Ги обединува звукот и светлината: Интервју со виолинистката Костадинка Ончева која создава уникатно шоу во комбинација на музика, емоции и ЛЕД костими

Добивај вести на Viber

Со голема страст кон виолината и иновативниот сценски израз, Костадинка Ончева е виолинистка која со нејзиниот класичен инструмент, модерната музика ја спојува со современи технологии и визуелна магија. Со повеќе од 16 години искуство како педагог и изведувач, таа создава незаборавни музички доживувања преку комбинација на електрична виолина, ласерска харфа и впечатливи LED костими. Во ова интервју, ќе дознаете како ја носи љубовта кон музиката низ животот, како ги инспирира младите таленти и како настапите ги трансформира во вистински спектакли за сите сетила.

Уметноста отсекогаш била начин на себеизразување, па и за Костадинка.Музиката е јазикот што најјасно ги пренесува нејзините чувства и мисли. Таа не е само хоби или професија – туку дел од нејзиниот идентитет, нешто што ја обликува и ја води низ животот.

- Љубовта кон музиката ја носам во себе од најрана возраст. Се започна со виолината, мојата прва и најголема љубов, инструмент кој ме научи да ја изразувам секоја емоција преку звук. Подоцна ја открив и ласерската харфа, која ме фасцинираше со својата уникатност и современ изглед, но и со можноста да ја претставам музиката на поинаков, визуелно магичен начин. Сепак, виолината останува на прво место, каде што моето срце и мојата музика се чувствуваат најслободни.

Музиката никогаш не била само звук за неа – таа е доживување, приказна што треба да се почувствува со сите сетила. Токму затоа постојано бара нови начини преку кои може да ѝ даде нова димензија и да ја приближи до публиката на еден модерен, возбудлив начин.

- Секогаш сум сакала музиката да ја претставам на малку поинаков начин и да внесам свежина во нашите простори. Електричната виолина ми овозможува да ја комбинирам класичната убавина на музиката со современи звуци и енергични настапи, додека ласерската харфа е вистинска визуелна магија што го привлекува вниманието кај секого и ја буди љубопитноста кај публиката. Заедно, двата инструменти ми даваат слобода да создавам музичка што е и за уши и за очи.

Музиката не е само уметност или звук – таа е патување, а најубавото патување е она кое го споделуваш со другите. За неа, тоа патување започнува секој ден со младите музички души на кои им ја пренесува љубовта кон виолината и уметноста.

- Веќе 16 години секој мој работен ден започнува со звукот на виолината и детските насмевки во училницата во музичкото училиште „Боро Џони“ во Струмица. Прекрасно е чувството кога ќе видиш како едно дете првпат ја зема виолината во раце, прво со малку страв, но со огромна љубопитност. Со текот на времето, тие мали, несигурни прсти почнуваат да создаваат мелодии, а во нивните очи се гледа желбата и љубовта кон музиката. Виолината не е лесен инструмент, и затоа бара многу трпение и посветеност кон децата. А кога ќе го видам нивниот напредок, радоста кога настапуваат и среќата кога ќе освојат некоја награда на некој музички натпревар, сфаќам дека секој вложен момент вредел. За мене, тоа не е само професија, тоа е приказна што ја градиме заедно, тон по тон.

Кога музиката станува визуелно доживување, настапот добива ново значење. Виолинистката Костадинка Ончева ја претвора традиционалната изведба во современ, мултимедијален перформанс што ја освојува публиката. Со уникатна комбинација од електрична виолина, ласерска харфа и LED сценски костими, таа создава шоу кое не се слуша – туку се доживува со сите сетила.

- Секогаш сум верувала дека музиката е многу повеќе од само звук, таа е целосно доживување. Идејата за ваков уникатен перформанс ми дојде од желбата да ја доближам виолината и ласерската харфа до публиката на еден поразигран и посовремен начин. Веселбите и настаните се моменти кога луѓето сакаат да се забавуваат и да создадат спомени, па затоа ја комбинирав емоцијата на виолината со динамиката и визуелната магија на ласерската харфа. Сакав секој настап да биде нешто што ќе се памети, не само по песните, туку и по енергијата, атмосферата и начинот на кој музиката ги поврзува сите присутни. Со моите лед фустани го надополнувам секој мој настап, што носи еден несекојдневен израз во начинот на мојата изведба.

Зад секој впечатлив настап стои внимателно осмислена комбинација од звук, изглед и емоција. За Костадинка, сценскиот израз не завршува со музиката – тој продолжува преку визуелниот идентитет, кој ја прави нејзината изведба незаборавна.

- Верувам дека изгледот е многу важен дел од целокупното музичко доживување, но не секогаш е единствената причина зошто ме покануваат да настапувам. Лед фустанот и сценскиот изглед се мој начин да ја надополнат музиката и да создадат магична атмосфера која ќе ја паметат гостите. Сепак, најважно е емоцијата што ја пренесувам преку виолината, тоа е она што допира до луѓето и што ги тера повторно да ме побараат за нивните настани. Комбинацијата од визуелниот ефект и музичката енергија создава едно посебно искуство, а токму тоа, мислам, е причината зошто моите настапи се уникатни и издвојуваат од оние на другите колеги.

