Македонка на врвот на светската наука: Проф. Д-р Ана Ангелова Валпони, работи на револуција во стоматологијата - создавање природни човечки заби во лабораторија

Во свет исполнет со научни предизвици и иновации, сè поголем број Македонки се пробиваат на светската сцена, оставајќи силен белег во различни научни дисциплини – од биотехнологија и медицина, до астрофизика и вештачка интелигенција.
Нивните истражувања и достигнувања не само што ги менуваат правилата на играта во своите области, туку и служат како инспирација за новите генерации девојки од Македонија кои сонуваат за кариера во науката.
Во светот на регенеративната медицина и инженерството на ткива, меѓу истакнатите имиња се наоѓа и една Македонка, проф. Д-р Ана Ангелова Валпони, која успешно го гради својот пат во врвните научни институции.
Ангелова Валпони предводи тим кој развива револуционерна технологија, создавање на природни човечки заби во лабораторија. Нејзината кариера започнува со докторски студии во Јапонија, а продолжува на еден од најпрестижните универзитети во Велика Британија. Нејзината приказна е доказ дека посветеноста и љубопитноста можат да отворат врати кон врвната наука – без разлика од каде доаѓаш.
- На King’s College London почнав да работам во 2008 година, на покана од Факултетот за стоматологија, за да се приклучам на истражувања поврзани со матични клетки и инженерство на ткива.
Интересот за мојата работа дојде од моето докторско истражување во Јапонија, на Tokyo Medical and Dental University, кој е еден од водечките универзитети во светот за стоматологија, рангиран меѓу првите три во светот.
Во Токио студирав пет години и докторирав како стипендист на Јапонската влада. Тоа беше извонредно искуство, не само заради високото ниво на наука, туку и поради културната и професионалната средина која ме обликуваше како истражувач.
Зад секоја
голема научна приказна често стои инспирација втемелена длабоко во детството.
Кај оваа истакната научничка, љубовта кон стоматологијата и науката не е
случајна, туку наследство – внимателно градено преку генерации.
- Љубовта кон стоматологијата ја наследив од мајка ми, која беше дел од првите генерации стоматолози во Македонија. Јас, брат ми, а сега и мојата внука, ја продолживме таа семејна традиција и страст кон стоматологијата. Од друга страна, љубовта кон науката ја добив од татко ми кој е генетичар во областа на ботаниката.
Уште од мала, гледајќи го како низ микроскоп го истражува светот на клетките, кај мене се разбуди љубопитноста и желбата да ги разбирам комплексните процеси во живиот свет: како да гледате универзум на микроскопско ниво.
Регенеративната стоматологија, како и регенеративната медицина, е интердисциплинарна наука што обединува молекуларна биологија, биологија на матични клетки, геномика, инженерство на ткива и биоматеријали, сè со цел да се регенерираат оштетени или изгубени дентални и орални ткива на биолошки начин.
За разлика од класичниот приод, каде што оштетените структури се заменуваат со вештачки материјали, регенеративната стоматологија има за цел да го поттикне телото само да се обнови, или да користи биолошки создадени ткива и органи. Тоа е навистина возбудлива и надежна насока за иднината на стоматологијата и медицината.
Замислете иднина во која наместо вештачки заби или импланти, пациентите ќе можат да имаат нови заби – свои, природни. Тоа што до неодамна звучеше како научна фантастика, денес веќе добива реални форми во лабораториите ширум светот. На границата меѓу биоинженерингот и регенеративната медицина, македонската научничка работи на револуционерен процес: создавање природни човечки заби со помош на матични клетки.
- Терминот „создавање природни човечки заби“ се однесува на биолошка регенерација или биоинженеринг на заб кој е процес на создавање и развивање на нов заб од клетки, наместо да се користи класична вештачка протеза или имплант.
Во овој процес се користат матични клетки кои се изолирани од телото или култивирани во лабораторија, во комбинација со биоматеријали и фактори на раст. Целта е да се создаде зачеток на заб, слично на природниот процес на растење на заби за време на ембрионалниот и раниот развој и кој подоцна може целосно да се развие со сите свои карактеристики на природен орган. Тоа е навистина сложен и чувствителен процес, но она што е возбудливо е што веќе успеавме да го моделираме цел овој процес во лабораториски услови. Се надеваме дека во иднина овој пристап ќе се развие во одржлив клинички третман кој ќе понуди природна алтернатива за пациентите што ги изгубиле своите заби.
