Ова е „најдобрата дестинација во Европа“ за 2025 година: Македонија повторно останува само нем набљудувач на листата
Додека Португалија по седми пат од 2017 година ја освојува титулата „Најдобра дестинација во Европа“ на престижните Светски патни награди (World Travel Awards), Македонија повторно останува само нем набљудувач на списокот на најубавите и најпрепознатливи туристички земји.
Оваа година, земјата на сонцето и океанот ја врати титулата од Грција, победувајќи во конкуренција од 12 други европски земји – меѓу кои Франција, Италија, Шпанија, Норвешка и Австрија.
„Ова признание ја одразува работата, посветеноста и квалитетот на сите професионалци кои го прават туризмот еден од главните столбови на нашата економија“, изјави државниот секретар за туризам Педро Машаду, нагласувајќи дека туризмот во Португалија е стратегија, не случајност.
Мадеира е прогласена за најдобра островска дестинација, Порто за најдобра урбана дестинација, а Лисабон за најдобар град за краток одмор. Во соседството, Грција го освои признанието за најдобра плажна дестинација, а регионот Источна Македонија и Тракија беше издвоен како најперспективна нова туристичка област во развој.
И тука, некаде помеѓу таа „Источна Македонија“ – која всушност е грчка – и реалната Македонија, завршува приказната за нашето отсуство.
Ниту еден наш град, езеро, манастир или планина не е ни споменат, иако природата, културата и гастрономијата нè вбројуваат во земји со огромен, но неискористен потенцијал.
Додека Лисабон добива награди за „урбана убавина“, а Мадеира за „одржливост и квалитет“, ние и натаму се бориме со дупки по патиштата до Охрид, неконтролирана градба во Маврово и угостителски услуги што зависат од добрата волја на келнерот.
А можеби токму затоа е иронично соодветно:
Португалија добива награди затоа што инвестира во туризмот — ние добиваме носталгија и статуси на Фејсбук за тоа „колку убаво би било да не се иселувавме“.
РЖМ/Ирена С./ ФОТО: unsplash - Liam McKay