Интервју со Билјана Ивановска: Не барам поддршка од партии, туку доверба од граѓаните на општина Центар

Добивај вести на Viber

Јавноста ја памети како бескомпромисна антикорупционерка, една од ретките кои не разочараа во мандатот, иако немаше многу алатки на располагање како претседателка на Државната комисија за спречување на корупција. Нејзината кандидатура за градоначалничка на општина Центар е позитивно освежување на политичката сцена, а ќе биде поддржана од граѓанските листи кои ја формираа платформата „Независни заедно“ и се во фаза на собирање потписи за регистрирање на политичка партија.

Додека некои политички сили се уште тактизираат за општина Центар, несомнено најпосакуваната локална власт во Скопје, Ивановска истапи со кандидатура која е базирана на интересите на граѓаните пред профитот. Но, дали тоа ќе биде доволно да се освои најпрогресивната скопска општина или пак неизвесноста и поделеноста токму во левиот прогресивен сектор ќе и донесе неспех во оваа нејзина прва кампања досега.


Додека ја вршевте функцијата претседателка на ДКСК важевте за личност која не е поврзана со политичките партии. Зошто сега се решивте да се борите за политичка функција - градоначалничка на општина Центар, на независната листа поддржана од „Независни заедно“ кои планираат да регистрираат нова политичка партија?

Ивановска: Дури и во вашиот тон споменувањето на политичка партија буди чувство на нешто негативно, бидејќи постоечките партии од осамостојувањето до сега се водат и шират анти-вредности на корупција и клиентелизам кои ја разградуваат иднината на земјата. Од друга страна се граѓаните кои секогаш се со изневерени очекувања бидејќи нивниот интерес е засенет од борбата за лични профити. Таа ситуација не може да се промени освен со окрупнување на граѓанството кое негува поинакви вредности, на чесно управување кон квалитетен живот во заедничка иднина. Ние сме токму тие граѓани кои сакаат чесно управување, визија за живот, а не профит и увидовме дека не може клиентелизмот и корупцијата да се победат на друг начин, освен да влезат поинаквите вредности на ист политички терен и да видиме дали има мнозинство кое ќе одбере различна иднина од оваа која сега ни се сервира.

Во мојот работен век, повеќе од 25 години работејќи како државен ревизор, ревизор за ИПА фондови и како претседателка на ДКСК, ги откривав слабостите на системот, ги разобличував скриените интереси и причините зошто системот не фунционира онака како што треба.

Многу добро знам како изгледа нефунционален систем но знам и како треба да се промени. По долгогодишно искуство во борба против корупцијата, чувствувам обврска да преминам од критика во конкретно дејствување, во случајов за подобар квалитет на живот во Општина Центар.

Никогаш не сум се раководела од личните интереси. И токму затоа, по завршување на мандатот, ниту се приклучив кон партија ниту барав политичка позиција иако имав понуди. Но кога ќе видите како повторно се враќаат старите практики, имате две опции – да молчите или да влезете на нивен терен, но со поинаква понуда и вредности. Јас го избрав второто – независно, транспарентно и со поддршка од граѓаните, да го промениме амбиентот за живеење.

На самиот ден кога ја објавивте кандидатурата „на врата ви затропа полиција“, за претходно поднесена кривична пријава против вас до ОЈО. Како го оценувате тајмингот на оваа постапка, редовна работа на обвинителството или обид за политички притисок?

Ивановска: Не сакам да верувам дека тајмингот е со некаква намера, но факт е дека се случи и предизвика лоша перцепција. Но, јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со „Независни заедно“ е отпор против воспоставената коруцпија и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација.

Која е вашата главна платформа на која ќе ја темелите политичката програма заопштина Центар, кои се главните проблеми на оваа општина и зошто таа е важна на политичката мапа?

Ивановска: Платформата ќе ја промовирам во наредниот период но, можам да кажам дека таа се темели на три столба односно основни вредности во секој план ќе бидат:

1. Отчетност и транспарентност, бидејќи општината е на граѓаните, а тие имаат право да знаат како и какви одлуки се носат во Советот на општината и го дефинираат квалитетот на нивниот живот

2. Инклузивност, бидејќи секој човек е важен и со својата уникатност придонесува за додадена вредност на заедницата.

3. Заедништво и солидарност бидејќи верувам во чесно лидерство кое треба да создаде услови за среќна и креативна заедница.

Како вашето искуство во борбата со корупцијата може да го примените во општина Центар, каде јавна тајна е дека влијанието на „урбаната мафија“ е преголемо во масовната бетонизација и градење без запазување на потребите на заедницата и животната средина?

