„Македонците ја нарекуваат пример за ќерка на татковината“: Таа е Ромка од Македонија, веќе 20 години живее во Шведска и пишува книги на македонски јазик!

Добивај вести на Viber

Снежана Ана Јашароска е родена во Македонија, во општина Шуто Оризари, и таму израснала. 

Во Македонија како што самата вели ги поминала едни од најубавите години од својот живот. И покрај тоа што веќе 20 години не живее во Македонија, сѐ уште ја чувствува како своја земја. 

По националност е Ромка, но е многу горда кога од македонската публика на социјалните мрежи ќе добие комплимент дека е „вистински пример за ќерка на татковината“.

Нејзиниот професионален пат започнал како педагог во предучилишно образование, каде работела и како ресурс за деца со посебни потреби и за деца со аутизам. По осум години педагошка работа, решила да ја смени професијата и започнала студии по медицина. 

Денес работи како медицинска сестра во државна болница во Карлскрона и истовремено се ангажира со палијативни пациенти. Волонтира и помага на жени кои се жртви на семејно насилство и на ранливи групи.

 Активна е во промовирање на ромската култура и унапредување на правата на ромската жена. Креира и содржини за своите социјални мрежи кои поттикнуваат секогаш јавни дебати и актуелизираат важни теми. 

За Македонија вели дека е нејзина земја и дека никогаш не би ја менувала за ниту една друга држава. 


1. Како ја перципираш совреманата жена во Македонија? Кои се нејзините доблести, а што ѝ недостасува?

 -Современата жена во Македонија е активна, образована и динамична. Таа успешно го комбинира професионалниот и личниот живот, се занимава со работа и семејство, а истовремено учествува во општествени промени и ја негува својата култура и традиција.

Многу жени денес се присутни во јавниот и политичкиот живот и користат технологија и социјални мрежи за да ги споделат своите таленти, хобија и идеи. За мене, современата македонска жена е силна, независна, гостопримлива и инспиративна. 

2. Каков е статусот на жените Ромки во Македонија и во кои сегменти сметаш дека треба да се унапредат правата на жената Ромка?

-Денес имаме Ромки адвокатки, авторки, Ромки кои работат во економијата, во министерствата, во канцелариите кај претседателката и во многу други институции – тие се присутни насекаде, што претставува голем напредок и сведочи за активноста на жените Ромки. 

Сепак, сè уште постојат предизвици: потребно е да се намали дискриминацијата и да се зголеми прифатеноста од другите, за Ромките целосно да ги покажат своите способности и да добијат уште повеќе можности за интеграција. 

3. Како некој што живее веќе долго време во Шведска можеш ли да направиш споредба, што е тоа што го има во Шведска, а го нема во Македонија и обратно?

-Животот во Шведска и во Македонија има свои разлики. Во Шведска системот е многу поуреден, институциите функционираат појасно и постојат повеќе можности за работа и развој. 

Македонија, пак, ја носи својата посебна убавина – луѓето се потопли, поотворени и дружељубиви, секогаш подготвени за смеа и дружба. Шведска ми дава сигурност и стабилност, а Македонија ми ја дава топлината и душата – затоа и двете земји за мене имаат големо значење. 

4. Каква е твојата врска со Македонија? Како ја доживуваш Македонија?

-Со Македонија ме врзуваат моите корени, семејството, детството и сите спомени што ги понесов од таму. Ја доживувам како своја земја затоа што таму сум родена и порасната, таму се мојата култура, јазик и традиција. 

Иако одамна живеам во Шведска, Македонија секогаш ќе биде дел од мене и засекогаш ќе ја чувствувам како свој дом. 

5. Дали сметаш дека во Македонија постојат уште етнички поделби кои се доминантни причини за конфликти и дали некогаш си ги почувствувала на своја кожа?

-Да, етничките поделби сè уште се еден од предизвиците со кои се соочува модерна Македонија. Јас верувам дека токму преку образованието, воспитувањето и културата може да се гради поголема толеранција и разбирање меѓу луѓето. Затоа, како авторка на книги за деца, ја гледам важноста децата најмлади да учат за солидарност, пријателство и почит кон различностите. Децата се иднината, и ако им пренесеме љубов и почит, ќе изградиме пообединето општество. 

6. Дали си среќна кога македонската публика на социјалните мрежи те нарекува „ќерка на татковината“?

-Се чувствувам горда што сум Ромка и што сум родена во место кое за мене е посебно. Македонија ја гледам како своја земја и ја почитувам нејзината култура, традиции и ромската заедница која е дел од оваа земја. 

Пораснав тука и тоа ме научи да бидам искрена, директна и праведна. Многу ми значи кога мојата публика на социјалните мрежи коментира дека сум пример за „ќерка на татковината“. 

Преку своето работење, активизмот и книгите за деца се обидувам да пренесам вредности, љубов и почит кон Македонија и ромската заедница, и тоа ми дава големо задоволство. Моето мото е дека луѓето ги сакам по душа, а не по националност – ако си бел, шарен, црн, мене не ме интересира; ако имаш убаво срце и си човек, го заслужуваш мојот уважување и почит. 

Но едно нешто е јасно и непроменливо – Македонија е мојата земја и за ниту една друга држава не би ја менувала. Таа е Македонија со својата култура, традиција и јазик, и тоа треба да остане такво.

М.С.К