На 10 години доби дијагноза за ретка болест и стана симбол на надеж: Каде што другите гледаа граници, тој гледаше можности - Интервју со Марко Пејчиновски

Марко Пејчиновски од Охрид е пример за тоа како се рушат граници – не само физички, туку и ментални, емоционални и животни. Уште како дете ја започна својата борба со ретка болест - некроза на ногата, која му ја одзеде можноста да игра фудбал, но не и сонот да биде борец. Наместо да се повлече, Марко заплива – буквално и метафорично. Со само 12 години стана најмладиот маратонец што ја исплива делницата од Свети Наум до Охрид, подвиг со кој уште тогаш покажа дека неговото „не можам“ е само почеток на едно големо „ќе успеам“.
Но неговата приказна не застана таму. Години подоцна, и покрај хронични болки и физички ограничувања, Марко го постигна својот најголем личен и спортски успех – го заврши Ironman триатлон долг 107 километри. Подвиг што го направи симбол на надеж, упорност и човечка сила.
Ова интервју не е само за спорт – ова е разговор со млад човек кој одбрал да не се откаже, кој болката ја претвори во мотивација, и кој со секој нов предизвик го потсетува светот дека ништо не е невозможно кога имаш јасна цел, верба и срце кое не се предава.
Уште како дете, Марко влезе во историјата со подвиг кој малкумина би се осмелиле да го направат – да исплива 30 километри низ Охридското Езеро. Денес, гледајќи наназад, тој со голема гордост се потсетува на тој момент како на почеток на својата животна и спортска одисеја. Неговата истрајност, вродена храброст и одлуката никогаш да не се откаже, се она што тогаш го поткрена, а денес го дефинира.
Од оваа перспектива на 12 годишниот Марко кој успеа во тој подвиг, еве како гледа:
- Горд сум на него, знаејќи низ што поминал и како одбил да се откаже. Тој Марко ја започна оваа одисеја. Од тогаш до денес не престанав да ги поместувам границите на моите можности и сум многу среќен што уште од мали години развив психа која одбива да се откаже.
Ironman триатлонот не е само физички предизвик, туку целосна трансформација на умот, телото и духот. За него, ова не беше само спортски настан – беше лична победа, тест на издржливост, но и доказ дека кога си подготвен да трпиш болка и да не се откажеш, можеш да направиш нешто што изгледа невозможно. Иако се соочи со сериозни повреди и ризици, Марко не дозволи тие да го одвратат од неговата цел.
- Тешко е да се опише со зборови, но би рекол дека ова беше најтешкиот подвиг во мојот живот и затоа би рекол дека сум најгорд на овој успех бидејќи знаев дека имам проблем со ногата, а и со левото рамо, но секој ден давав се од себе во обид да успеам. Најблиските беа многу загрижени, исплашени поради можноста да имам последици и потполно ги разбирам но на крај беа среќни и горди што успеав. Добивав безрезервна поддршка од луѓето кои не ме познаваат и за тоа сум многу благодарен.
Подготовките за Ironman не се мерат само во километри и тренинзи – туку во психолошка сила, истрајност и верба во себе. За Марко, патот до стартната линија беше обременет со болки, повреди и ограничувања кои за многумина би биле причина да се откажат. Но за него, сè што физички недостигаше, го надополни со цврста ментална подготвеност.
- Да бидам искрен, физички не бев целосно спремен, имав можеби 20 тренинзи за пливање од кои скоро сите 20 морав да ги прекинам поради болки во рамото. Имав повреда и на десната тетива и не можев да тренирам за делот со пешачење околу 3 недели. Но знаев дека мојата психичка страна ќе го покрие делот кој не можев со физичката. Не ме интересираше колкава болка ќе треба да поднесувам, само знаев дека нема да се откажам.
Иако триатлонот е составен од три различни спортови, секој со свои специфични предизвици, Марко од самиот почеток имал претстава кој дел би му бил најтежок – но реалноста го изненадила. И покрај долгогодишното искуство со пливање, токму тој дел од трката се покажал како најисцрпувачки за него. Искреноста со која зборува за своето искуство ја покажува неговата зрелост, но и свеста за сериозноста на подвигот што го изведе.
- Секој дел си носеше свои предизвици. Кога почнав да се спремам за триатлонот мислев дека пешачењето ќе е најтешко, за жал испадна пливањето да ми биде тоа што најмногу ќе ме исцрпи. После овој триатлон ми се потврди дека пливањето на отворени води е најтешка дисциплина.
Секој што се соочува со екстремни предизвици, особено од типот на Ironman триатлон, знае дека не се работи само за физичка издржливост, туку и за постојана внатрешна борба. Марко не крие дека и кај него постојат моменти кога сè изгледа премногу тешко, кога телото и умот велат „доста е“. Но токму тие кризни мигови за него се клучни – тие се точките на откривање, на личен раст и дефиниција. Од нив тој црпи сила, а не изговори.
- Секогаш има такви моменти, но искрено јас тие и ги чекам. Во тие моменти најмногу се пронаоѓам, кога телото и умот ќе ми велат: „доста е … “ тогаш некој глас во мене вели: „нема откажување“. Од неуспехот во 2019 година, си реков што сака нека биде, едноставно не се откажувам додека не успеам.
Дијагнозата на сериозна и ретка болест е шок за секого – а уште повеќе кога ја добиваш како дете. На само 10 години, Марко се соочил со реалност која му ги променува соништата, секојдневието и телото. Болеста за него не стана крај, туку почеток на нешто поголемо.
- Дознав за болеста на мои 10 години. За жал во Македонија немав соодветен третман за болеста и соочен со неиздржливи болки спас најдовме во странство каде имав многу тешка операција која не е крајно решение, но на оваа возраст многу ми помогна. Мајка ми секогаш ми велеше дека се е дел од планот и навистина беше така. Благодарен сум му на Бога што го имав тој скриен благослов, бидејќи да не ми се случеше тоа, немаше да почнам со пливање и да го направам тоа што го направив.
Прифаќањето на реалност која ти ги руши детските соништа е тешка задача, особено кога си само десетгодишно дете. Но наместо да се изгуби во разочараноста, го пронашол својот нов пат во пливањето – спорт кој не само што му овозможил физичка активност, туку и му помогнал да ја изгради својата ментална сила.
- Тоа не можам да ви го доловам. На 10 годишно дете кога ќе му соопштат дека не само што ти се згасна сонот да си фудбалер, нема да можеш да трчаш, да скокаш што значеше нема да можам да се дружам со другарите. Секоја посета кај докторот очекував да слушнам: „е сега си добар ќе можеш повторно да играш“ … но тој момент не дојде. Се било за подобро, се пронајдов во пливањето и тоа ми помогна да ја изградам психичката страна.
Охридското Езеро не е само природна убавина, туку и арена каде се испишуваат вистински подвизи. За Марко, влегувањето во тие води значеше повеќе од спорт – беше израз на бунт против болеста, доказ дека физичките ограничувања не го дефинираат човекот. Неговата мотивација не била само лична, туку и длабоко инспиративна – да покаже дека дури и во најмладите години, со вера и храброст, може да се поместат граници.
- Токму тоа, таа приказна како најмлад и со сите физички ограничувања ме мотивираше. И пливав со надеж дека ќе инспирирам и други.
Животот на еден врвен спортист како ова младо момче е исполнет со постојани предизвици и тренинзи, но истовремено и со други обврски и интереси. Во зависност од периодот од годината, неговите денови се балансираат помеѓу напорните подготовки за триатлонот и новите цели како што е учењето и развојот во дигиталниот маркетинг. Секоја секунда му е драгоцена, а енергијата ја вложува максимално, дури и кога е исцрпен од тренингот.
- Зависи од периодот на годината. Штотуку завршив на академија за дигитален маркетинг, бев посветен на тоа исто како и на триатлонот. Последниот месец тренирав по 3 пати на ден и по секој тренинг немаш многу енергија да правиш други работи, но пронаоѓав време да ги смислам, снимам и некогаш едитирам видеата кои ги објавував. Кога се спремам за подвиг деновите ми се полни со активности и немам многу време за излегување.
За секој успешен човек, инспирацијата е движечка сила која го поттикнува да оди напред и да ги надминува сопствените граници. За него, извор на инспирација се луѓето од неговото најблиско опкружување, но и светските спортски херои кои ја одразуваат вистинската сила на волјата и истрајноста.
- Добивам голема инспирација од татко ми, според мене тој е дефиниција за тоа што е прав маж и се надевам дека ќе сум 1/3 од човекот што е татко ми, ако тоа се случи, тој успеал како татко а јас како син. Спортски инспирации добивам од Евгениј Поп Ацев кој сега го преплива Ла Манш, огромни честитки до него, тоа навистина ме инспирира и ме направи среќен. Исто така како пример го имам David Goggins кој е познат по неговата челичност и истрајност.
Не гледа само на спортските успеси како врвна цел во својот живот. Неговите соништа и амбиции се длабоко поврзани со желбата да помогне и да направи вистинска промена во животите на оние што се борат со слични предизвици.
- Можеби ќе звучи клише, но сакам да станам богат. Не за причините кои ги мислите. Сакам да сум во можност да помагам на што повеќе луѓе. Една од најголемите цели во животот откако пливав за децата со ретки болести е да еден ден отворам „болница“ или место каде ќе можат да споделуваат искуства, да се пронајдат доктори кои се упатени во лекување на тие болести и да треба што помалку да плаќаат. Бидејќи ги знам искушенијата со кои треба да се соочи една личност со ретка болест и сакам да помогнам колку што можам повеќе.
Марко верува дека најголемата сила се крие во умот и верата, и дека со доволно желба и истрајност секој човек може да ги надмине сопствените граници. Неговата порака е едноставна, но моќна, инспиративна за сите кои се соочуваат со предизвици.
- Можете да направите сѐ што ќе си поставите во мислите, без разлика колку и да звучи лудо, со верба во Бога, упорност, истрајност и пожртвуваност нема нешто што не можете да направите.
За Марко, поддршката од семејството е непроценлива, а најголемата сила ја добива од својот брат, чија поддршка и верба му даваат храброст да продолжи напред и да ги надминува сите предизвици.
- Без двоумење тоа би било од брат ми. Нешто што воопшто не сакам да правам е да се фалам. Верувајте ми дека можете да направите сѐ што правам јас и многу повеќе од тоа, но да имате брат како мојот не можете.
Ова младо и амбициозно момче има моќна порака за сите млади кои се соочуваат со тешки предизвици, охрабрувајќи ги да не се откажуваат и да веруваат во себе, дури и кога надежта е најтенка.
- Само вие знаете низ што поминувате, но верувајте ми дека се е дел од планот. Во секој од вас има скриен благослов и големината е да продолжиш да веруваш и кога немаш причина за тоа. Бог не нè остава сами. Ние можеме да го гледаме патот само пред нас, но Бог ги гледа препреките далеку пред да ни се случат и затоа најтешките битки им ги дава на најсилните борци.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Приватна архива