ИНТЕРВЈУ : Хормони, превенција и грижа за себе: разговор за женско здравје со гинекологот Д-р Ивана Наков

Добивај вести на Viber

Го отвораме разговорот за женско здравје со специјалист гинекологот Д-р Ивана Наков од ПЗУ Поликлиника Манолеви која ќе ви ги сподели сите мали и големи тајни кои секоја жена треба да ги знае за своето тело и менструално здравје. Таа ни открива практични совети, ги разоткрива најчестите заблуди и ги охрабрува младите девојки и жени да се грижат за своето женско здравје со љубов и внимание.

1. Кои се вашите најважни навики за одржување на хормонален баланс?

„Хормоналниот баланс зависи од многу фактори, а моите најважни навики се насочени кон здрав и урамнотежен начин на живот. Најпрво, се трудам да имам редовен сон, бидејќи хормоните за стрес, репродукција и метаболизам директно зависат од квалитетниот одмор. Второ, исхраната – внесувам разновидна и балансирана храна, богата со растителни влакна, здрави масти и протеини, а ограничувам преработени производи и шеќери. Трето- физичката активност, вежбам во сала 2-3 неделно и се трудам да се движам што повеќе. Исто така, редовно практикувам техники за намалување на стресот, бидејќи  кортизолот има големо влијание врз сите други хормони. Секако, редовните превентивни гинеколошки прегледи се исто дел од мојата лична грижа за здравјето.“

2. Дали има „идеална возраст“ кога жената треба да почне поинтензивно да се грижи за своето хормонално здравје?

„Нема една единствена ‘идеална возраст’ – хормоналното здравје е важно во секоја животна фаза на жената. Сепак, би издвоила неколку критични периоди кога треба поинтензивна грижа. Во пубертет, кога организмот се адаптира на новите хормонални промени; во дваесеттите и триесеттите години,  особено ако се планира бременост; и во периодот по 35-тата година, кога природно започнуваат одредени промени во циклусот и плодноста. Најизразена е значајноста на хормоналната грижа во перименопауза и менопауза, кога симптомите и ризиците за здравјето се поочигледни. Со други зборови – колку порано започнеме со здрави навики и превентивни прегледи, толку повеќе придобивки имаме на подолг рок.“

3. Дали мислите дека во Македонија има доволно разговор за женското здравје и превенцијата?

„Сè уште недоволно. Женското здравје често се третира како тема за која се зборува само кога има проблем, а ретко превентивно и отворено. Многу жени сè уште се срамат да зборуваат за менструација, плодност, менопауза или сексуално здравје. Добрата вест е што последниве години гледам сè повеќе кампањи, едукативни работилници и медиумски простори посветени на оваа тема. Морам да ја пофалам dm drogerie marktкако компанија која во соработка со докажани експерти активно зборува и се труди да ја подигне свеста и едукацијата околу женското здравје. Важно е да ја нормализираме комуникацијата околу ова – и во семејството, и во училиштата и во медиумите. Тоа е најдобар начин за превенција и за охрабрување на жените да побараат помош на време.“

4. Кои се најчестите заблуди за женското здравје што сè уште ги слушате во пракса?

„Една од најчестите заблуди е дека гинеколошки преглед е потребен само ако постои проблем или болка – всушност, превентивните прегледи се клуч за навремено откривање на состојби. Втора заблуда е дека менструалната болка е ‘нормална’ и секогаш мора да се трпи – а всушност често може да биде сигнал за состојби како ендометриоза. Често слушам и дека во менопауза жената ‘завршува’ со грижата за своето здравје и женственост, што е сосема неточно – напротив, тоа е фаза кога со соодветна грижа може да се живее квалитетно. Исто така, има и заблуда дека сите хормонски терапии се опасни, а вистината е дека кога се користат правилно и под медицински надзор, тие можат да бидат многу корисни.“

5. Дали природните додатоци и органската храна можат да бидат поддршка за женското здравје или се само тренд?

„Природните додатоци и органската храна секако можат да бидат добра поддршка, но важно е да се гледаат како дел од еден поширок здрав начин на живот, а не како замена за него. Органската храна со себе носи помалку пестициди и адитиви, што е секогаш позитивно. Додатоците можат да помогнат во одредени ситуации – на пример, железо при анемија, витамин Д при недостаток, или омега-3 масни киселини за хормонален баланс. Но секогаш нагласувам дека најважна е индивидуалната проценка и консултација со лекар, бидејќи тоа што е добро за една жена, не мора да значи дека е соодветно и за друга. Затоа би рекла: да, можат да бидат корисни, но со правилна индикација.“

6. Кое едно нешто ќе беше подобро да го знаевте за женско/интимно здравје уште пред 10 години?

„Би сакала порано да (не би рекла знаев) сфатев колку големо влијание има стресот врз хормоните и целокупното женско здравје. Често го потценуваме неговото влијание, а тој може да предизвика и нерегуларни циклуси, и проблеми со плодност, па дури и симптоми на менопауза. Би сакала да практикував многу повеќе техники за релаксација и грижа за себе, верувам дека би си заштедила многу енергија. Тоа е и пораката што ја пренесувам на пациентките – слушајте го своето тело, вложете време во превенција и не ги игнорирајте малите сигнали што ви ги испраќа телото.“

https://www.linkedin.com/company/dm-makedonija/posts/?feedView=all

*ПР објава