Она што започнува како истражување во една научна област често може да донесе револуција во сосема друга. Така е и со регенерацијата на забите – процес кој не само што ветува промена во стоматологијата, туку отвора врати кон пошироки примени во медицината.
- Многу органи во нашето тело се формираат на многу сличен начин. Ако успееме да формираме заб во лабораториски услови, почнувајќи од клетки, тоа навистина отвора надеж дека ова знаење може да се пренесе и во други области од регенеративната медицина. Тоа може да помогне во развојот на инженерство на ткива и органи од различни сфери. Она што навистина е важно е што науката постојано се развива во многу различни насоки, и размената на знаење меѓу тие сфери е прекрасно.
Иако научните резултати се ветувачки, патот од лабораторијата до реалната клиничка примена е долг и внимателно контролиран.
- Сè уште сме далеку, бидејќи во моментов, сè уште сме во фаза каде што треба да поминеме низ цел еден процес за откритијата да станат вистински, применливи третмани. Тоа вклучува претклинички испитувања во лабораторија кои моментално ги правиме, потоа добивање етички одобренија, по кои би следеле потенцијални клинички студии со пациенти, и дури тогаш може да се каже дека методот е безбеден и доволно ефективен за да се користи во пракса.
Иако создавањето природни човечки заби звучи како револуционерна идеја, патот до нејзина практична примена е исполнет со сериозни научни, технички и етички предизвици. За да стане оваа технологија дел од секојдневната стоматолошка пракса, неопходно е да се надминат низа комплексни пречки.
- Предизвиците во развојот на оваа технологија се многубројни. Матичните клетки треба да се изолираат, размножат и растат во лабораториски услови и насочат на вистинскиот начин, што претставува голем технички и биолошки предизвик.
Потребно е прецизно да се контролира растот и развојот на клетките, како и размената на сигнали меѓу нив, бидејќи тие се диференцираат и формираат различни дентални ткива. Друг важен предизвик е обезбедувањето васкуларизација и нервна интеграција, односно новиот заб да се поврзе со крвните садови и нервите за да биде жив и чувствителен.
Исто така, постојат и етички и регулаторни бариери, бидејќи истражувањата мора да ги поминат соодветните етички комисии и регулаторни процедури, кои може да бидат долги и комплексни.
И на крај, тука е и прашањето на достапноста. Развојот и примената на вакви технологии можат да бидат скапи, што ќе влијае на тоа колку пошироката популација ќе има пристап до нив.
Зад секое
научно истражување стои тим од посветени луѓе, но успехот зависи од јасна
визија и силно водство. Како раководител на истражувачки проект, таа не само
што ја поставува научната насока, туку и инспирира млада генерација
истражувачи.
- Јас го водам проектот и имам истражувачки тим составен од постдипломци: докторанти и магистранти на кои сум им ментор. Тие работат на различни делови од проектот, но јас сум таа што ја носи главната одговорност и ја води целата истражувачка насока.
Во моментов сум ментор на четворица докторанти, од кои двајца активно работат на овој мој проект. Покрај нив, менторирам и две докторантки, како и двајца магистранти кои се вклучени во други мои иновативни истражувања од областа на регенеративната стоматологија и медицина. Навистина е задоволство да работам со толку мотивирани млади стоматолози-истражувачи, да ги водам и поддржувам во нивниот научен развој.
Моите докторанти и магистранти се навистина од целиот свет! Од Кина, Индонезија, Норвешка, до Јапонија и многу други места во минатото.
Она што најмногу ми се допаѓа тука во Лондон е космополитскиот дух!
Како некој што се едуцирал на различни места, од Македонија, преку Јапонија, Италија до Велика Британија, овде се чувствувам како дома.
Лондон е место каде што луѓе од целиот свет се собираат со желба да истражуваат и да ја развиваат својата љубов кон науката. Верувам дека токму оваа меѓукултурна (интернационална) средина го прави Лондон едно од најубавите и најдобрите места за работа, особено за оние кои се посветени на научниот развој.
Интересот за иновативни технологии и регенеративни методи во медицината и стоматологијата на Балканот полека се зголемува. Особено помладите професионалци и истражувачи покажуваат отвореност кон напредни пристапи, што носи надеж за иднина каде овие технологии ќе добијат поширока примена, вели Проф. Д-р Ана Ангелова Валпони.
