Кучињата завиваа со мене, додека се кинев од болка и урлав по куќата до изнемоштеност: Јулија Мациевска за личната загуба која ја претвори во мисија за општеството

Една мајка, една ќерка, една книга, еден портрет и манифестација „Љубов за сите„ – сведоштво дека душата не заминува, туку засекогаш останува во љубовта и уметноста.
Јулија Мациевска – водителка, пејачка, мајка, жена која ја претвори тагата во светлина, а личната загуба во мисија за целото општество.Три години не пишуваше само книга и не црташе само портрет – таа го лекуваше срцето. Не создаде само манифестација –туку изгради мост меѓу овој и небесниот свет. За својата ќерка. За Андријана Мациев, реномиран македонски ликовен уметник, која остави вредни дела за својот краток живот. Остави голема трага и за време на нејзината борба со канцерот, кога и во најтешките моменти дејствуваше мотивирачки за целата јавност, особено за сите кои го поминуваа истиот пат.
- На 16 септември (утре) во прекрасниот амбиент на Сули Ан ќе се одржи осмото издание на манифестацијата „ЉУБОВ ЗА СИТЕ“. Ќе се промовира автобиографската книга на мојата ќерка Андријана „ЈАС СУМ ЖИВА“ во издание на „Икона“. Коавтор на книгата сум и јас, на некој начин таа е заедничка, бидејќи морав да ја завршам, зашто таа не успеа тоа да го направии. Исто така, ќе има изложба на ликовните дела на Андријана Мациев, од три циклуси на нејзиното сликарство, за што ќе зборуваат истакнати уметници од истата област. Ќе биде откриено и моето ликовно дело „АНГЕЛОТ АН“ кое го насликав со многу љубов за мојот Жив Ангел Небесен АН, онака како што ја видов во Вечноста, во техника акрил на платно, со димензии 1,40 см на 1,00 см и тоа дело ќе се најде на насловната страна на книгата.
Ќе има културно уметничка програма, пригодна за настанот. Ќе настапи женскиот хор „ФРИДА“, под диригентство на Сузана Турунџиева, а актерката Емилија Мицевска, ќе чита извадоци од книгата. Ќе отпеам и две госпелни песни, посветени на Ан и во слава на Бога и мајката Божја, од кои едната ја подготвивме заедно со хорот „ФРИДА“. Бидејќи Ан имаше желба да го слави својот роденден и да дува свеќички, ќе имаме и торта. Ќе дуваме свеќички, славејќи го нејзиниот Земен роденден и се она што ни дојде како благослов од Бога, за нејзиниот живот на земјата и Животот, кој продолжува во Вечноста – вели Јулија на почетокот од нашиот разговор.
ЖМ: Книгата „Јас сум жива“ е сведоштво за болката, страдањето, но и бескрајната поврзаност меѓу мајка и ќерка. Како се справувавте со тежината да ја пренесете нејзината вистина и да ја завршите до крај?
- Три години ми требаа за да го ставам во компјутер она што Ан го напиша, со своја рака, во тетратките и бележниците, во најтешките моменти од својот живот. Ќе започнев, па ќе оставев... Тоа беше болка која не се опишува, особено кога ќе ги прочитате мислите на своето дете, во моментите кога му било најтешко. Кога она што веќе го знаете и сте го поминале, ќе го прочитате и ќе дознаете низ што поминувала таа во себе. Колку и да знаев, ова беше толку болно, што додека ја ставив во компјутер, ја препрочитав 20 - 30 пати. Да реагирам посмирено на некој начин и да ѝ ја исполнам желбата. Бев во тешки емотивни процеси, не знам со колку солзи се натопени сите тие страници и со колку прашалници, зошто мораше така да биде? Но, во тие тешки процеси, всушност се соочив со најдлабоката болка и тага, лице во лице. Денови и денови во осама, во тишина - јас, болката и Ан. Моите кучиња завиваа заедно со мене, додека се кинев од болка и урлав по куќата до изнемоштеност. Но, кога во сета таа бездна, која решив сама да ја изживеам, зашто бев свесна дека нема и не може никој да ми помогне, ќе ме погалеше свесноста, како знак, како одговор кој доаѓаше од таму од каде најмалку очекував одговор. Знаев дека сепак не сум сама и дека, ако успеам да поминам низ овој процес, ќе ги зацелам моите рани, барем толку, за да можам достоинсвено да го одам патот и да го понесам својот крст, колку и да е тежок. Затоа што само Бог ја има пошироката слика и затоа што, сето ова, ако ни се случи нам, има причина, има мисија за која не сме биле свесни. Затоа што Ан ни на мравка не газеше, затоа што беше навистина добра и доблесна личност, затоа што се трудевме секогаш да правиме добри дела, а нашето мало семејство, ни беше свето. Ние си бевме свето тројство и живеевме во нашиот свет.
