Божица Китановска: Дадов многу шанси на погрешни луѓе

Божица Китановска
(Бони) со музика се занимава од 18 години, пишува песни, креира мелодии,
настапува со бендови низ Скопје и низ Македонија.
Има повеќе
од шест авторски издадени песни кои се актуелни
во медиумите. Пред две години остави забележителен настап на фестивалот „Макфест“ како
дебитант со својата авторска песна „Ми Амор”. Таа е дипломиран
преведувач и толкувач на англиски јазик на Филолошки факултет „Блаже
Конески“ – Скопје. Моментно е актуелна со темата и видеото за
песната „Знам“.
Ја сакам музиката поради... музиката е дел од моето секојдневие, живеам со музика, сметам дека без неа не би имало смисла постоењето, го бои денот, на случувањата им дава една посебна диманзија. Често сум се потпирала на музиката, дали тоа биле убави или потешки моменти, таа е секогаш тука да ми даде мотивација. Често емоциите ги преточувам во песна преку музика и текст и тоа е мојот начин на живот.
Мојот музички пат наликува на... кога би требала да го опишам мојот музички пат би рекла дека е еден вид - ролеркостер. Има постојани падови и подеми. Всушност тоа е убавината, како и во музичката кариера така и во животот. Самиот живот по себе не е рамна линија. Постојано е разиграно, особено во делот - креирање музика. Тоа и ми дозволува да пишувам и творам нa различни теми, идеите се раѓаат кога силно нешто ќе почувствуваш.
Темата и видеото за „Знам“ ги доживувам... на два начина, едната е емоција љубов, другата омраза. Знаеме дека тенка е границата на љубовта и омразата, па таква е и емоцијата во самата песна. Се пее за тоа како некој толку многу сме сакале, но во исто време таа љубов не била сфатена и возвратена на начин како што треба. Знаеме дека после таа љубов веќе ништо нема да биде исто. Кога зборуваме за видеото за песната „Знам“ го доживувам како едно враќање во минатото со допир на модерното, бидејќи самата песна е рнб, блуз па сакав да го доловам моментот со истото.
Настапот на Макфест за мене значи... благодарна сум за тоа искуство, за мене беше шанса да ја претствавам својата авторска песна „Ми Амор“. Се запознав со различни композитори, артисти и навистина би сакала тој фестивал повторно да оживее како што заслужува за повеќе млади да се трудат и да творат песни на македонски јазик со што ќе ја збогатуваме македонската култура.
Нешто што сум направила и се каам е... обично гледам да не се каам во животот, зошто верувам дека сѐсе случува со причина и дека дури и од грешките се учи. Но, ете можеби се каам што сум давала премногу шанси таму каде што не сум требала, бидејќи луѓето денес за жал не знаат да ценат, некако се изгубија вредностите. Има една помодерна изрека: „Луѓето денес прво би повредиле ангел за да спасат демон.“
Плановите се за практичните луѓе, а моите се поврзани со ... секогаш е тука музиката во преден план. Паралелно работам друга работа, за да можам да си ги финансирам проектите, но се трудам да бидам активна со настапи и постојано работам на нова музика во студио. Кај нас во државата свесни сме дека не е лесно да се успее во било што, особено не во музика. Но, наше е да се трудиме и да дадеме максимум па другото е на Бог. Што е наше ќе си дојде.
Мојот имиџ би го дефинирала како... облекувањето е исто така на еден начин уметност, искажување на своите емоции и идеи преку различни модни парчиња. Најчесто носам црно, темната боја ми одговара кога станува збор за избор на парче облека. Можеби мојот имиџ би го дефинирала како едноставно, елегантно, но необично.
Моите најрани сеќавања од детството се повзрани со... целото свое детство го поминав кај моите баба и дедо, кои ме израснаа и кои навистина придонесоа да бидам тоа што сум сега, за што сум прекумерно благодарна. Детска игра, цртање, пишување песни и музика секако.
Тинејџерскиот период би го опишала... турбулентен, бунтовен, барање на сама себе. Во тој период љубовта кон музиката доживеа друга димензија. Сфатив дека навистина сакам да се занимавам со музика.
Пријателство во оваа професија постои, но... сепак е бизнис и скоро сѐ е сведено на тоа. Сум се запознала и седела со повеќе артисти од нашата естрада. Го нема тој момент на дружба и желба за соработкa. Дали е секаде така не знам, можеби е само мое лично искуство. Но, според тоа што сум зборувала на темава и со други колеги, и тие го делат истото мислење. Сметам дека музиката треба да спојува и покрај тоа што на еден начин е бизнис, но сепак е и уметност. Некако во последниве години како естрадата да е непостоечка кај нас и навистина ми е жал за тоа. Би сакала што побрзо тоа да се смени, да оживее музиката како што беше во времето на Тоше, Каролина, Калиопи.
Реагирам на критики... зависно дали критиката држи вода и од кого е упатена кон мене. Најчесто прифаќам критики, сакам да се менувам на подобро. Игнорирам негативни коментари кои очигледно се упатени поради хејт од страна на личност која и нема толку алиби да коментира и не е професионалец во областа за која што се дрзнува да дава мислење.
Мојата дефиниција за љубовта е... жртва, простување и погазување некогаш дури и на сопственото его за другата личност.
Типична машка особина коај не ја разбирам е... многу особини не ми се јасни кај машките. Можеби егоизмот што го имаат во поголема мера и неможноста да останат верни на една жена.
Кај луѓето најмногу почитувам...кога се искрени, свои и кога знаат да ценат.
Особина која ја издвојувам кај себе е...не обожавам многу да зборувам за себе и да се фалам, но ете ако морам да издвојам, можам да кажам дека сум верен пријател, и кога сакам и правам нешто, го правам тоа со цело срце и не се откажувам лесно.
Неостварена професионална желба ми е... да направам ХИТ песна која на некој начин ќе ми отвори повеќе врати за да можам да творам и целосно да се посветам на музиката, исто така да имам свој концерт во некоја блиска иднина.
С.А.Н