- Постои интерес, особено од страна на помлади професионалци и истражувачи кои се отворени кон нови технологии и напредни пристапи во медицината и стоматологијата. Во последните години, сè повеќе медицински и стоматолошки центри на Балканот, почнуваат да покажуваат интерес за регенеративни методи. Сè уште сме на почетокот, но трендот е охрабрувачки, особено ако се поддржи преку едукација, инфраструктура и интердисциплинарна и меѓународна соработка.
Во светот на науката, каде што предизвиците се неизбежни, токму упорноста и страста се клучот за успех. За младите научници и студенти, пораката од Проф. Д-р. Ана Ангелова Валпони е јасна: верувајте во своите соништа и не плашете се да чекорите напред, дури и кога патот е неизвесен
- На младите научници и студенти би им порачала да не се плашат да сонуваат големо и да бидат упорни!
Науката бара трпение, љубопитност и посветеност, но вложениот труд секогаш се исплаќа. Без разлика од каде доаѓате, доколку имате јасна цел, вистинска страст и подготвеност да учите, вратите сами ќе почнат да се отвораат.
Македонија има многу талентирани млади луѓе, она што е потребно е повеќе
охрабрување и поддршка. Затоа, верувајте во себе, барајте можности и не се двоумете да чекорите надвор од границите и буквално и симболично!
Работата во научно истражување е комбинација од инспирација и реалност. Истражувачите постојано балансираат меѓу слободата на креативноста и ограничувањата што ги носат времето, ресурсите и институционалните барања.
- Најголемиот предизвик во мојата работа е балансирањето меѓу научната креативност и реалните ограничувања, било да се работи за време, ресурси или институционални рамки.
Како истражувач, постојано си воден од идеи и желба за откритие, но истовремено мораш да останеш трезвен и практичен, да водиш тим, да се справуваш со административни барања и да обезбедиш финансирање. Сепак, токму тие предизвици ме мотивираат затоа што секое надминато ограничување значи чекор поблиску до нешто навистина значајно!
Во светот на науката, каде што доминираат техничките и медицинските дисциплини, улогата на жената академик и истражувач носи и предизвици и можности. Патот понекогаш бара дополнителна упорност и докажување, но истовремено овозможува да се внесе нова перспектива која ја збогатува целата научна заедница.
- Да се биде жена академик и научник, особено во претежно техничка или медицинска дисциплина, понекогаш знае да биде предизвик, но и голема предност. Во некои моменти, чувствувате потреба да се докажувате повеќе, не само како професионалец, туку и како лидер.
Но со текот на времето, сфаќате дека вашата уникатна перспектива и начин на размислување се токму она што ја збогатува тимската работа. Јас имам среќа да бидам дел од средина каде што се цени квалитетот, а не стереотипите.
Истовремено, чувствувам одговорност да бидам пример и поддршка за помладите жени кои сакаат да се вклучат во науката, да знаат дека има место за нив, и дека нивниот глас е подеднакво важен.
Улогата на жена лидер во научен проект, особено во поле како стоматологијата, е исполнета со уникатни предизвици, но и со големи придобивки. За Проф. Д-р Ана, клучниот столб на успехот е поддршката од семејството – темел што овозможува да ја балансира професионалната посветеност со личниот живот.
- Да се биде жена лидер во научен проект, особено во област како што е стоматологијата, носи и предизвици и големи предности. Жените носат вредна перспектива во науката, како што се чувствителност, емпатија, внимание кон тимот, и способност за поврзување на научниот труд со човечката страна на истражувањето.
Но нешто што сметам дека е апсолутно клучно, е поддршката од семејството.
Имам огромна среќа што мојот сопруг, со кого ја споделувам и љубовта кон науката, секогаш бил моја потпора. Се запознавме пред речиси 26 години во Токио, Јапонија, каде што и двајцата работевме на нашите докторски студии, тој од областа на астрофизика, јас од областа на детската стоматологија. Имаме две деца, синот роден во Венеција, сега е студент на Кембриџ Универзитетот, и ќерката, родена во Лондон, е сè уште во средно училиште.
Покрај нив, неизмерна благодарност им должам и на моите родители, бидејќи тие ми ја вкоренија посветеноста, пристапот кон работата, но и ми ја подарија сета нивна топлина, добрина, покажувајќи ми го вистинското значење на великодушноста.
На крајот на денот, сите овие елементи – науката, тимот, семејството се испреплетени. И токму таа рамнотежа ми дава сила и смисла во сè што правам.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Приватна архива
**Забрането е преземање на содржини од „Женски магазин“