Уште еден исполнет сон на Диџеј Галоски: сними ексклузивен сет за Тиесто

Добивај вести на Viber

Младиот македонски диџеј и продуцент Александар Галоски, познат под своето уметничко име Галоски, продолжува со големи успеси на светската сцена. По соработката со една од најголемите издавачки куќи за електронска музика во светот, „Armada Music“ на легендарниот Армин ван Бурен, Галоски сега може да се пофали со нова престижна соработка — по покана на Tiësto и неговиот тим, сними ексклузивен сет за издавачката куќа „Musical Freedom“.

Сетот веќе беше емитуван во САД на SiriusXM, едно од водечките радио-шоу програми за електронска музика, а од неодамна е достапен и на YouTube.
„Голема благодарност до тимот на Tiësto и Musical Freedom за поканата и поддршката,“ сподели Галоски со своите следбеници.

Галоски, кој доаѓа од Тетово, веќе неколку години важи за еден од најуспешните диџеи и продуценти од Македонија. Неговата кариера доби голем замав по настапите во Јапонија, каде што успеа да го распродаде клубот „V2 Tokyo“, еден од најпознатите во Токио, а делел сцена со светски имиња како Axwell, Ingrosso, David Guetta и Diplo.

Во едно интервју за Женски магазин, тој откри дека љубовта кон електронската музика му започнала уште во детството — „Се заљубив во електронската музика во 2004 година, кога добив подарок DVD со ‘Tiësto in Concert’. Од тој момент знаев дека сакам да бидам диџеј,“ изјави тој.

Иако смета дека технологијата денес им овозможува на многумина да се обидат во оваа професија, Галоски верува дека талентот и посветеноста се она што го прави вистинскиот уметник.

„Диџејството е лесно, искрено денеска со оваа технологија и баба ми може да пушта музика, но не секој може да биде умешен во истото. Сите знаеме да шутнеме фудбалска топка, но тоа не не прави Кристијано Роналдо,“ вели тој низ насмевка.

Во моментов, Галоски се подготвува за нови настапи и изданија, а неговата амбиција останува иста — да ја претстави Македонија на најголемите фестивали во светот, како „Tomorrowland“ и „Ultra Music Festival“.

 Сетот може да го слушнете на Јутјуб во видеото подолу:



РЖМ/Ирена Ставрова  - ФОТО Фејсвук официјален профил Александар Галоски