Холивудските ѕвезди ја отворија Неделата на мода во Милано: Дел од нив никогаш помлади, Серена Вилијамс никогаш послаба...

Есенскиот моден караван продолжува во Италија. Тековната Миланска модна недела е различна од претходните во многу погледи. Неспоредливиот Џорџо Армани нема да биде таму за да се поклони пред публиката, но ќе ја видиме неговата последна колекција, како почит кон легендата и збогум на визионерот кој го промени лицето на модната индустрија. Исто така, четири куќи одлучија да претстават нови креативни директори на оваа ревија, а прва што го стори тоа беше империјата Гучи.
Денот пред отворањето на Неделата на модата во Милано, Гучи се осмели да направи необичен маркетиншки потег и ја претстави дебитантската колекција на својот нов дизајнер во формат на лукбук. Приказната „La Famiglia“ ги истражува архетиповите што го сочинуваат светот на Гучи, прикажани преку семејни портрети, од кои секој јасно дефинира нова ера што се сведува на три збора - секси, екстравагантно и смело. Неделата на модата во Милано започна со ревијата на оваа куќа, и потценување е да се каже дека моделите за пролет/лето 2026, дизајнирани од Демна Гвасалија, ги заинтригираа посетителите.
Во првиот ред беа холивудската дива Деми Мур во необичен фустан украсен со кристали, тениската ѕвезда Серена Вилијамс, која се одлучи за црна креација, неизбежната Ана Винтур во интересно, многумина велат доста смело „цветно издание“, а на ревијата присуствуваа и Гвинет Палтроу, Едвард Нортон, Лила Мос, Елиот Пејџ и други.
Демна има опасен предизвик пред себе. Од друга страна, има доста обожаватели на Гучи кои веруваат дека Џорџиецот ќе успее да ги надмине Том Форд и Алесандро Микеле, неговите претходници како креативен директор.
„La Famiglia“ секако се држи до ДНК-то на брендот - тука се нагласени рамена, панталони со низок струк, чанти, доза на драма во препознатливиот дух на „Гучи“... Секако, сите парчиња го носат и личниот печат на визионерот кој донесе низа револуционерни моменти во својата поранешна куќа, „Balenciaga“, и на некој начин ја прероди.
И новата приказна делува примамливо. Освежувачка и ветувачка, што е особено важно во овој момент. Имено, италијанскиот бренд забележа нов пад на продажбата од дури 25 проценти во првиот квартал во споредба со истиот период минатата година, и се чини дека само чудо може да го спаси. Но, Демна има визија што би можела да помогне.
РЖМ/ИС -- ФОТО: Инстаграм официјален профил Гучи
Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група