„Младите мора да останат во Битола – тоа е мојата најголема мисија“: Интервју со Габриела Илиевска

Битола е град со историја, култура и дух што инспирира генерации, но и со предизвици што бараат храбри одлуки и нов пристап. Токму затоа Габриела Илиевска, претседателка на Советот на Општината и долгогодишен активист, реши да се кандидира за градоначалничка како независен кандидат под платформата „Поинаку“. Нејзината визија е Битола да стане почиста, поубава и функционална за сите – град каде што младите ќе сакаат да останат, а граѓаните да се чувствуваат горди на местото во кое живеат.
Во интервју за нашиот магазин, Илиевска зборува за мотивацијата, најголемите проблеми, но и за надежта дека граѓаните се подготвени да ја поддржат идејата за независна и непартиска Битола.
ЖМ: Габриела, што беше клучниот момент кога решивте да се кандидирате за Градоначалничка на Битола како независна?
-Кога години гледате како некој поради лични или партиски интереси го уништува градот, а има можност да го направи најубавото место за живеење, стигнувате до една позиција каде имате недоволна управувачка ефикасност на администрацијата и јавните претпријатија, непотизмот, непрофесионалноста, нечистотија, немањето основни услови во 21 век, но и немањето нови идеи и иницијативи се веќе неподносливи.
Тука е тој клучен момент кога сфаќате дека партиите ниту имале, ниту ќе имаат интерес да направат нешто за градот и граѓаните и треба можи народски кажано “работата да се земе со свои раце”.
ЖМ: Зошто токму сега е вистинското време за „Поинаку“?
-Време за работите да бидат Поинаку требаше да биде уште пред да го стигнеме дното, сега не само што е вистинското , туку е и крајно време да се спротиставиме на се она што значи уништување и да почнеме да ги враќаме работите во нормала. Вистинско време е затоа што на граѓаните им е смачено од штетни одлуки и политики, затоа што им е потребно властите да бидат во нивна служба. Но, и покрај апатијата која беше долго време присутна, сега граѓаните, посебно младите бараат нештата да бидат сменети и затоа уште еднаш би повторила не само што е вистинско туку е и крајно време да ги смениме работите.
ЖМ: Колку е предизвикувачки да се биде независен кандидат во средина каде што политичките партии доминираат?
- Ако пред неколку години партиите не ги сфаќаа сериозно независните кандидати за градоначалници и советници, сега може слободно да кажам дека не чуствуваат како закана, што всушност го покажаа и преку низа на одлуки и дејствија, како на пример последните со измените на изборниот законик со кои до последен момент оставија неизвесност за можноста независните да учествуваат на изборите. И сега кога веќе те чуствуваат како закана, можете само да замислите со што сѐ се соочуваме. Од нарачани текстови во медиуми, преку мешање на приватен и семеен живот, до договори меѓу партиите заеднички да работат на наша штета. Предизвикот е голем, но желбата и вољата да си ја вратиме и да ја направиме Битола поубава е уште поголема.
ЖМ: Вашиот слоган е „поубава, почиста, непартиска Битола“. Како конкретно ја замислувате таа Битола?
- Она што го бараме години е токму почиста Битола и токму таква ја замислувам, чиста, средена, со нови зеленила, каде константно ќе се работи на подобрување на редот и хигиената. Ако нешто функционирало пред 15 години, недозволиво е сега да не е така. Недозволиво е во 21 век да разговараме за метење и миење на улици, за соодветна канализација или пристап до исправна вода за пиење.
Но ја замислувам и “партиски исчистена”, потребни ни се соодветни кадри на соодветни и места, луѓе кои си ја знаат работата, а не партиски послушници кои “го заслужиле “ работното место.
ЖМ: Кои се трите најгорливи проблеми што би ги решавале веднаш ако станете градоначалничка?
- Како идна градоначалничка на Општина Битола, веднаш ќе воведам систем за правилна селекција во секое домаќинство и современо управување со отпадот, за кое силно се залагам, но истовремено морам да потенцирам дека сум против изградба на регионална депонија за 18 општини. Ќе ставам крај на партиските вработувања со транспарентни и правични јавни огласи на кои ќе бидат избрани најквалитетните кандидати и ќе спроведам конкретни мерки за задржување на младите во Битола преку поддршка на нивните бизнис-иницијативи, образование и подобар квалитет на живот. И да додам дека и поддршката на училишниот спорт исто така ќе е во првите мои залагања.
ЖМ: Еколошките теми и чистиот воздух често се проблем во Битола. Какви решенија предлагате?
