Една реченица ни го смени животот: љубовната приказна на новинарската двојка Марина Доковска и Драган Николовски

Добивај вести на Viber

Се движеле низ новинарските патеки, но, никогаш не се запознале на вистински начин. Едно обично заедничко кафе, испиено во еден обичен есенски ден, било почеток на нивното заедничко патување.

Марина Доковска (43) уредник на информативната програма на МРТ и Драган Николовски (48), еден од најпознатите спортски коментатори, се доказ дека во љубовта не постојат калкулации, време, години, правила. Кога ќе се сретнат две зрели личности, две души со излечени рани од минатото, тогаш љубовта е посилна и подлабока од кога и да е. И причина повторно да застанете на лудиот камен.

ЖМ: Во светот на новинарството каде вистината е секогаш на прво место, вие покажавте дека најголема вистина е таа што се носи во душата - љубовта. Како се запознавте?

МАРИНА: Едно кафе во МКЦ ќе го паметам до крајот на животот. Кога се доближив до масата го видов Драган, кој иако го знаев од новинарските кругови, никогаш го немав сретнато и ми рече: „Конечно да се запознаеме“. Реченицата ме збуни и ми ѕвонеше во мислите, но еден зрак кој паѓаше врз неговото лице, ми го привлекуваше вниманието за време на целиот час на масата тој есенски ден. Тој зборуваше, а јас во него смешно „зјапната“ не можев да ги оттргнам очите. Го знаев, но дотогаш не го познавав. Гласот негов ме воодушевуваше. Баш како што вели нашата заедничка песна „You had me from hello“. Еден ден, кога ќе станам уметник, ќе ја нацртам сликата. Драган се појави во мојот живот, кога минував низ најтешкиот период, со моето семејство водевме безуспешна битка со подмолна болест на мајка ми. Но, тој со своето трпение и со внимателност ме освојуваше секој ден. Јас зборував, тој ме слушаше. Навистина ме слушаше. И денеска продолжи истото темпо, јас постојано зборувам, тој ме слуша, барем се труди така да изгледа.

ДРАГАН: Сé до таа случајна средба, претходно сме немале никаква комуникација, туку само сме знаеле еден за друг како долгогодишни телевизиски лица. Иако тогаш не бевме сами, туку во друштво на заедничка пријателка, во тие први дваесетина минути се чувствував како да се познаваме долго и отсекогаш и како да продолжуваме од некаде каде што сме застанале ден претходно. Хемијата беше неопислива. Но, тоа ни беа само првите зраци светлина, до изгрејсонцето требаше да мине уште некое време... 

ЖМ: Кога почувствувате дека меѓу вас се раѓа нешто повеќе од пријателство и дека љубовта треба да се чува и негува? 

ДРАГАН: По една - две разменети пораки во три месеца, конечно се сретнавме повторно. Првпат сами. Како двајца емотивци, веднаш си ги отворивме душите еден пред друг, сфаќајќи дека негуваме исти вредности и оти имаме исти сфаќања за животот, за заедништвото, за семејството, за љубовта, за почитувањето. Така и фазата на пријателство ни беше рекордно кратка, само ден и пол. Енергијата брзо се распламте, веднаш знаев дека го најдов парчето душа што дотогаш ми недостасуваше. Којзнае, можеби навистина во некој претходен живот сме биле заедно, па еве сме заслужиле универзумот да нѝ дари можност на двајцата заедно да ѝ се радуваме на љубовта и во овој, земскиот. 

МАРИНА: Најголемата вистина е онаа која сите ја знаеме длабоко во себе, а со која многупати потешко се соочуваме. Јас се вљубив тој есенски ден. Иако помина време до нашата повторна средба, деновите беа само соединување на енергијата, којашто сме ја чувствувале и двајцата. Повремените пораки дополнително ја разгоруваа желбата за следна средба. Кога конечно се случи, беше прашање на часови, кога одлучивме дека не сакаме да се раздвоиме повеќе. Од тогаш денот почнува со неговата насмевка за добро утро и завршува со добра ноќ. И секој пат кога ќе го погледнам, ми ја топли душата, несвесно ми изнудува насмевка на лицето и се смешка кога ќе ми ја улови.

ЖМ: Што најмногу ве поврза и денес ве држи цврсто заедно?

МАРИНА: Откако ми ја фати раката цврсто, Драган не ја пушта. Тоа ми дава сила и сигурност. Трпеливоста за моите често избрзани одлуки, умешноста да ми го покаже правецот без наметнување. И најважно е што дава сé од себе да го следи мојот авантуристички дух. Од друга страна на иста бранова должина сме за работните обврски. Се држиме црвсто до одговорноста, чесноста и лојалноста. И двајцата се бориме против неправдата и нечовечноста која сé повеќе е присутна меѓу луѓето. Но, на крајот од денот делиме исти вредности за семејството, за потребата за заеднички мигови. Најмногу се радуваме кога и двете деца се со нас. Сакаме за време на летните одмори, како и на долгите, но и на кратките патувања и Јан и Илина да бидат со нас. Иако Илина е голема девојка која полека ја создава својата приказна, а Јан е мал и често ѝ здодева, сепак за нас, сé е на свое место кога двете деца се до нас. Миговите со нив нé враќаат и нас во детството. Деновите се позабавни и полни со љубов. 