Фала Му на Бога, што ми даде сила, да ја завршам оваа книга, која е нејзина автобиографија и опфаќа период од дете, па сѐ до месец- два, до нејзиното заминување од оваа димензија. Книгата е длабоко суптилна и интимна. Има сегменти од нашите животи, кои јавноста ќе ја остават и во прашалници и во чудење, затоа што на нашиве простори, до сега, барем јас не познавам некој, што така ја распослал и разголил својата душа. Ништо не променив, од она што Ан го напиша, всушност, тоа е животот. Нема од што да се срамиме или да бегаме. Преку нејзиното пишување се соочив повторно со некои фамилијарни болки и конечно ги исцелив. Почувствував потреба да ја дозавршам приказната, затоа што читателот, би останал со недовршена приказна, и мислев дека, тоа ќе го направам на неколку страници. Но, не излезе така. Излезе дека напишав и јас уште една биографија или книга во книга. Уредничката на книгата, еден ден ме повика кај неа и не можеше да ги запре своите солзи. Толку многу плачеше, што бев збунета. Плачев и јас, а таа ми вели: „Јас од она што го прочитав, не можам да си поверувам низ каква голгота сте поминале и не знам со кои зборови да те утешам, кога низ она што си го поминала, јас не сум ти ни до глуждовите на стопалата“.
ЖМ: Насловот на книгата е инспириран од вистинско ваше доживување. Кога ја слушнавте АН како ви вели: „Јас сум жива“, што беше првата мисла што ви помина низ душата? Кога тоа се случи?
- Да, насловот на книгата дојде од јавувањето на Ан на повеќе пати, не само кај мене, туку и кај некои духовни луѓе, кои се на висока фреквенција. Конекцијата со другата димензија можат да ја доживеат луѓе кои се прочистени, кои вибрираат на фреквенција на безусловна љубов, кои се во мир и не се толку врзани за материјалниот свет. Јас имав само една желба, во моите молитви кон Бога. Да ми овозможи да ја почувствувам душата на моето дете, зашто душата е вечно жива. Телото е минливо, но душата го продолжува својот пат. Да можам јасно да ги распознаам знаците на патот и јазикот на мојот Ангел. Во книгата е опфатен период од само неколку месеци по заминувањето на Ан од оваа димензија, затоа што ќе беше премногу да се опфати период од три години. Но, сосема доволно да се разбере суштината на она што ние го нарекуваме смрт, а тоа е всушност само ПРЕМИН, во друга димензија, во друг живот.
ЖМ: Која беше пораката на АН која сакаше светот да ја разбере преку оваа книга? Што ќе се промени кај луѓето кога ќе ја прочитаат?
- Оваа книга открива многу вистини, ја буди свесноста, дава одговори на многу прашања, нѐ уцврстува во верата, кога таа ни е најмногу нарушена, ни открива што е љубовта, всушност безусловна љубов и безусловно давање. Ќе биде многу лековита за сите оние кои ги изгубиле своите чеда и од кои постојано добивам прашања од каде ми е силата и како успеав да се издигнам над сево ова и на ваков начин да го славам името на Бога и името на мојот Жив ангел небесен Ан. На крајот открива една шокантна вистина, зошто канцерот не е излечив, како што многумина мислат, а Ан толку многу веруваше дека е излечив.
ЖМ: Како се живее со празнина што никогаш не се пополнува, туку само се учиме да живееме покрај неа?
- Видете, кога човек живее во лутина, во тага, во бес, поради загубата, ќе чувствува уште поголема празнина. Јас, како некој кој долги години работи на себе, знаев дека морам да работам сега уште повеќе, на трансформација на тагата, во безусловна љубов. Зашто само безусловната љубов е лек за сѐ и може да направи трансформација. Сето стекнато знаење, низ годините, го применив на себе, соочувајќи се со болката свесно и свесно донесувајќи одлука, да не западнам во улога на жртва, туку достоинствено да го одам животот, до каде ми е даден од Бога. Понизно и со љубов да ја одам новата мисија и кога ќе донесете свесно одлуки, тогаш од Бога ви се спушта Божја милост, која ви ја надополнува празнината, зашто си свесен дека во Бога сите се живи и дека смрт не постои. Свесен си за физичката одсутност и недостасува и тоа како, но Бог наоѓа начини како да ја пополни таа празнина. Ти дава можности за нов израз, за нова креација, која му е Нему Богоугодна и така кога свесно служите на Бога на земјата и храбро го прифатите својот крст, духот е тој кој ќе ве возобнови и ќе направи чуда.
ЖМ: Дали болката е патот до вистинското духовно будење, или само еден од патиштата?
- Нема будење, со лагоден живот. Најмудри луѓе се оние кои поминале низ разно разни искушенија и премрежија. Јас би сакала сите луѓе да живеат безгрижно, но се уште фреквенцијата на планетата не е на тоа вибрационо ниво, иако се тежнее кон тоа. Луѓето не можат да се прочистат, ако не доживеат пад, зашто човековото его е секогаш незадоволно и бара повеќе. Всушност и сведочиме какво темпо се живее, ако сами не закочиме и свесно не одвоиме време за себе и за Бога. Локомотивата е захухтана и просто јури со огромна брзина. Само од поединецот зависи, дали ќе излезе од вагонот или ќе се плаши ако излезе, да не остане сам. Но сѐ додека сам со себе не се соочиш, нема ни да се разбудиш.
