Катерина Шехтанска: Растев во балетска сала и театар, паралелно одев на фудбал и бев спринтер на 100 метри

Катерина Шехтанска е сè – актерка, балерина, мајка, урбана уметница и жена која одамна научила дека гламурот не е стил на живот, туку фасада што брзо паѓа.
Жена со карактер што не се крие и стил што не се копира, со искреност која разоружува и став што се чувствува во секој нејзин чекор. Зборува отворено за модата, уметноста, убавината, храната и зошто не сака да личи на никој друг – освен на себе.
ЖМ: „Кога не би постоеле жените, дијамантот би бил обичен камен“ – рекол Виктор Иго. Колку за целокупниот гламур на жената се битни скапите и луксузни нешта? Каков е вашиот однос кон овие нешта? Дали сакате сè што облекувате да биде гламурозно или од позната фирма?
-Никогаш ниту сум растела, ниту сум стремела кон гламурот. Мислам дека воопшто не е битно што носиш, која марка, туку како го носиш. Имам брендирани парчиња зашто ми се допаднале, а не дека се тренд. Не патам од тоа и секогаш изгледам како да одам до пазар. Се средувам само за настан, ама тогаш знам да промашам.
ЖМ: Кои делови од облеката се ваша страст? Која ви е најомилена боја? И што најмногу доминира во вашиот ормар?
-Многу сакам панталони и фармерки, омилена боја немам конкретно. Носам во моментот што фатам или како сум расположена, многу не обрнувам внимание. Во ормарот имам сѐ и сешто, посебно сега кога и ќерка ми порасна, носиме заедничка гардероба. Така што колоритно и разнолико е.
ЖМ:Убавината може да биде непријател, а не сојузник на патот до успехот. За да се успее во животот, најбитни се квалитетот и вештината што ја поседува личноста. Како би ја надополниле оваа дефиниција со вашите размислувања?
-Убавината може да биде проклетство, а според нашиов менталитет... Некоја личност може да стане омразена, само затоа што е убава или убав. Однесувањето, интелектот и други карактерни особини повеќе ги ценам кај една личност. Но, да не бидам погрешно разбрана, сакам убави луѓе и сакам да се во мое друштво. И воопшто и на екран и на сцена сакам да гледам убави и реализирани ликови.
ЖМ: Какво дете бевте? Дали внимававте како ќе изгледате? Опишете го вашиот изглед како девојче: што најчесто облекувавте, каква ви беше косата?
- Многу темпераментно, бесно дете, со одлично детство и насочено кон уметноста и спортот. Не застанував, растев во балетска сала и театар, телевизија, паралелно одев на фудбал и бев спринтер на 100 метри. Не личев воопшто на девојче, никому не му бев симпатија, се тркав и си играв со машките. Мајка ми ме облекуваше во што ѝ дојде. Помодарка не сум била никогаш. На крајот на основното и почетокот на средното училиште заличев на девојче, поради балетот. Косата после седмо одделение ја пуштив долга. До тогаш ми беше кратка, а татко ми ми беше личен бербер.
ЖМ: Тинејџерските години се период кога го спознаваш своето тело и почнуваш да се формираш, да бараш и експериментираш. Каков беше вашиот стил во тој период?
- Доцна созреав и некако балетот беше тој што ме оформи. Немав многу избор, бев во сала по 12 часови, имав претстави и настапи. Тој период почнав во „Ребис“ и некако сѐ се одвиваше како на филмска лента.
ЖМ: Имате ли посебен однос кон храната – како израз на размислување и живеење? Дали готвите? Како ја одржувате линијата?
- Немам посебен однос кон храната, јадам сѐшто ми се јаде кога сакам и колку сакам. И месо и благо во големи количини. Знам да готвам, ама не сум некој посебен фан на кујната. Немам некоја линија, знам да вежбам, друго и не знам.
ЖМ: Емотивните кризи некои ги лечат со шопинг и менување на фризура. Со што го лечите лошото расположение?
- Со фризура. Веднаш одам кај Бубе Ин или купувам глупости најчесто.
ЖМ: Што најчесто може да ве насмее?
- Искрени, посебни луѓе во мојот живот, со кој во секое време знаеме да се изнасмееме на било каква глупост. Најчесто јас сум таа што кине зелени. Ама па не би била јас јас, ако не сум забавна во друштво.
ЖМ: Што најчесто ги советувате вашите деца?
Зборувам, многу зборувам. Мислам дека и досадна сум им веќе, ама ако - нешто ќе им остане во главчето. Кога тогаш и ќе речат: „Еј, мама вака ми зборуваше.“ Пред сѐ да бидат добри луѓе, да не прават зло, да помагаат, а ако не можат да помогнат, само да не одмагаат. Да имаат емпатија и основни морални вредности.
С.А.Н