Мајка ѝ е од Кавадарци, татко ѝ е Англичанец: Како актерката Изабела Јованова Хивер стана „кралица на Шкотска“

Изабела - Јованова
Хивер (25) е талентирана македонско - британска актерка, со живеалиште во
Лондон. Tечно зборува англиски и македонски јазик. Говори со префинет британски
акцент (RP – Received Pronunciation) и со својата културна разновидност ѝ
придава уникатна димензија на секоја улога.
- По дипломирањето на Правниот факултет при Универзитетот во Бристол, ја следев својата страст за актерството, обучувајќи се во две од најпрестижните драмски школи во Обединетото Кралство – Arts Educational Schools и Royal Central School of Speech and Drama. Се стекнав со диплома магистер по Драма, актерство и продукција. Не посакав да продолжам со правото, бидејќи не го чувствував како моја вистинска животна насока. Театарот ја будеше мојата вистинска страст – вели Јованова -Хивер за титулата што ја потврдува нејзината длабока посветеност и стремеж кон професионална актерска кариера од највисок ранг.
По завршувањето на магистерските студии во ArtsEd во летото 2024 година, Изабела активно работи во театарската продукција и на на аудиции за филмски и сценски улоги. Има настапено во неколку телевизиски реклами за познати брендови, вклучувајќи ги Costa Coffee, Virgin Media/Argos, и Otterbox, покажувајќи ја својата уверлива појава пред камерата.
- Од мојот театарски репертоар би ја издвоила главната улога во претставата Patient Vultures на фестивалот Vaults, под режија на Мелон Принс, како и улогата на Мери, кралица на Шкотска, во својата финална продукција на драмското училиште. Летово ќе настапам и во претставата Waiting in Love на реномираниот Единбуршки Фринџ Фестивал. Постојано одам на аудиции, и како девојка во моите средни дваесетти години, спаѓам во една од најконкурентните категории за кастинг, па затоа сум навистина благодарна за улогите што досега успеав да ги добијам. Мојата прва работа по драмското училиште беше театарска претстава во локалниот театар, каде што требаше да зборувам со акцент од Бристол. Тоа беше многу корисно за вежбање на акцентите, и исто така за примена на техниките што штотуку ги учев во драмското училиште – открива актерката.
Изабела длабоко ја негува својата македонска културна припадност и е особено заинтересирана за работа на проекти на македонски јазик. Таа посветено се залага преку актерството да ја претстави и промовира убавината на Македонија – културата, начинот на живот, хуморот, и секако, неодоливата македонска кујна.
- Постојано доаѓам во Македонија. Годинава бев трипати во Кавадарци, родното место на мајка ми. Би сакала да работам во Македонија и да соработувам со продуценти тука. Тоа е нешто што одамна се обидувам да го постигнам и да работам во таа насока. Македонија е навистина посебна земја со уникатна култура, и би сакала да го претставувам и негувам тој дел од моето потекло. Мојата визија е создавање на спој помеѓу македонската и британската филмска уметност, со цел да се донесат автентични македонски приказни до интернационалната публика - заклучува актерката.
Соња Алексоска Неделковска


















