Како дете на самохрана мајка, плус стечаец, услов воопшто да студирам беше да влезам во државна квота: Разговор со Валентина Вурмо

Иако не е случајно новинарка, вели дека професијата ја одбрала неа, а не таа професијата. Толку многу се сродила со новинарството, што не може да се замисли да работи која било друга професија.
Безкомпромисен професионалец, смета дека за добар новинар не е пресуден факултет, ти треба етика и доследно следење на еснафските начела. Но, секогаш се залага за високо образование.
Иднината на новинарството и зачувување на интегритетот на професијата ја гледа во еснафските здруженија кои според неа, треба да направат разлика помеѓу новинарство и негова злоупотреба.
Лично смета дека голем број „новинари“ го користат новинарството како параван да шират дезинформации и лажни информации, поради што денеска навистина е тешко да се стекне довербата и кај јавноста, но и кај изворите, кои се клучен дел од новинарската професија.
Во својата 17 годишна кариера често била на крстопат помеѓу етиката и јавниот интерес, неколку случки ѝ останале врежани во меморијата, но онаа случка во која одбрала да биде прво човек, па потоа новинар, ја смета за момент кога ја сфатила суштината на новинарството.
Се соочувала со притисоци, закани и уцени, замотани во фолија на „добронамерни совети“, но со трпение, професионализам и личен морал успеала да ги надвладее и да даде придонес во слободата на новинарите и постигнување на општа правда.
Наша соговорничка за „Женски магазин“ е главната и одговорна уредничка на „Фокус“ - Валентина Вурмо.
Во вашата работа, што се покажало како поедноставен начин за добивање информации – соработка со институциите преку пристап до информации од јавен карактер, или пак доверлив извор?
-Информациите стигнуваат многу поедноставно, односно побрзо, кога се добиени од доверлив извор. Во ова време, кога се се движи на брза лента, па така и вестите, брзината е клучна во нашата работа.
На пример, потребно е многу повеќе време, околу еден месец, да добиеш податоци побарани преку Барање за слободен пристап до информации, а ние за жал не секогаш имаме толку време, па затоа бараме и други начини што побрзо да стигнеме до потребните податоци.
Сепак морам да напоменам дека има институции кои се транспарентни и отворени, па бараните податоци некогаш стигнуваат и за еден ден, благодарение на комуникацијата и соработката со портпаролите.
Сепак, кога добиваш информација од доверлив извор, таа е во една чиста форма, која не е „нашминкана”, за да изгледа не толку скандалозна како што е. Многу е важно некој од внатре да ти шепне каде „зарибал” системот, да те насочи, па ти да продолжиш да „копаш” за да ја истражиш приказната.
Значајни се и информациите кои ги добивам од институциите, но најчесто тие ми служат да ја дополнам, поткрепам, докажам... сторијата потикната од доверливиот извор.
Затоа за еден новинар е многу важно да биде професионален и доверлив, за да може и да гради свој круг на доверливи извори.
Како се гради довербата со извор? Дали тоа е резултат на случајност – да се најдеш на вистинско место во вистинско време, или е процес кој произлегува од професионалниот имиџ и доследноста на новинарот?
-За да некој ти пристапи и сподели доверлива информација, треба да ти верува, но може и да не те познава, но да добил препорака од некој кој веќе добро те познава.
Како што се зголемува новинарско искуство се повеќе се зголемува и листата на доверливи извори, но ова важи само за новинарите кои се доследни и професионални во својата работа.
Во ова време, со толкав голем број на медиуми, а со тоа и на безброј дезинформации, но и со свесно напишани лажни вести, кои некому му служат за уцени или рекет, е навистина тешко да разграничиш кому да му веруваш.
Понекогаш навистина ми паѓа тешко кога сите (и професионалните новинари и оние самопрогласените) ќе нѐ стават во ист кош, и велат дека не ни веруваат, дека сите лажеме или имаме некакви интереси...
