сите по исто плачеме и се смееме

Дека сепак во секој од нас тлее оганче

Како кандило в куќа за благодет и спокој

Како утеха дека сами не сме

Како молитва дека сите за љубов скроени сме