Ивановска: Долго време сме сведоци што значи поддршка од голема партија’: урбан хаос, приватизирани јавни добра и бескрајни политички препукувања. Јавниот интерес на граѓаните како воопшто да не е важен. Најмногу од се ми пречи што јавните ресурси се распродаваат како на пазар, со единствен мотив – ПРОФИТ, без да се размислува за последиците кои сите ќе ги почувствуваме.

Јас не барам поддршка од партии, туку доверба од граѓаните. Центар е општина полна со паметни, активни луѓе – ќе работиме заедно, а не за нечии интереси. Имајќи предвид кои се ризици од корупција постојат, ќе се заложам за воспоставување функционален систем отпорен на корупцијата.


Големите партии и мнозинството од парламентарните партии си го кроеја Изборниот закон по сопствена мерка. Како ја оценувате правната и политичката неизвесност откако Уставниот суд ги укина членовите од законот за бројот на потребни собрани потписи на независните иницијативи и обидите потоа истото да се регулира преку Собранието но, неуспшено. Дали таа неизвесност изврши притисок врз независните листи и тоа во време кога изборите веќе беа распишани?

Ивановска: Секако, бидејќи неизвесноста многу долго трае. И покрај сите обиди на претставниците на независните да укажат на ризиците предизвикани од правната празнина поради Одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Изборниот законик, приказната заврши неуспешно што би рекла народната: „само се мати водата да не е бистра“ без доволно осет за демократија. Партиите со нивното однесување само покажуваат дека политичката волја е креатор на политиките и законите, па дури дека политичката волја може да ја постават и над законите.

Начинот на кој се вршат промените во изборниот законик се опструкција за оние кои се освестиле за игрите за профит на партиите. Центарци се свесни и се повеќе активни граѓани, тоа сме го виделе на неколку изборни циклуси во Центар. Дури и оние со политички симпатии кон некоја партија гласаат за опцијата која гледаат дека се бори за подобар квалитет на живот. Треба сите да научиме дека локалните избори се за нашето секојдневие. Дека одлуките во општината директно влијаат на нашиот живот. Центарци ова го сфаќаат и веќе покажале дека знаат како да иницираат промена.

Дали сега е вистинско време за формирање нова политичка партија, особено штоглавниот адут на независните листи беше токму тоа, дистанцирање од регистрираните политички субјекти и дејствување од граѓанскиот сектор конполитиката, може ли тоа да се одрази на вашата кампања?

Ивановска: Центарци се организираат за да си ја подобрат околината од 2017 година, неколку пати се во советот и никогаш не се зборело за политичка партија. Но, политиките партии ги одвлечкаа граѓаните во процес на формирање на партија, која патем да кажам нема класична партиска структура и ги обединува групите независни граѓани околу вредности за кои се борат во своите средини.

Но, морам да нагласам дека сегашниве околности наметнаа повеќе причини за формирање  политичка партија како инструмент да се дојде до извршна моќ и да се променат работите.

Една од нив, што е важна во моментов, е дека Државната изборна комисија усвои правилник со кој само со два потписа може да се учествува на избори како независен кандидат. Тоа што значи? Ако се знае дека за политичките партии местото на гласачкото ливче е горе, а по нив доаѓаат независните, на овој начин, ќе се создадене хаос кај независните бидејќи верувам ќе има многу кандидати но, со различни намери, некои со  намера да променат нешто, а некои со намера  да ги „помешаат лончињата“.  Оттука постои ризик гласачкото ливче да брои многу страници, а граѓаните нема ни да може да не најдат.

Има доста предности што креаторите на законите ги обезбедиле за политичките партии и го отежнуваат успехот на независните.

Вашата кандидатура се профилира условно кажано на левиот спектар на политичката мапа. Сметате ли дека од страна на левицата веќе има премногу кандидати за општина Центар. Тука е актуелниот градоначлник од редовите на СДСМ, потоа ЗНАМ најверојатно ќе има свој кандидат, а можни се и уште неколку кандидатури на независни или левичарски партии. Како ќе го надминете „шумот“ во левиот спектар во општина Центар но, и како планирате да ги освоите останатите гласачи?

Ивановска: Секој има право да се кандидира, тоа е демократијата. Не е тоа шум, тоа е здрава конкуренција. Пак ќе кажам Центарци веќе многу години наназад докажаа дека ја разбираат користа и прават разлика помеѓу локалната и државната политика. Јас ќе ја презентриам програмата и они едноставно ќе си одлучат што им треба во секојдневието.

Можеби е се уште рано, но дали има размислувања или планови како би настапиле во вториот круг на изборите, можни ли се коалиции или соработки со останатите политички субјекти?

Ивановска: Рано е за тоа. Нашиот фокус е сега да поднесеме точна кандидатура за градоначалничка и листа советници во шумата од датуми и правила кои верувајте се многу контрадикторни и различни за партија и за листа на граѓани.

Х.С.