ДРАГАН: Нејзиното големо срце, топлата насмевка, совршениот родителски инстинкт, неизмерната искреност, неверојатната храброст во соочувањето со предизвиците, отвореноста, немирниот дух, срдечноста, вештината да најде решение и во најделикатни ситуации. Тоа е огромната магнетната сила со која од ден во ден сé повеќе ме привлекува. Заеднички, пак, најсилни и најцврсти сме поради бескрајната меѓусебна доверба, поради сличните уверувања и сфаќања за темелните вредности, поради нескриеното покажување на љубовта, поради меѓусебната посветеност, како и поради вербата во квалитетите и во можностите на другиот.

ЖМ: Двајцата поминавте низ развод. Која е најважната лекција која ја научивте од првиот брак и истовремено ви помогна да изградите посилна врска и ве инспирира да стапите повторно на „лудиот камен“?

МАРИНА: Често во животот мислиме дека работите траат вечно и радоста ќе блеска постојано. Но, ние сме пример дека патувањето низ времето носи сериозни промени, а тие можат да донесат нешто прекрасно. Лекцијата која треба да ја научиме по патеката по која се движиме е дека преобразбата треба да ја искористиме најдобро што може за себе. Чуда навистина се случуваат, само треба да имаме верба. Да се потсетиме дека навистина денот има ноќ, но има и ден. А во тој ден, зраците можат да покажат нешто што било скриено. Со Драган особено внимаваме како се обраќаме еден кон друг. Минатото нé научило дека зборовите кои ќе се кажат, не можат да се вратат и тие остануваат да тежат. Затоа свесно и двајцата, користиме одмерени зборови кога имаме причина да се налутиме, а во целост без задршка ја изразуваме љубовта која ја чувствуваме еден кон друг. И така, скромно кажано, во моето патешествие дојдов до бајката, создадена од мир, безрезервна љубов и од разбирање. Можеби некому е малку, но за мене тоа е СÉ. Кога имате човек кој сака да бидете еден тим, тогаш нема друг пат, освен да стигнете до врвот. 

ДРАГАН: Љубовта мора да се одржува, постојано да се негува, да се надградува, да се вложува во неа, да се „живее“. Тоа се подразбира кога покрај себе сфаќате дека ја имате вистинската личност, онаа Единствената, која ве прави среќен, ве надополнува како поединец, но и со која сочинувате совршена целина. Затоа и јас бев нестрплив со Марина да оформиме семејство.

ЖМ: Неодамна осамнаа фотографии на социјалните мрежи од вашата свадбена веселба. Кој беше најубавиот миг кој никогаш нема да го заборавите?

МАРИНА: Со Драган, претходно живеевме во заедница, и одлуката за регистрација во прво време беше повеќе како официјализирање, а потоа и заедничка забава со нашите луѓе. Но, кога стигнавме во црквата Св.Петар и Павле, ја почувствував магијата и тогаш одново ги почувствував емоциите. За мене кога заврши црковната церемонија, како да почна ново поглавје во животот. Свадбената веселба повеќе беше како коктел забава, покрај базен, така си замисливме и беше успешно. Ѓоко Таневски со бендот беа нашиот избор за вечерта, а Мијата ни беше гостинка, која беше повеќе на сцена со микрофонот, како што таа најдобро знае. Направија одлична журка, а тоа се потврди и со пофалбите кои се уште стигнуваат. Се одлучивме за тесен круг гости, најблиските роднини и пријатели. Иако дел од нив не стигнаа поради летните одмори, сепак бевме среќни за сите кои се радуваа заедно со нас. 

ДРАГАН: Засекогаш ќе ги паметам волшепството на прстенувањето и возвишеноста на чинот на крунисувањето при црковната венчавка. Тоа беа најсвечените моменти од нашиот голем ден, кој потоа го завршивме со прослава по наш мерак. Си направивме убава забава на која си поминавме супер, опкружени со седумдесетина расположени и насмеани лица на најблиски роднини, пријатели и колеги за кои знаеме дека искрено ни се радуваа и беа радосни и весели со нас и поради нас. 

ЖМ:  Марина, дали покажавте поголем интерес кон спортот, откако го запознавте Драган. Точно ли е дека во домот на спортскиот ниовинар има повеќе телевизори на кои наизменично се следат различни спортски настани?

