Ќе дочекаат ли Карпошани конечно паркинг решение: Истата личност со четири мандати или нова сила пред Гордиевиот јазол кој со децении ги мачи граѓаните

Добивај вести на Viber

Една од најважните општини во рамките на Град Скопје — Карпош, во средиштето на 21 век се соочува со проблем кој, гледано од перспектива на времето во кое живееме, технологијата и знаењето со кое располагаме, одамна требаше да биде надминат.

 Додека низ програмите на кандидатите за градоначалници се ветуваат футуристички проекти и урбани концепти што не се гледаат ни во Јапонија, реалноста на теренот зборува за нешто сосема друго — сообраќаен хаос и потполен колапс на системот за паркирање.

Денес, во Карпош веќе нема место каде може прописно да се паркира автомобил. Автомобилите се наредени на тротоари, тревници, покрај училишта, пред згради и пазарчиња. Прописното паркирање стана мисловна именка, а непрописното — секојдневие. Граѓаните се чувствуваат оставени сами да се снаоѓаат во хаосот кој, од година во година, само се зголемува.

На социјалните мрежи секојдневно кружат апели и коментари: „Карпош тоне во лимени џунгли“, „Нема место ни за пешак, а не за кола“. Граѓаните се гневни бидејќи, додека им се зборува за „левитирачки објекти“ и паметни градови, едноставниот, најосновен проблем — паркинзите — со години останува нерешен.

На претстојните локални избори, токму прашањето за паркирањето повторно е меѓу најспорните теми. Во вториот круг од трката за градоначалник на Карпош, граѓаните ќе избираат меѓу досегашниот градоначалник Стево Јакимовски и новото лице на политичката сцена – Сотир Лукровски.

Јакимовски, кој зад себе има дури четири мандати, според многумина имал доволно време да го реши овој „вечен“ проблем. Иако во неколку наврати во неговите програми беа спомнувани паркинг решенија, конкретен напредок нема

Ќе бидеме права општина во Скопје која на јавни паркинзи ќе постави инсталации за полнење на возилата со електричен погон, вети Јакимовски во пресрет на локалните избори. 

Граѓаните оваа изјава ја земаат со скепса, бидејќи велат, ние немаме паркинг место ниту за обични возила, а камо ли да размислуваме за полначи за електрични возила. Тврдат дека иако идејата на Јакимовски звучи амбициозно, нему со четири мандати не може да му се прости голата амбиција без дела.  

„Две децении слушаме за проекти, а уште бараме место за колата секое утро“, коментира еден жител на Карпош 3.

Од другата страна, Сотир Лукровски, кандидатот од редовите на владејачката партија, вели дека паркирањето е приоритет број еден во неговата програма. „Овој проблем не е само дел од програмата, туку дел од моето секојдневие како жител на Карпош“, изјави Лукровски.

Во неговиот план стои изградба на пет нови монтажни катни гаражи со вкупно околу 600 нови паркинг места, опремени со фотоволтаици за одржлива енергија. Локациите се:

  • Млечен (80 места),

  • Карпош 3 (110 места),

  • Карпош 2 (150 места),

  • Карпош 4 (120–150 места),

  • Влае (70–100 места).

На хартија, идејата звучи издржано, модерно и функционално. Но граѓаните се воздржани — премногу пати виделе програми што остануваат само зборови. Од идеја до реализација, велат, патот е долг и полн со административни и политички препреки.

Како и да е, едно е сигурно: еден од кандидатите имал четири шанси да ги спроведе своите идеи, другиот — ниту една. Идеализам или прагматизам, времето ќе покаже. Но она што денес го гледаат Карпошани е дека додека политичарите си префрлаат обвинувања и си ветуваат „нов урбан живот“, тие сè уште живеат без основни услови за урбано планирање и нормален секојдневен сообраќај.

Парадоксално, во ера на паметни телефони и електрични автомобили, Карпош се бори со прашање старо колку и самите згради во него — каде да се паркира?

Дали конечно ќе се најде одржливо решение или ова ќе биде уште една „вечна тема“ во локалните кампањи?

Одговорот — го чекаат сите жители на општината кои секое утро започнуваат со истата мисла:

„Каде денес ќе ја оставам колата?“

Сепак пред нас е уште една тура избори, а во демократските општества тоа е единствениот начин граѓаните да ја покажат својата волја, крајниот збор го имаат Карпошани и ова е еден од ретките моменти кога граѓаните единствено се прашуваат и одлучуваат за тоа во какво општество ќе живеат. 

Магдалена Стојмановиќ - Константинов