Сепак граѓаните кои ја следат нашата работа, знаат кому можат да му се доверат и веруваат, а кому не.
Се сеќавам дека на почетоците, но и подоцна, со години поминував часови во Кривичниот суд, следев судења и чекав појаснувања од соговорниците, од кои голем дел потоа станале и мои извори, бидејќи оцениле дека ја пишувам вистината и се залагам за правдата, но и заклучиле дека никогаш нема да ги разоткријам.
Дали новинарите денеска се носители на промени во општеството – рушители на предрасуди и промотери на позитивни вредности, или новинарството во современиот контекст доби сосема друга улога?
-И во минатото, но и денеска, новинарите мора и треба да се глас на невидливите и безгласните, разоткривачи на корумпираните, борци за правдата и вистината.
Обврзани сме да бидеме чесни, објективни и точни. Обврзани сме да ги браниме човековите права, достоинството и слободата, да придонесеме за јакнење на правната држава и да бидеме контролори на власта... Но, за жал во пракса не е секогаш така.
Како што кажав и претходно, меѓу нас има многумина кои ни го рушат достоинството и ни ја газат професијата. Па затоа дел, наместо контролори на власта (на било која), се нивни мегафони, наместо да придонесат за јакнење на правната држава, самите се однесуваат кримогено и непрофесионално.
Требаше уште оддамна да изнајдеме начин да се преброиме, односно нашите еснафски здруженија да направат јасна граница за тоа кои се професионални медиуми и новинари, а кои се оние кои го злоупотребуваат новинарството.
Во нашата професија, видот на образованието не диктира дали некој ќе биде добар новинар. Имам многу колеги кои не завршиле студии по новинарство, но се одлични истражувачи и професионалци. Затоа најважно е од се е да се почитуваат начелата и принципите, но и пред се, прво да сѐ биде човек, па потоа новинар.
Во вашата кариера, дали некогаш сте имале информација од висок јавен интерес, но поради лична етика одлучивте да не ја објавите? Колку е важен балансот меѓу етиката и трката по читаност, и дали токму тоа е најголемиот предизвик на денешното новинарство?
-Иако се сметам за брзоплета, односно самата на себе си правам притисок што побрзо да објавам некоја вест која сум ја дознала ексклузивно, сепак кога станува збор за информации кои се на некој начин сензитивни, тогаш навистина многу внимавам.
Имало информации, за кои сум знаела дека ќе предизвикаат големо внимани во јавноста и ќе донесат голема читаност, но за кои едноставно сум решила дека нема да ги објавам, бидејќи се коселе со моите лични убедувања и новинарски принципи.
Станувало збор за фотографии, снимки од времето на прислушувањето, информации поврзани со функционери или други јавни личности, некогаш и информации кои сум ги слушнала на судските рочишта, а за кои на мојот кантар надвагнале етиката и моралот, а не кликовите.
Така на пример, на едно од рочиштата за убиството на ,,Вања и Панче”, беше кажано точно чија ќерка наводно требало да се киднапира наместо малата Вања, но веднаш решив дека името не смее да се објави во јавноста.
Или, кога се случи трагедијата во Кочани. Како редакција одлучивме да не објавуваме видеа од моменти на пожарот, а кои сведочат за ужасот што им се случи на тие млади деца. Да објавивме за обидите да се изгасне пожарот или првата снимка за повикот да излезат, но не и снимки од нивните врисоци.
Но, понекогаш е многу тешко правилно да извагаш и да пресечеш...
Ако ги подредите по приоритет вредностите што ве водат во работата, како би изгледала таа листа? – Точност, навременост, корисност/импакт за заедницата, вистина/јавен интерес, етички и професионални стандарди.
-Навистина е тешко по редослед да се подредат вредностите, бидејќи речиси сите имаат голема важност, а дел и се поклопуваат, надополнуваат.
Всушност, секоја сторија треба да ги содржи, односно да се води од сите набројани вредности, од кои сепак на прво место ќе ја издвојам точноста. Доколку веста не е точна, тогаш нема што да одиме понатаму, сѐ друго пропаѓа во вода.