МАРИНА: Точно е дека имаме повеќе телевизори во домот, но тој го има својот телефон. Постојано е пуштен на некој пренос, а тоа значи дека е присутен со нас, не ни го одзема медиумскиот простор и време, но сепак увото си слуша спорт. Смешно е, но тоа е Драган. Иако е главен и одговорен уредник на првиот сервис на Македонската Телевизија, сепак спортот е неговата прва и вечна страст. Од секогаш сум сакала да гледам по малку спорт, во различно време, различни спортови. Повеќе ме интересираат трките. Но, никогаш не пропуштам кога Драган коментира спортски настан. И кога возам, го слушам преносот преку телефон. Го обожувам неговиот глас. Всушност една од причините зошто се вљубив.

ЖМ: Драган, вие сте одговорен уредник на првиот програмски сервис на МРТ, а тоа значи поголеми обврски и одговорност. Се добива впечаток дека коментаторското столче ви недостасува и често седнувате на него, иако тоа не е во домен на вашата работа. Како успевате сé да постигнете?

ДРАГАН: Воопшто не е точно дека коментирањето не е во доменот на мојата работа. Баш напротив. Поентата е што никогаш претходно спортски новинар и коментатор не бил на оваа позиција, па оттаму можеби таквата претпоставка. Но, зарем треба одговорниот уредник да престане да се занимава со вообичаените работни обврски и задачи и само да „шефува“. Инаку, да точно е, коментаторското столче ми недостасува и затоа колку што можам, покрај сите други организациски, административни, раководни и уредувачки обврски, се трудам да продолжам и со омилениот дел од работата, преносите од спортските настани. Од таа „љубов“ нема никогаш да се откажам. Задоволство ми е да останам во добра коментаторска форма. 

ЖМ: Како ви изгледа едно секојдневие? Имате ли заедничка страст или хоби, на кои им посветувате внимание во слободните денови?

ДРАГАН: Работното време ни е целосно под знакот на ангажманите во МТВ, па попладнето и вечерта му ги посветуваме на Јан. На крајот на денот ни се најдрагоцените мигови за топла прегратка, за убав збор, едноставно за време еден за друг. Се обидуваме викендите да ни бидат порелаксирани, најчесто со нас е и Илина, така што тогаш сме најисполнети. Понекогаш ги користиме за семејно уживање од ден - два надвор од Скопје. Со оглед на обврските, немаме баш простор за некакви хобија надвор од вообичаениот ритам на секојдневието, освен што одвреме навреме успеваме да погледнеме по некоја театарска претстава.

МАРИНА: Деновите ни се полни со обврски. Најголем дел се работни, а остатокот го посветуваме на децата и на пријателите. На дневна основа се организираме и правиме планови за да стигнеме да ги завршиме сите предвидени обврски. Не е едноставно. Нашата работа носи голема тежина и бара посветеност и сконцентрираност. Кога сме на работа, работиме како маче и куче, често се „закачаме“ за работата. Но, штом го поминеме прагот, надоместуваме со прегратки и со нешто кремасто благо. Се обидуваме во текот на денот, колку и да бил тежок, да одвоиме барем еден час само за нас. Уживаме во театар, а сакаме да гледаме тв серии и филмови, со добро вино и со закуска од пармезани и сирења. Тоа е нашиот „дејт“ речиси секоја вечер, по 22 часот. Викендите без обврски ни се организирани за кратки патувања низ Македонија. За мене фетиш се рестораните низ нашата земја и прекрасната македонска кујна, па често во слободните денови сме во кола со план за некоја дестинација. Но, штом дојде мај, почнуваат плановите за лудории на море. Во летниот период повеќе сме за уживање на плажа.

ЖМ: Плановите се на практичните луѓа, соништата на романтичарите. Во која група спаѓате вие? Што посакувате да ви донесе иднината ?

ДРАГАН: Се обидуваме да балансираме, колку што можностите и околностите ни дозволуваат, соништата романтично да ги вклопуваме во плановите. Во иднината... се гледаме исто толку страсно вљубени и силно поврзани, фатени за рака, насмеани и со жар во очите, со многу внучиња околу нас. 

МАРИНА: Романтичарите вечно мечтаат, а практичните луѓе не уживаат докрај во работите. Ние сме некаде на средина. Секојдневно се потсетуваме зошто се сакаме и колку сме среќни што сме заедно. Во ова турбулентно време, многу е тешко да се подредат приоритетите во животот, да се завршат сите работни обврски, а да не страда семејството. Но секој ден даваме малку повеќе од себе, за да не се почувствува ничие отсуство. Коцките за иднината се редат, а ќе дадеме сé од себе да изгледаат како што сме ги замислиле. Како и сите луѓе, посакуваме големи нешта. Но почнуваме од малите. Важно е да сме сите на број и да уживаме во животот најдобро што умееме. Бидејќи толку е краток, а еден миг, штотуку помина.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: приватна архива

Забрането е преземање на содржини од „Женски магазин“