„Доколку бидам избрана, ќе ја претставувам општината Норт Шор во рамките на градскиот совет на Окленд“: Хелена Роза со кандидатура на локални избори во Нов Зеланд

Хелена Роза, поранешна македонска телевизиска водителка која веќе неколку години живее и работи во Нов Зеланд, влегува во политиката. Преку социјалните мрежи, таа сподели радосна вест: ќе се кандидира на претстојните локални избори како претставник на општината Норт Шор, која е дел од градската област Окленд.
Во интервју за Женски магазин, Роза потврди дека настапува како кандидат на политичката партија ACT (Association of Consumers and Taxpayers) – конзервативно-либерална, односно десничарска либертаријанска партија која се залага за класичен либерализам, индивидуална одговорност, минимална државна интервенција и поголеми лични слободи.
„Откако се доселив во Нов Зеланд, станав активен член на ACT. За овие избори партијата реши да истапи со свои кандидати, и јас сум една од нив. Не сум независен кандидат, туку официјално поддржан од партијата“, изјави Хелена.
Иако конкуренцијата ќе биде сериозна, точниот број на кандидати сè уште не е познат – номинациите и официјалната листа ќе бидат објавени на 1 август.
„Доколку бидам избрана, ќе ја претставувам општината Норт Шор во рамките на градскиот совет на Окленд. Системот тука се разликува од оној во Македонија – нема градоначалници на секоја општина, туку советници (councillors). Во Окленд има еден градоначалник и 20 советници кои ги претставуваат 13 општини. Во некои општини, како Норт Шор, се избираат по двајца советници“, појаснува Хелена.
Како советник, таа би имала обврски поврзани со развојот на Окленд, управување со општинскиот буџет, донесување и спроведување на локални закони, како и со урбанистичко планирање.
Роза истакна дека сè уште е рано да се зборува за конечниот резултат, бидејќи кампањата сè уште не е започната, но најголема сила ѝ е поддршката што ја добива од семејството.
„Имам голема поддршка од целата фамилија тука – Игор и Каја – и секако од моите најблиски во Македонија“, изјави Хелена.
Локалните избори во Нов Зеланд ќе се одржат оваа есен, а кандидатурата на Роза претставува редок пример на активна вклученост на македонска дијаспора во јавниот живот на оваа пацифичка држава.
Фото: ФејсбукГ.Д.Г