Кога морето станува лек: Инспиративната приказна на Искра Донева лице со физичка попреченост и нејзиниот прв вистински одмор на плажа

Таа е поетеса, полиглот, академски образована жена со троен факултетски успех и авторка на бројни книги – но пред сè, Искра Донева е симбол на истрајност, интелигенција и тивка храброст. Родена со церебрална парализа, Искра од првиот ден води битка со ограничувањата што општеството и околината ѝ ги поставува, но никогаш не дозволила тие да ја дефинираат.
Иако најголем дел од времето го поминува во станот без пристап до лифт и со многу малку поддршка, оваа година ѝ се случи нешто навистина посебно – првиот вистински летен одмор. Подготовките за бања неочекувано се претворија во спонтан пат до морето, благодарение на близок пријател кој ја прифатил поканата да ја придружува на патувањето во Грција. Нејзиниот пријател кој често и помага во секојдневието го прифатил повикот со отворено срце, а – како што самата вели – за првпат го почувствувала морето „онака како што тоа го прави секој човек“.
За неа, ова патување не било само краток бег од секојдневието – тоа било чин на ослободување, длабоко лично доживување и доказ дека и покрај сите бариери, животот сè уште може да понуди моменти полни со светлина, топлина и надеж.
Иако имала три посети на море досега во нејзиниот живот, преку хуманитарни организации со други хендикепирани лица и со нејзината сега веќе почината мајка, Искра вели тоа било многу одамна, па чувството како е да се биде на море го имала заборавено. Па така неодамнешното патување за неа било како прв пат.
„Овој пат го доживеав како прв пат, оти мнооогу нешта на ова патување ми се случија прв пат во најубава смисла на зборот. Допатувавме ноќе, па шумот на брановите ни приредија смирувачка приспивна песна, а изгрејсонцето беше толку магично во безброј бои и нијанси какви не сум видела никогаш ни на компјутер и ќе го помнам додека сум жива“, вели Искра за првите импресии откако пристигнала на нејзиниот одмор.
И покрај убавината на патувањето, секое заминување од дома за лице со попреченост носи низа логистички и физички предизвици. Сепак, Искра вели дека овојпат сè минало неочекувано лесно и пријатно.
„Изненадувачки, на ова патување сè помина убаво и мазно, оти имав забавен, грижлив и одговорен придружник, патувавме со неговиот автомобил, сместувањето беше во простран и комфорен апартман на самата плажа во Лептокарија, од кревет во море, љубезна газдарица и емпатични соседи кои дотрчуваа во помош, кога и да беше потребно. Предизвиците при патување обично се, должината и комфорот при превозот, оти од седењето страдаат кичмата, колковите, колената, зглобовите, обемен багаж од помагала и куфери, за недај боже, непристапни тоалети по пат и во сместувањето, тешко влегување и излегување од вода, наоѓање соодветна гума и чевли за во вода, паркинг и слично … Сите тие беа среќно избегнати овој пат.“
Остварувањето на ова патување не било резултат на долги подготовки, туку на еден сосема неочекуван пресврт во последен момент. Судбината, како што вели Искра, ѝ подготвила пријатно изненадување токму кога најмалку очекувала.
„Интересно, јас веќе бев спакувана за на бања и чекав да ми потврдат слободен термин, но со неверојатен копнеж по морето во срцето, вечерта пред заминување случајно налетав на пост во групата за бесплатно сместување на ранливи категории за last minute можност некој да појде наместо друго семејство кое се откажало од здравствени причини. Ми се виде како знак, пишав, свртев неколку телефони и за среќа другар кој и онака многу ми помага во секојдневието се нафати да дојде со мене да ме придружува, помага, а џентлменски се погрижи и за сите трошоци како гориво, патарини, храна и слично, рече сместувањето е бесплатно, другото е од мене … Мое беше само да уживам …“
По едно вакво патување, полно со искуства и чувства што ретко се доживуваат во секојдневието, неизбежно се поставува прашањето – има ли момент што особено ѝ останал во сеќавањето? За Искра, одговорот не е еден, туку цела низа од мали, магични мигови што се врежале длабоко во нејзиното срце.
„Секој момент беше магичен, пеење по пат, будење и заспивање со шумот на брановите, величествени изгрејсонца и зајдисонца, одлична здрава готвена храна, чист воздух, пливање, топло и благопријатно сонце и море што барем времено ме ослободија од силните, заморни и досадни грчеви кои ги имам во целото тело 24/7, многу искрени и спонтани насмевки од срце, човечна грижа за сите мои потреби каква сум немала одамна, мнооогу сонце, шаренило и забава, долгопосакуваниот спокој, мир, инспирација, корисни книги, музика, шеги … Вечерите со поглед на море, уживањето во феноменот крвава месечина. Буквално се, се, се подреди за максимално уживање и прв вистински одмор за сите сетила, полно срце и душа“.