- Ова се најгорливите и најсериозни проблеми за битолчани, константни долги години и иако се ветувало многу, досега никој не се зафатил сериозно со решавање на овие проблеми. Решенијата ни се познати на сите, не треба да се измислува ништо ново, централната власт , која и да е конечно да постави филтри на РЕК, контрола и санкционирање на загадувачите, редовно одржување на јавната хигиена, многу ново зеленило би биле само појдовни точки кон решавање на овие проблеми.
ЖМ: Како гледате на развојот на Битола во однос на младите – што би направиле тие да останат тука, наместо да заминуваат?
- Со оглед на тоа дека голем број на млади се вклучени во работата на овој изборен циклус, можам да кажам дека нивниот интерес покажува дека сакаат да го направат сопствениот град подобро место за живеење токму затоа што одбрале да останат тука. И со нивната вклученост, преку предлози за решавање на проблемите со кои се соочуваат, идеи и нови проекти во сите области, заедно ќе го подобруваме секојдневното живеење.
ЖМ: Најавивте дека ја барате поддршката на сите битолчани. Како ја градите довербата со луѓето на терен?
- Довербата не е нешто што се гради во тек на една изборна кампања, поддршката која ја имам и добивам е резултат на долгогодишно работење и пред се познавање и вреднување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Како и изминатите години така и сега постојано сум достапна за сите граѓани.
ЖМ: Може ли независна иницијатива да го обедини градот повеќе од големите партии?
- Доколку сме сите свесни и сакаме и ни е побитно да имаме поубаво место за живеење многу повеќе отколку партиски поени или некое вработување, секако дека нема да биде тежок изборот. Затоа што на крајот е битно кој што прави или што направил, а не од која опција доаѓа.
ЖМ: Каква улога ќе имаат граѓаните во донесувањето одлуки ако вие бидете на чело на општината?
- Граѓаните ќе бидат приоритет, како што всушност и досега сме се залагале. Проблемите и предлозите на граѓаните ќе бидат појдовни точки токму во носењето на сите одлуки, како што и всушност треба да биде, затоа што сите чинители во локалната, така и во централната власт се поставени да им служат на граѓаните.
ЖМ: Како изгледа еден ваш обичен ден надвор од политиката?
-Ретко скоро никогаш немам таков ден надвор од ова за кое работам и се залагам. Затоа често моите најблиски ми велат дека јас живеам за работата, но исто така и уживам во ова што го работам.
ЖМ: Што ве релаксира после напорен ден во Советот или во кампања?
-Прошетки со моте две кучиња кои ги имам долги години, ручек во природа со фамилијата и секако морам да признаам дека сум голем зависник на Netflix.
ЖМ: Кој е вашиот личен извор на инспирација и сила?
-Секој реализиран ветен проект, секоја можност да помогнам на некој.
Секако мојата ќерка на која би требало да ѝ бидам пример за истрајност и борбеност.
ЖМ: Ако не би биле во политиката, со што би сакале да се занимавате?
- Сигурно со некоја работа која би била во корист на општеството, но најмногу за помош на оние најмаргинализирани и најзаборавени заедници и поединци.
ЖМ: Колку е тешко за една жена да се пробие и да се слушне нејзиниот глас во македонската политика?
- Жените генерално се повеќе на удар во политиката, но сепак сметам дека во последните години стануваме се погласни и покрај сите предрасуди со кои се соочуваме. Тука морам да споменам и дека се уште се бориме со “напади” од жена кон жена и тоа е нешто на кое навистина треба да се обрне многу повеќе внимание.
ЖМ: Се соочувате ли со предрасуди и како се справувате со нив?
-Секојдневно. Го имам тоа прифатено како една особина која го карактеризира нашето општество и за која е потребно подолго време за да биде искоренета. Во меѓувреме иако често се преиспитувам дали се во право или дали нешто сум згрешила, сепак преминуваш преку тоа што си го слушнал или прочитал и продолжуваш понатаму.
ЖМ: Што би им порачале на младите девојки и жени кои размислуваат да се вклучат во јавниот живот?
- Колку и да изгледа страшно или предизвикувачки, вашиот глас секогаш треба да биде слушнат. Секоја вклученост на младите значи подобра иднина за сите нас, затоа ги охрабрувам да бидат активни и гласни.
ЖМ: Како ја гледате Битола по четири години ако ја водите вие?
- Чиста, зелена, функционална, непартиска!
ЖМ: Што е вашата најголема желба за градот и граѓаните?
- Мојата најголема желба за Битола и битолчани е да живеат во модерен, чист и функционален град, во кој младите ќе сакаат да останат, а оние што заминале ќе сакаат да се вратат. Сакам Битола да биде место каде што се цени трудот, културата и заедништвото – град што нуди можности за сите и е горд на својата историја, но храбро гледа кон иднината.
ЖМ: Со една реченица – зошто битолчани треба да гласаат за вас?
За да си ја вратиме Битола!
Ирена Ставрова
Фото: Приватна архива