„Имам специфична љубовна афера со кафето - првото ми е ритуал за после емисија, го пијам со колегите“: Утринско кафе со Христина Спирова, радио водител

Добивај вести на Viber

Секое утро, додека градовите сè уште се будат, а сонцето срамежливо ѕирка преку прозорците, милиони слушатели го дочекуваат новото утро со познатиот, топол и ведар глас на Христина Спирова. Таа веќе пет години е неизоставен дел од радио тимот на Радио Канал 77, а преку „Утринското шоу“ го започнува денот заедно со цела Македонија.

Иако по природа не била утрински човек, динамиката на радио професијата ја научила денот да ѝ почнува пред сите – со првото „добро утро“ што го испраќа преку етерот уште од пет часот. Радиото, вели, не е само работа – тоа е магија. Тоа е невидлива врска со слушателите која се гради со искреност, енергија и посветеност – и која не се опишува, туку се чувствува.

Но Христина не е само гласот зад микрофонот. Таа е и уметник во душа – нејзината љубов кон уметноста е исто толку силна колку и нејзината страст за радиото. Меѓу боите и моливите, создава светови кои раскажуваат приказни без зборови. Црта, создава – со иста љубов со која го води и утринскиот етер.

Интересен е и нејзиниот личен ритуал – првото кафе го пие дури по завршувањето на емисијата, заедно со колегите. За неа, тоа не е само кафе – тоа е мал ритуал на благодарност.

Во ова интервју ќе ја запознаеме Христина малку поинаку – зад микрофонот, зад боите и зад микрофонот. Ќе откриеме која е девојката што секое утро нè буди со насмевка.

ЖМ: Од каде љубовта кон радиото и како започна приказната со Радио Канал 77?

-Најверојатно се започна од мојата наклоност кон јавен настап која сум ја имала уште од мала. Моите планови за кариерно движење беа сосема поразлични, но од денешна гледна точка, пресреќна сум што спонтано ми се наредија коцките да се запишам на Факултет за новинарство и односи со јавноста. Како студент добив прилика 4 години да бидам практикант во универзитетското радио, тоа искуство во комбинација со италијанските радија кои ги слушав во тој период уште тогаш ми всадија мисла дека радиото би било совршениот медиум за мене и почнав да се замислувам на местото каде што сум денес. Во моментот пред да почне приказната со Канал77 се занимавав со уметност, бев целосно откажана од работа во медиуми, но, за среќа, преку спонтан муабет дознав дека во Канал77 имаат потреба од водител, се појавив на состанок и така почна да се остварува мојот радиски сон во кој се остварив првично како водител, а сега веќе и како уредник на забавна програма.

ЖМ: Колку време трае радио љубовта и која е предноста на овој медиум?

-Токму овие денови навршуваат точно 5 години од мојата љубовна приказна со Канал77, но со оглед на тоа дека страста за радио ми е од порано, можам да кажам дека радио приказната во глава ми стои нешто повеќе од 10 години. Што се однесува на радиото како медиум, има посебна моќ која мислам дека ја докажавме и покажавме, особено во последните неколку години напорно трудејќи се да покажеме дека радиото е многу повеќе од тоа како луѓето се навикнале да го перцепираат претходно. Од аспект на водител, радиото има моќ да ти даде самодоверба, да ти ја доизгради личноста, да те научи да се поврзеш со луѓето од другата страна на етерот и странците да ги претвориш во пријатели. За слушателите, радиото е најдобриот пријател, поддршката што ти треба да го почнеш денот, да се одмориш од шефот, да се извозиш до дома на крајот на денот и друштвото со кое можеш да ги прославиш сите среќни моменти и на кое можеш да си ги кажеш маките. Денес радиото не е само медиумот кој „зборува“, денес радиото е и медиумот кој „слуша“.

ЖМ: Водител сте на утринска програма, дали веќе станувањето наутро е вашатаспецијалност или напротив се уште тешко ви е будењето?

-Пред да станам водител на утринско шоу, дефинитивно не бев утринска личност. Станувањето рано никогаш нема да биде моја специјалност, но затоа пак добив супермоќ да бидам инстантно расонета, секако откако прво ќе се изнамачам да се разбудам.

ЖМ: Сте задоцниле ли некогаш на емисија и како сте се снашле во таква ситуација бидејќи емисијата се емитува во живо?

-До сега ми се нема случено да задоцнам за емисија, но, ми се има случено да стигнам минутка пред да почнам да зборувам, како утрото кога сфатив дека сум без акумулатор на автомобилот и морав да трчам за да стигнам на работа и замислете, успеав да стигнам. За среќа кога се вклучува микрофонот се вклучува и „радио Христина“ и никој не би препознал дека сум трчала спринт пред да почнам да зборувам. (се смее)

ЖМ: Како ви започнува денот, со кој го пиете првото утринско кафе?

-Имајќи предвид дека работното време ми почнува рано, денот ми започнува со експресно подготвување за на работа дома и веднаш потоа следуваат 3 прекрасни часа со слушателите додека трае Утринско шоу. Моето прво кафе и не е баш утринско, затоа што, иако им е шокантно на многумина, јас не се расонувам со кафе туку со многу вода додека сум на емисија. Првото кафе ми е ритуал што го оставам за после емисија со колегите. Искрено, уживање ми е правењето на тоа кафе, зaшто ми е знак дека сум завршила со најважните обврски за тој ден и можам да се наградам со една фина пауза од работа.