Патувањето за лица со физички попречености често е поврзано со стравови, неизвесност и многу непланирани предизвици. Но Искра има јасна порака за сите што се двоумат дали да се впуштат во вакво искуство.
„Само да си го следат срцето и да тргнат, бариери имало и ќе има, но исто така и неочекувана помош на патот … Во тоа е и авантурата и вреди да се ризикува да се излезе од четири ѕида кои често ни се затвор.“
Ова патување било и една голема инспирација за Искра да напише и многу стихови, кои ќе ја дочекаат светлоста на денот во некоја нова книга со нејзин потпис.
„Се разбира, напишав мнооогу стихови, речиси цела книга, еве неколку да споделам со вас:
Морски бранови
чиниш приспивна песна ни шумолат.
Изгрејсонце
румено и морски далги – будење во рај …
Рака за рака
итаме да го стигнеме зајдисонцето.
Галеб безгрижно
си прелетува морска шир. Му соблазнувам.
И врапчињата поразџагорени се на море и плажа.
Цел ден зјапам
во морските бранови. Се стрвам.
За Искра Донева, пишувањето не е само хоби или средство за творење – тоа е начин на живот, длабока внатрешна потреба и нераскинлив дел од нејзиното постоење. Кога зборува за поезијата, зборува со целото свое битие.
„Сето тоа заедно во едно и мнооогу повеќе. Тоа е еден постојан и зборлест извор во мене, Парнас и гејзер, кој клокоти неуморно откако знам за себе и не сакам да замолчи додека сум жива. Тоа е мојот најголем дар. Љубам да кажам, „Dum spiro, scribo“, додека дишам пишувам.“
Животот во инвалидска количка носи свои предизвици кои не се видливи на прв поглед. Искра Донева сака луѓето да разберат дека секое движење и секоја активност бараат огромна сила и приспособливост, но истовремено носат и голема желба за исполнет и смислен живот. Нејзината порака е да се цени храброста и човечноста, и да се разбере колку многу значи и најмалиот гест на поддршка и љубезност.
„Секоја активност и движење е огромен напор, бара мнооогу приспособување и снаодливост, но желбата за исполнет живот е голема, да ја почитуваат нашата храброст и да не се плашат да ѕирнат во нашите срца, оти таму има искрена љубов и другарство, да не земаат здраво за готово што можат да одат и да бидат љубезни и да помагаат кога можат, оти и најмал гест мнооогу значи и прави разлика.“
Достапноста на јавните простори и инфраструктурата за лицата со попреченост во нашето општество е сè уште голем предизвик. Искра Донева открива дека иако се прават обиди, реалноста е далеку од идеална – од неефикасни рампи и лифтови, до немарност од минувачите и општествената неприфатливост која ја чувствува особено откако останала сама.
„Многу лоша, и она што постои не се одржува и најчесто не функционира како што би требало. Дури и минувачите обично вртат глава, брзаат, не е нивен проблем ако сме заглавиле на скали, рампа, лифт, тротоар, дупка и слично. Недоволно, порано да, но откако останав целосно сама, многу ми е тешко, нашето општество нема никакви услови и разбирање за потребите за независно живеење на лицата со попреченост. Толку години гласно говорам на темата, а сè уште живеам во непристапен стан без лифт, со скали и нехумани услови.“
Во светот каде што сите се поврзани, но често и оддалечени, Искра Донева ја истакнува потребата од поголема човечност и вистинска грижа во општеството. Таа повикува на промени кои ќе ја надминат формалноста и ќе ја овозможат вистинската поддршка и разбирање за секој човек, без разлика на неговата состојба.
„Да се грижиме повеќе едни за други, здрави или не, никој не треба да е остров сам за себе, секому се може да му се случи, да не се прават нештата проформа во државата, туку да се функционални, за да ни олеснат барем малку и да сфатат дека и ние сме живи битија со топли срца и емоции и потреби кои можат да се корисни … Не сме само статистика … Само треба да ни дадат шанса …“
Она што ја води напред во тешките моменти е сонот да прооди, да има пристапен дом, да се заљуби, да стане мајка, многу идни книги, проекти, патувања … За девојките кои се наоѓаат пред сличен или ист животен предизвик како неа, Искра има искра надеж и храброст и секогаш позитивна во мислите кои ги споделува.
„Да биде своја, среќна, да зрачи со самодоверба на мис универзум, да учи и да работи на себе, оти нашата сила е во умот и срцето, да е отворена за пријателство и љубов, тие се околу нас …“
Пишувањето стихови постојано се нижат, вели дека создава трескавично без престан. Тетратките и дисковите се преполни со стихови.
„Имам над 30 готови книги за објавување, уште да се најде уредник и спонзор за тоа. Сакам да ги споделам со другите. Тоа ми е најголема радост.“
Габриела Додевска Глигоровска