ЖМ: Често пишувате статуси во кои отворено зборувате дека ја чувствувте присутноста на своето дете, откако физички го нема. Како изгледа тој миг што го надминува физичкиот свет?
- Јас постојано добивав пораки од Ан, да погледнам во нејзините бои и четки и да почнам да го сликам животот во бои. Но тоа ми беше многу тешко, иако од секогаш сум имала талент за цртање и сликање. Но кога Ан стана уметник, јас тоа го заборавив, бев радосна што таа го живее својот сон. Но кога пред една година, повторно добив порака да почнам да сликам, јас решив дека конечно е време да го направам тоа. Во истиот момент ми се појави на фејс, пост за школа за цртање и сликање, а гледам презимето познато. Сфатив дека тоа е другарка и на Ан, Елена Галика, заедно студираа на ФЛУ. И таа сега отворила школа. Леле, си реков ова не е случајно, Ангелчето ми покажа кому да му се обратам. Ѝ ѕвонам на Елена и кажувам што ми се случи и таа ми вели: „Доаѓај веднаш.“ И така започнав да одам на часови, затоа што ми беше полесно, отколку дома. И не знам едноставно, уште веднаш знаев да сликам. Со асистенција на Елена се опуштив и направив за неполна година, неколку прекрасни дела и тоа веднаш на платно.
Но предизвикот беше, кога решив да ја насликам Ан. Тоа беше моја желба уште пред да почнам да сликам, некако имав чувство дека еден ден ќе ја насликам Ан. И така и се случи. Ѝ реков на Елена дека сакам да ја насликам Андријана, онака како што ја видов, како Ангел, но не знам дали ќе успеам во тоа. „Ќе успееш, - ми рече Елена - како успеа со претходните, така и со оваа.“ И навистина успеав, дури и не ми се веуваше, се надминав самата себеси, затоа што јас сликам неполна година. А да насликаш портрет е, ми чини најтешко во сликарството. Но јас имав процеси додека сликав. Обично ќе започнеа солзи сами да ми течат додека почнам, а потоа сѐ се завршуваше со некоја радост, милина, ослободување... Навистина беше чудесно и прекрасно чувство, ете како да бев со Ан. Знаете јас го знам се уште јасно секој дел, секој милиметар од нејзиното тело, од нејзиното лице. Ништо не сум заборавила, времето не избриша ништо. И кога на секој тој дел, на секој милиметар, ќе му посветите толку љубов и внимание, вие не може, а да не се поврзете со своето дете. Како да ја оздравев, како да ѝ ги излечив сите рани, мојата Ан, ѝ дадов дел од себе како мајка, повторно. Она чувство дека конечно го видов своето дете, здраво право, совршено, какво и што е, во Бога. Се радувавме со Елена, навистина беше чудесно, а и во суштина толку ми одеше лесно, како цел живот да го работам ова. Му благодарам на моето Ангелче, што ми даде водство и ме насочи да сликам, еден ден најверојатно, тоа можеби ќе ми стане и примарна професија. Затоа што знам, дека сега би сликала и би сликала и ништо друго не би работела. Толку ми дава мир, исполнетост... открив една нова димензија во себе, која е навистина фасцинантна.
ЖМ: Која е вашата светлина, сега кога АН ја нема, што ве води напред? Дали е тоа внуката Стефанија?
- Мојата светлина е пак Ан, тоа се гледа од делото кое го насликав. Ан е сеприсутна, Ан е жива, независно од формата, независно што, тоа не е физичко тело, затоа е уште посилна светлина. Нејзиното светлосно тело, нејзиниот светлосен Ум, ме греат катаден. Јас секојднево сум инспирирана од Ан. А таа е слободна, не сум ја врзала со постојано жалење, зошто ја нема, каде е, едноставно знам дека душите кога ќе се оддвојат од телото имаат свој пат и ние не треба да им пречиме во тоа. Но знам и дека таа душа, знае кога да ни се јави, кога да ни даде знак. И во Бибијата се вели: ПОВЕРУВАЈ, ПА ЌЕ ВИДИШ. Јас поверував и верувам и сведочам на она во што поверував. Луѓето во принцип, не веруваат, затоа и не можат да видат. Не велам дека е тоа лесен пат, не, треба навистина да се искупиш кај Бога за таква милост. Фала Му и слава.
Стефанија е моето сонце, овде на земјата. Се радувам што израсна во прекрасна девојка. Дипломираше на Факултетот за драмски уметности и навистина се радувам, што и покрај тоа што доживеа големи трауми, големи емотивни падови, успеа да се издигне и таа како мене, како Феникс од пепелта. Ние веруваме во исти работи и тоа е она што ни го осветлува патот, а уметноста пак е една димензија која исто така и нејзе ѝ помага, духовно да расте, созрева и да се изразува. Се сложуваме добро, се поддржуваме, и правиме некои работи, онака како што би сакала Ан, но сето тоа без притисок, едноставно, свесно, присутно и со многу љубов.
Соња Алексоска Неделковска