ЖМ: Кои се бенефитите од кафето или од она што го консумирате наутро – дали сте забележале некаква промена?

-Можам да кажам дека имам специфична љубовна афера со кафето. (се смее) Не чувствувам толку некој физички ефект од него на себе, колку што ми носи задоволство се друго поврзано со кафето: моментот на време за себе со своите мисли додека си го подготвувам кафето, моментот на кафе муабет со колегите и генерално ставањето на денот на пауза. Одлична терапија што верувам дека функционира за сите.

ЖМ:Откријте ни како се прави кафе по ваш вкус...

-Јас и не сум некој умешен кафе мајстор, затоа кога јас го подготвувам, тоа е најчесто некое инстант кафе или турско без шеќер. Кога сакам вистински да уживам во вкусот на кафето, препуштам на професионалци да ми го подготват, па во тој случај првата опција е ладно макијато.

ЖМ: Што е она што ви дава дополнителна енергија освен испиената шолја кафе?

-Добрата музика, дефинитивно. Со самото тоа што работам во радио, музиката е во секој сегмент од мојот живот и има суштинско значење за мене. Вистинската песна во вистинскиот момент може да направи чуда за моето расположение и да ми даде елан за довршување на обврските. Всушност и денот ми почнува така, со омилената песна во моментот пуштена на најгласно на пат од дома до работа.

ЖМ:Што ве мотивира?

-Додека трае моето радио шоу, главна мотивација ми се слушателите, нивното присуство и нивната реакција на она што го правам. Кога ќе успееш да се поврзеш со луѓето од другата страна, да те прифатат како свој, тогаш навистина стануваш едно со радиото, а токму тоа чувство ме движи веќе неколку години. Ме мотивираат и разговорите со искрени пријатели и приказните на други луѓе со кои имам заеднички или барем слични страсти. Откако знам за себе имам безусловна поддршка од моите родители, тоа е основа на се што сум денес.

ЖМ: Кои се вашите дневни планови и обврски?

-Моите први обврски во текот на денот се врткаат околу планирањето на радио шоуто, стигнувам на работа, си ги средувам мислите и правам план за тоа што би сакала да им презентирам на слушателите, што е тоа за што би можеле да разговараме тоа утро. После шоуто, обврските продолжуваат со неопходната подготовка за материјали за следното издание на шоуто. Освен што имам обврски како водител, имам обврски и како уредник на забавната програма на Канал77, што подразбира и ангажман околу генерална подготовка на програмата и работа/менторирање на другите радио водители. После работа, првата обврска дома ми е да одморам и да си земам време за себе, и понекогаш, кога е возможно, попладневна дремка ми е совршен рестарт. По некоја домаќинска обврска исто добива простор во текот на денот, во случај да помисливте дека освен работата за друго не се ангажирам. (се смее)

ЖМ: Како ви завршува денот, што обично правите во приквечерието?

-Работата ми налага да бидам во тек со сите случувања, локални и светски, затоа приквечерието многу често го поминувам со телефон во рака „копајќи“ по интернет за да ги присоберам последните информации од денот кои би биле најсвежи за презентација за утрото. Желба ми е да го намалам времето со телефон во рака, но реално тешко дека тоа ќе се случи наскоро. Едно правило што си го имам поставено е дека најдоцна до 10 можам да „скролам“ по интернет. Си легнувам рано затоа што станувам наутро во 5 часот, затоа и преку неделата ретко може некој да ме види надвор.

ЖМ: Што повеќе сакате да прочитате книга или да гледате филм?

-Секогаш првично одбирам да изгледам добар филм. Во последно време посветувам внимание и на мотивациона литература, но видот не ми е силна страна и брзо се заморувам, па тешко ми е да поминам долго време со книга.

ЖМ: Со која убава мисла го започнувате денот... или го завршувате?

-Навечер заспивам во секунда и немам време за мисли, само за многу сонови, но мисла што ми стои длабоко во потсвеста на почеток на секое утро е “The sun will rise and we’ll try again“ - (Сонцето ќе изгрее и повторно ќе се обидеме).

ЖМ: Интерсно е што покрај радио водителството, имате едно многу убаво хоби, а тоа цртањето. Како го откривте талентот и како го развивавте?

-Би рекла дека ја имав среќата да го наследам талентот за цртање од мојот дедо, меѓутоа талентот не вреди без напорна работа, а јас низ годините ова свое хоби го претворив и во работа, поради што посериозно се посветив на уметноста. Од љупобитност почнав да работам и на дигитално цртање, па тоа е уште една вештина што ја стекнав низ годините. Најважното е дека никогаш не се откажав од таа пасија.

ЖМ: Што најмногу сакате да цртате?

-Дооолго, долго време не сум имала прилика да цртам нешто по свој вкус и за себе поради работните обврски, сега кога цртам тоа е поради конкретен ангажман. Во секој случај во моментите кога сум можела да си дозволам да бирам што ќе цртам, сум бирала теми што биле предизвик од технички аспект, значи теми со кои би работела на техниката на цртање. Најголем предизвик од секогаш ми бил хиперреализмот во уметноста.


ЖМ: Сте размислувале ли посериозно да се занимавате со ова хоби?

-Пред да донесам одлука да студирам новинарство, првичната идеја ми беше да го искористам талентот и да студирам графички дизајн. Тој план многу брзо се смени и сега сум каде што сум, на вистинско место во вистинско време, но сепак со уметноста како план Б.

Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Кире Андонов