Кои се Македонките кои Славчо Максимовски, академски графичар и сликар, ги претвори во симбол на гордост на изложбите низ Балканот

Добивај вести на Viber

Убавината не е само она што се гледа со очите — таа е светлина што извира од внатрешноста на секој човек. За м-р Славчо Максимовски, академски графичар и сликар, убавината на жените од неговиот народ е многу повеќе од надворешниот изглед. Таа е приказна за сила, достоинство, топлина и историски белези што ги носат во себе мајките, бабите, сестрите и пријателките. Во потрага по вистинската суштина, тој создаде изложба која го одбележа културниот простор - „Убавите жени на мојот народ“.

Овој проект не е само визуелна архива, туку и љубовно писмо до жените кои го носат срцето на нацијата, прикажувајќи ги нивните интимни приказни, нивната автентичност и непроценливиот придонес во општеството. И покрај предизвиците и недоволната поддршка, изложбата стана симбол на гордост и инспирација, која сега го најавува второто издание - нова можност да ја препознаеме и прославиме вистинската убавина во нас.


За мене убавината не е само форма, ниту само лик. Таа е светлина што извира од внатрешноста на човекот, нешто што може да се почувствува дури и со затворени очи. Убавината на мојот народ ја гледам во неговата историја, во рацете што создавале, во погледите што пркоселе, во тишината што знае да зборува повеќе од зборови. Жените се носителки на таа убавина - тие ја чуваат и ја предаваат понатаму.–вели Максимовски.

Од емотивната средба со зборот и мислата на Блаже Конески, се родила силна внатрешна потреба: да се прослави не стереотипната, туку суштинската убавина на жената од неговиот народ.

-Идејата  за овој концепт се роди во мојот омилен град Валенсија во Шпанија, слушајќи ја сосем случајно песната на Блаже Конески. Од тоа произлезе желбата да ја прославам уникатната убавина на жените од мојот народ - не само физичката, туку и нивната сила, достоинство и топлина. Сакав да создадам визуелна архива која ќе ја зачува оваа убавина за идните генерации и ќе поттикне гордост кај нас самите. – вели Максимовски.

Проектот се развивал низ соработка и длабоко внимание. Наместо само портрети, секоја фотографија носи симболика.


-Збирот на моделки внимателно го правев јас во соработка со моите соработници од „Ред Централ Продукција“. Во првата едиција сите жени не беа јавни личности. Имаше и жени кои не се познати на јавноста, но се несомнено значајни во своите професии. Во втората едиција има исклучиво јавни личности. Најголемиот предизвик беше да ја изградам довербата со учесничките. Многу од нив првпат ги запознав и требаше да се чувствуваат комфорно, слободни и свои, а тоа е тешко. Сакав да знаат дека не ги фотографирам само заради изгледот, туку заради она што тие го претставуваат.– открива уметникот и дополнува дека изградбата на доверба со учесничките е клучниот предизвик, но и моментот каде проектот добива своја вистинска тежина. Секоја фотографија е резултат на интимен процес.

Концептот е секоја жена да помине кратко „интервју од неколку прашања, кои се за мене важни за понатаму да склопам своја апстрактна визуелна приказна. Всушност тоа се нивни интимни искази и размислувања, кои потоа на визуелен начин преку фото манипулација ги носат на себе на фотографијата. Сакам да го фатам мигот кога жената се чувствува своја, достоинствена, горда, кога не позира за светот, туку за својата душа. Тоа може да биде еден ненадеен поглед, благо движење на раката, насмевка што се раѓа без причина. Во тие мигови, вистината и убавината се едно.– посочува тој.


Максимовски не бега од современите изрази, но не заборава ни на корените.

Сакав да прикажам разновидност и автентичност. Не можеме да избегаме од современите начини и практики на изразување, но исто така не смееме да избегаме и од нашите традиции. Јас ги гледам како два јазика на една иста песна. Традицијата е коренот, тишината на земјата што не заборава. Современоста е крикот на сегашниот миг, желбата за иднината. Кога ги спојуваш двете, добиваш портрет што зборува за целата приказна на еден народ, не само за сегашноста. Затоа што убавината не постои во шаблон, туку во индивидуалната приказна на секоја жена.– вели тој и ја открива најголемата лекција што ја добива од целиот процес длабоко човечка.


- Оваа заедничка приказна ме научи дека секоја жена носи космос во себе. Не постои „обична“ жена. Секоја носи белег на љубов, на болка, на борба или на надеж. Секој белег е убавина. Со овој проект повторно се заљубив во мојот народ, во неговите лица и во неговите приказни – открива уметникот.

Но, токму публиката и искрените реакции ѝ даваат сила на изложбата:

-Би бил многу среќен и исполнет ако секој посетител кој би ја погледнал изложбата замине  со чувството дека го видел сопствениот лик во очите на другите. Сакам да почувствува гордост и нежност во исто време. И, можеби, да сфати дека убавината не е далеку, ниту во идеали што не се достижни — туку е тука, во нас, во нашите мајки, сестри, баби, пријателки.Оваа изложба е визуелно љубовно писмо до мојот народ и до жените кои го држат неговото срце живо.– посочува Максимовски.


Иако проектот носи јасен национален карактер и вредност, за жал, не наоѓа целосна поддршка во земјата:

-Со огромно жалење сакам да напоменам дека иако овој проект е со национален предзнак и треба да е радост и предизвик за нашата нација, досега не беше препознаен од ниедна поголема општествено одговорна компанија која би застанала како партнер за реализирање на истата. Треба многу да учиме и гледаме како тоа го прават останатите, кога има ваков проект во национална смисла. Сепак, со минатата едиција освен во Македонија се претставивме и во Загреб, Република Хрватска. А оваа првично ќе биде во Хрватска и уште во две балкански земји. Освен минималната помош која ја добиваме од ресорното министерство, која не е доволна ниту за организациските трошоци, за среќа имаме помали фирми кои ни помагаат во реализацијата. – заклучува Максимовски.


С.А.Н