Доктор Чибишев алармира: „Токсични гасови од пожарот во Трубарево – најзагрозени се децата и бремените жени“

Добивај вести на Viber

Страшниот пожар кој вчера попладне избувна во фабриката за рециклирање на електронски и пластичен отпад во селото Трубарево предизвика голема вознемиреност кај јавноста. На случувањата реагираше и доктор Антон Чибишев од Клиниката за токсикологија, кој преку социјалните мрежи испрати јасно предупредување за последиците врз здравјето.

„Сериозно ме вознемири веста дека е запалена фабрика за рециклирање на електронски отпад“, напиша Чибишев, додавајќи дека при горење на ваков отпад се ослободуваат екстремно токсични гасови.

Според него, чадот содржи јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, флуороводород, како и пареи од тешки метали – олово, жива, кадмиум и арсен.

„Овие отровни гасови можат сериозно да го загрозат здравјето на децата, бремените жени, хроничните болни (срцеви, белодробни и малигни заболувања)“, потенцира докторот.

Тој апелираше граѓаните веднаш да ги затворат прозорците, да избегнуваат престој на отворено без посебна потреба, а сите кои поседуваат прочистувачи на воздух да ги пуштат да работат со полн капацитет.

Со оглед на тоа дека чадот од пожарот се ширеше кон општините Аеродром и Гази Баба, јавноста очекува итна реакција и конкретни мерки од институциите за справување со последиците од оваа еколошка катастрофа.