„Кога жените водат – државите напредуваат“: Сања Божиновска ја руши перцепцијата дека енергетиката е машки свет

Добивај вести на Viber

На меѓународниот панел „Women in Energy“, во рамките на IFESD – 14th International Forum on Energy for Sustainable Development, македонската министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, испрати моќна порака за родова еднаквост, визија и лидерство. Со своето искрено обраќање, таа уште еднаш покажа дека жените не се само дел од енергетиката – тие се двигател на нејзината иднина.

„Зборувам не само како министерка, туку и како жена која верува дека енергетиката не е машки свет – тоа е свет на визија, знаење и храброст“ кажа Божиновска на стартот од нејзиното воведно обраќање, додавајќи дека гордо стои зад Министерството кое денес претставува пример за рамноправност и компетентност без полови разлики.


Таа откри дека при преземањето на функцијата си дала ветување – да ја промени перцепцијата дека енергетиката е „машки свет“. „Не е. Тоа е наш свет – на жените и мажите што поседуваат знаење, визија и волја“ нагласи таа.

Божиновска со гордост посочи дека во Министерството за енергетика повеќето оддели ги водат жени – стручни, посветени и инспиративни. „Тие се доказ дека компетентноста нема пол,“ рече министерката, додавајќи дека нејзината улога како амбасадорка на регионалната мрежа WOBA – Women on Board Adria е дополнителен мотив да ги поддржува жените лидери низ целиот регион.

Во своето обраќање, таа испрати порака и до младите жени:
„Не чекајте дозвола за да водите – заземете го своето место. Не ги замолчувајте своите идеи – кажете ги гласно. Не се сомневајте во својата сила – посилни сте отколку што мислите.“

Со овие зборови, Божиновска ја нагласи суштината на феминизмот – не како натпревар со мажите, туку како сојузништво. „Вистинскиот напредок се случува кога мажите и жените стојат рамо до рамо, како партнери што веруваат во истата визија за еднаквост и развој“ подвлече таа.


Форумот, кој се одржа денес се фокусираше на постигнување инклузивна и праведна глобална енергетска транзиција, во која жените имаат централна улога. Преку поддршката на УНДП, Македонија е меѓу земјите што активно ја поттикнуваат родовата рамноправност во енергетиката – со програми кои им овозможуваат на жените пристап до зелено финансирање, обуки и лидерски позиции.

На крајот од нејзиниот говор, Божиновска со емоција ги цитираше зборовите на Маргарет Тачер:
„Ако сакате нешто да се каже – прашајте маж; ако сакате нешто да се направи – прашајте жена.“


„Да бидеме тие жени што прават – што водат, инспирираат, создаваат и ја напојуваат енергетската иднина,“ порача министерката.
Зашто, како што нагласи:
„Кога жените се издигнуваат – се издигнува и општеството.
Кога жените водат – државите напредуваат.
А кога жените го заземаат своето место во енергетиката – светлината свети посилно, за сите.“


РЖМ/Ирена Ставрова - Фото: Официјален фејсбук профил Сања Божиновска/

UNDP MK