Во светот на современите музички настапи, каде што публиката очекува многу повеќе од само добар звук, визуелниот впечаток игра клучна улога. Костадинка тоа го знае многу добро – нејзините настапи се препознатливи токму по внимателно осмислениот сценски изглед кој ја надополнува музиката и ја носи публиката во сосема поинаков свет.

- Сценскиот настап отсекогаш ми бил важен дел од моите настапи. Тоа е причината поради која се издвојувам од останатите.

Лед фустаните што ги носам се специјално изработени и дизајнирани за моите перформанси. Изработени се од стручен тим од Белорусија кои се специјализирани токму за артисти кои настапуваат на големи сцени. Секој фустан е изработен според моето тело, така што не смеам многу да варирам со мојата килажа. Кога свирам на мојата виолина, облечена во мојот фустан, се создава впечаток како музиката да оживува пред публиката, а сцената се претвора во вистинска магија. Фустанот е мојот визуелен потпис, една дополнителна димензија која го прави настапот незаборавен и остава силен впечаток кај публиката.

Кога сцената се затемнува, а првите светлосни зраци почнуваат да трепкаат од нејзиниот костим, публиката знае дека следува нешто несекојдневно. За Костадинка, визуелната иновација е подеднакво важна како и музиката – токму затоа нејзините LED фустани и маски не се само облека, туку дел од нејзиниот музички идентитет.

- Во моментов имам два лед фустани и неколку лед маски кои се специјално изработени за моите настапи. Секој од нив е уникатен по својот дизајн, светлосни ефекти и комбинација на бои, со цел да се создаде посебна атмосфера на сцената. Иако тие се впечатливи сами по себе, јас редовно воведувам новитети. Тоа се најчесто нови светлосни ефекти, кои ги ставам директно во мојот компјутер кој се наоѓа во лед фустаните. Верувам дека публиката секогаш треба да види нешто ново и необично. Лед крилата кои ги користам на моите настапи се дел од перформансот за прв танц на свадбите.

Секоја изведба е внимателно осмислена, а секој настап — приспособен на енергијата на публиката. Костадинка знае како да ја крене атмосферата на повисоко ниво, без разлика дали се работи за журка, свадба или коктел-забава. Со спој на модерен репертоар, силна емоција и уникатен сценски настап, таа создава моменти кои се паметат.

- Свирам најразлични типови на забави, од тивки приеми, модерни коктели до незаборавни журки.

На забавниот дел (журка) најчесто изведувам енергичен и забавен репертоар составен од денс и поп-музика. Се трудам секоја изведба да биде динамична и да ја пренесам мојата позитивна енергија до публиката. Затоа избирам песни кои поттикнуваат играње и добро расположение. Репертоарот го приспособуваме и на типот на настанот, но секогаш задржуваме современ и жив ритам кој ги обединува сите на подиумот. Кога е прием или коктел забава тогаш свирам музика приспособена за самиот настан.

Немам една единствена омилена песна за прв танц, бидејќи секоја свадба е своја приказна и младите секогаш имаат различни желби. Сепак, уживам кога изведувам емотивни и романтични композиции кои имаат посебно значење за младите, без разлика дали се работи за класичен љубовен хит или модерна балада. Најубавиот момент е кога ќе видам како музиката што ја свирам им го прави тој прв танц незаборавен.

Иако зад секој настап стојат часови подготовка и внимателен избор на музика, токму спонтаноста на сцената е она што ги прави изведбите на Костадинка посебни. Со искуство и интуиција, таа умее совршено да ја балансира структурата со импровизацијата – создавајќи музички моменти што не се повторуваат.

- Секогаш настапувам со личен пристап, но и со простор за импровизација. Пред секој настап внимателно го подготвувам репертоарот и аранжманите, за да одговараат на настанот и публиката. Сепак, кога сум на сцена, дозволувам моментот да ме понесе. Понекогаш тоа значи да додадам нова мелодиска линија, да сменам ритам или да вметнам интеракција со публиката. Таа комбинација на подготовка и спонтана креативност ја прави секоја изведба уникатна и неповторлива.

По години настапи и креирање магија на сцената, кај Костадинка сè посилно зрее желбата да остави и сопствен музички потпис. Иако моментално фокусот ѝ е насочен кон публиката и живите изведби, идејата за авторско дело полека добива форма.

- Сум размислувала и верувам дека во иднина ќе дојде моментот за тоа. Во моментов сум целосно посветена на настапите и на создавање незаборавна атмосфера за публиката, но точно, размислувам за наше авторско дело. Тоа би било некое интересно дело по која ќе бидам препознатлива, со мој препознатлив звук и стил, нешто што ќе ја спои мојата љубов кон музиката и мојата сценска енергија.

Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива