„На ти го, дај ми го“ ја освои јавноста: Успешно одржана првата Еко трампа во Скопје

Добивај вести на Viber

Стотина граѓани викендов ја посетија првата Еко трампа организирана од Еко-свест во Скопје и повеќе од стотина користени предмети и парчиња облека добија нови сопственици.

Многу јакни, капути, фустани, ранчиња можеа да се најдат на Еко трампата, а меѓу предметите кои ги донесоа учесниците имаше и голем број книги, накит, реквизити за домашни миленичиња и многу други нешта кои можеби е невозможно да се најдат во продавниците низ Македонија.


„Навистина не радува големата посетеност на настанот. Бројноста ни ги надмина очекувањата. Во воздухот се чувствуваше позитивната возбуда кај секој од учесниците кои имаа донесено предмети за размената, а речиси и да немаше некој кој не успеа да си најде и избере нешто за себе од донесените работи“, вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во Еко-свест.


Од Еко-свест велат дека се задоволни од тоа како настанот е прифатен од граѓаните и најавуваат нова Еко трампа која ќе се одржи за неколку месеци.

Тие упатуваат благодарност до волонтерите од „Еколошка заедница Орце“ при СУГС „Орце Николов“, за кои велат дека се млади луѓе кои ги живеат постулатите позади Еко трампата. Намалувањето на конзумеризмот, одржливиот начин на живеење и поттикнување еко акции се нивната пасија. Организирањето на Еко-трампата за нив не беше ново, затоа што имаат искуство на ист настан во Сплит, Хрватска на проект организиран од страна на Милијана Богданоска од Еко-свест.


Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие.