Елизабета Галевска: Ја загубив мајка ми прерано, но секој ден го живеам со она што ми го остави

За Елизабета Галевска, уредничка на информативната програма на Канал 5, утрото е најубавиот дел од денот. Станува рано, понекогаш и пред изгрејсонце, особено во лето, кога –денот носи со себе мир, свежина и инспирација.
-Навистина ми е посебен моментот кога сè е тивко, кога денот сè уште не започнал со бучавата на секојдневието. Тогаш пијам кафе, го планирам денот и се полнам со енергија. Со првото утринско кафе, ова за мене е момент за вистинско рефреширање за дневните обврски. Но, секогаш тука е и второто кафе – со сопругот. Тоа е време кога следува договорот околу домашните и работните обврски и планови- вели Галевска.
Кога е уредник на вестите, тогаш нејзиниот работен ден почнува порано и трае до вечерта.
- Секако, тука се и обврските околу емисијата „Само Вистина“. Дневното темпо ги диктира и обврските, но и агендата. Едно е сигурно, сè што правам, го правам со полн капацитет. И така е отсекогаш, приватно и на работа. Новинарството, според мене, бара многу енергија и пожртвуваност. Исцрпува, но во позитивна смисла и пред сè, треба да се сака. Кај мене уште од најмала возраст имаше љубов кон книгата, пишаниот збор. Се сеќавам, во основно и средно училиште, секогаш меѓу првите се читаа моите состави на различни теми. Секако, не ни помислував дека еден ден ќе бидам новинар. Но, се чини дека креативноста ги поврзува љубовта кон книгата и новинарството – открива Галевска.
Првите чекори ги направила во МРТВ, а потоа следеле професионални години во А1 телевизија. Сепак, периодот по 90-тите го опишува како особено турбулентен за македонското новинарство.
-На крајот од средното образование одлучив дека тоа сепак е професијата која ја сакам најмногу. Почетоците беа во МРТВ – од скопската програма до вестите – паралелно со студиите. Подоцна дојде А1 и многу убави професионални години. За жал, од деведесеттите наваму, ние новинарите, а јас и како уредник, сме сведоци на многу турбулентни настани кои секогаш поминуваа низ македонското Собрание. Еден од нив е и 2001-та – Рамковниот договор, носењето на уставните измени итн. Тогаш новинарите буквално останувавме да известуваме до раните утрински часови – посочува таа.
Нејзината формула за успех е едноставна – внатрешен порив и силна професионалност. Верува дека новинарот мора да биде „свој на своето“, но и дека мора постојано да вложува во кредибилитетот.
-Сепак, за успех во оваа работа, барем според мене, треба да се има и внатрешен порив. Секој треба да биде „свој на своето“. Од друга страна, многу е важно постојано да се вложува во професионалноста, непристрасноста, да ја имате почитта од колегите, од една страна, но и довербата од гледачите, од друга страна. Новинарството е гласот на јавноста и навистина многу се радувам кога во огромен број случаи влијаеме да се придвижат нештата во позитивна насока. Битен е поддеднакво секој граѓанин. А, политиката е тука за да го потврди тоа, а не обратно. Верувам дека тоа е и мисијата на новинарството – да се држиме до вистината, до фактите. Особено ми е драго што низ такво искуство поминав и низ неколкугодишната работа во Радио Слободна Европа. И денес се радувам на секоја средба со колегите.и додава дека нејзината мисија веќе 15 години е Канал 5. Телевизијата ја чувствува како втор дом.
-Верувајте, имаме тимска и убава работна атмосфера. Секогаш знаеме да се пофалиме за добро сработената работа, критички да поразговараме за некои предизвици, и од друга страна, секогаш сум подготвена да им помогнам на помладите колеги – како што и јас на моите почетоци учев од поискусните уредници и колеги.- појаснува новинарката.
Нејзиното мото низ животот е „ секогаш да го правам тоа што го сакам и да го правам најдобро што знам. Важно ми е што јас имам, а не што имаат другите“.
- И некако, тоа ми дава убава хармонија на живеењето и ме води поуспешно кон секоја моја посакувана цел. На крајот од денот, секогаш стигнува тоа што го испраќаш. Ова го велам од искуство. И тука најмногу им должам на моите родители. Добив безгранична љубов од нив, но и беа духовен водач буквално кон секој мој успех и цел што ги постигнав во животот. Многу ми недостигаат. Заминаа прерано, особено мојата мајка. За неа, а сега и за мене, семејството, најблиските се пред сè и над сè. Последниве неколку години навистина ми се посебни во мојот живот. Имам една неизмерно убава обврска, да ги чувам, да си играм со нив, да ги подучувам на предизвиците што им претстојат – моите внуци од синот, Мато и Ника. Викендите, но и секое попладне и секоја вечер, се резервирани за моите деца, за ова прекрасно и незаменливо друштво. Кога ќе дојдам од работа, секогаш ме чека најсилната гушка и „многу те сакам“ – открива Галевска.
С.А.Н