„Дали ти на мене наликуваш, Или јас пресликана во тебе сум“: Поетска објава на Ана Бунтеска за 19-тиот роденден на ќерка ѝ ги трогна сите мајки

Добивај вести на Viber

Кога мајчината љубов ќе се претвори во зборови, се раѓа поезија што оди директно до срцето. 
Македонската поетеса Ана Бунтеска, позната по својата длабока емоција и искрена лирика, денес ѝ посвети трогателна песна на својата ќерка Нина по повод нејзиниот 19-ти роденден. 

Стиховите, споделени на социјалните мрежи, се интимна исповед на една мајка која не само што љуби, туку и се восхитува на своето дете – на нејзината сила, слобода и желба да лета.

-НИНА 19-

Не знам дали некогаш

Ќе најдам доволно зборови

За да ти кажам колку те љубам

Тебе...

Ти...

Ти што си месо од моето месо

Ти што си крв од мојата крв

Ти што си изгрејсонце

Кога моето сонце е потонато

Ти што во мене пееш

Кога секој звук е закопан

Ти која на живот мириса

Кога јас во мојот не наоѓам смисла

И не знам

Навистина не знам

Дали ти на мене наликуваш

Или јас пресликана во тебе сум

Иако за сè ме имаш надминато

Во мудрост

Во спокој

Во љубов

Та ми се чини дека сега јас

Од тебе имам да учам

И дека ти

Ти знаеш поарно од мене како со себе

Не знам..

Не знам дали ќе имам доволно букви

За да ги наместам и разместам

Да ги обликувам и натокмам

За да ти кажам колку горда сум

Што те гледам дека своја си

И дека немаш страв да леташ

Во себе и од себе крила да рашириш

Та ми се чини дека твојата сила

Е токму она што мене ме буди

И знам дека добро си

Дека добро ќе бидеш

На каде и патот да те однесе

На каде и да посакаш да кинисаш

А јас ќе сум тука

За да знаеш дека имаш

Дека секогаш ќе имаш каде да си дојдеш

И да одмориш кога ќе ти треба

А јас...

Јас овде ќе сум

И молкум ќе стојам

Зад сите твои одлуки

Зад сите твои желби

Зад секој твој чекор

Зад тебе, но никогаш пред тебе

Никогаш како товар и камен

Ниту како грижа на совест

И скраја да е како “треба” и “мора”

Летај Нина...летај

Светот е твој“