Европската велосипедска сцена има нова кралица – и таа доаѓа од Скопје: Елена не знае за пораз

Добивај вести на Viber

На само 31 година, Елена Петрова од Македонија ја освои европската велосипедска сцена со енергија, истрајност и срце што не отстапува. На 8 јуни 2025 година, во живописниот Нови Сад, Србија, на престижната меѓународна велосипедска трка „Гран Фондо 2025“, оваа млада жена со неверојатна сила и страст го освои првото место – не само во својата возрасна категорија, туку и во генерален пласман кај жените.


Во конкуренција од над 500 учесници од цела Европа, Елена доминираше на патеката долга 100 километри со 1.500 метри искачување. Во конкуренција каде мажите и жените се натпреваруваа рамо до рамо, таа докажа дека кога срцето е посилно од заморот – граници нема.


„Ова не е само победа за мене, ова е победа за секоја жена што се осмелила да ги надмине стереотипите,“ изјави Елена, која со својот триумф испрати порака дека жените во спортот не само што заслужуваат внимание, туку и прават резултати вредни за почит.


Нејзиниот успех е доказ дека и од Македонија може да се тргне кон европските врвови – со страст, тренинг и верба во себе. Таа стана симбол на женска сила, инспирација за младите спортистки и потсетник дека победите не се случуваат само на подиумот – туку и на патот до таму.


И.С.