Дали постоеле моменти во вашата професионална кариера кога сте посакале да се откажете од новинарството и да се свртите кон друга професија?
-Во новинарството сум веќе 17 години, од кои 14 години во ,,Фокус”, а почетоците ми беа во дневниот весник ,,Време”. Почнав да работам уште како студент, бев четврта година на новинарските студии, на Правниот факултет.
Од првиот ден, па сѐ до сега, ниту еднаш, ниту за миг, не сум посакала да ја сменам професијата. Или како што велеа некои од професорите, еднаш новинар, засекогаш новинар.
Не дека понекогаш немало тешки моменти, но ниту одблизу не биле доволни да се откажам од професијата која ја обожавам.
Значаен момент е и тоа што за моја среќа работам во таков медиум, „Фокус”, во кој ја имам целосната поддршка истовремено и да бидам посветена мајка. Единствено нешто што можеше да ме тргне од професијата, барем на некој период, е доколку немав шанса да им посветам доволно внимание на моите две деца (ќерка 9,5 години и син 2,5 години).
Постои и една случка, поради којашто велам дека и професијата на еден начин ме одбра мене. Како средношколка сакав да се запишам на Книжевност, но по совет на мојот брат, го одбрав Факултетот по новинарство. Тогаш постоеше државна квота (200 евра) и приватна (600 евра). Како дете на самохрана мајка, плус стечаец, која ја загуби работата баш кога бев матурантка, а веќе и мојот брат беше студент, условот ми беше да влезам во државната квота.
За жал, за 0,25 бода, бев првата на списокот во квотата со 600 евра. Тажна, но без размислување, си ги земав документите од Правниот факултет и го чекав вториот уписен рок за на Филолошкиот факултет.
По неколку дена, се случи чудо, барем за мене. Ми стигна писмо од Правниот факултет, дека имало грешка, дека всушност сум последната која влегува во државна квота, па ме прашаа дали сакам да ги вратам документите. На мојата среќа и немаше крај. Затоа често пати се шегувам дека новинарството всушност ме одбра мене.
Иако ,,судбината" беше на моја страна, сепак да не беше поддршката и пожртвуваноста на мојата мајка, најверојатно никогаш немаше да станам новинар.
Многу ми е жал што изминатите неколку години нема интерес за студиите по новинарство, се запишуваат едвај по 10, за разлика од мојата генерација кога бевме над 100.
Како новинар, дали сте биле жртва на закани, уцени или притисоци? Доколку постојат такви примери, можете ли да ги споделите со читателите?
-Притисоците и заканите, директни или индиректни, често искажани и како „дробронамерни совети”, за жал не се реткост во нашата професија. На голем дел, кој не ги сметам за сериозни, не обрнувам внимание, но имало случаи кои имале влијание врз мене и мојата работа.
Едната случка е од почетоците на мојата новинарска кариера, кога и ја добив првата тужба за клевета и навреда, а која досега ми е единствена. Разликата од сега е што тогаш бев многу млада и со мало работно искуство, но и што тогаш клеветата и навредата беа кривично дело.
Да биде несреќата поголема, тогаш згасна и дневниот весник „Време”, па не можев да очекувам поддршка од медиумот. Тужителот бараше обештетување од неверојатни 50.000 евра, а текстот кој го објавив и денеска не го сметам за клеветнички, туку за откривање на една тендерска афера, која потоа стана интерес на уште голем број мои колеги!
Судскиот процес траеше околу три години, постојано ми беше во мислите и ме оптоваруваше, а згора на се тужителот ме предупреди дека сум била среќна што сум поминала само со тужба! Во меѓувреме клеветата се декриминилизираше, но тужителот не се откажа и ми поднесе тужба и пред Граѓанскиот суд. Подоцна сепак ги „закопавме секирите” и дојде до помирување.
РЖМ/МСК Фото: Приватна архива