Пловечки острови, најубавата скара, домашен мед и само час и половина возење: Рај на земјата се наоѓа близу Скопје

Само два часа возење од Скопје се наоѓа едно место кое изгледа како приказна – Власинско Езеро во Југоисточна Србија.
Ова е највисокото и најголемото вештачко езеро во соседството, а она што го прави навистина единствено се неговите „пловечки острови“ од тресет, кои се движат по водената површина и претставуваат вистинска атракција.
Иако ова езеро одамна е познато за населението од Јужна Србија, меѓу македонските туристи сè уште е речиси непознато. Угостителите кои работат во овој крај велат дека причината е едноставна – Македонците не се доволно информирани за тоа што може да се доживее на ова место, иако им е толку блиску.
А доживувањата се навистина многубројни. Покрај неверојатната природа, чистата планинска вода и мирот што го нуди езерото, во близина редовно се организира базар на кој локалните жители нудат органски производи од планинските предели – домашен мед, ракија, сирење, чаеви и најразлични природни специјалитети.
Сместувањето е уште една причина зошто Македонците би можеле да го изберат ова место за одмор. Постојат многубројни викенд-куќи, пансиони и помали хотели со различен капацитет, а цените се далеку попристапни во споредба со комерцијалните туристички центри.
Власинско Езеро е блиску, достапно и евтино, но за македонските туристи сè уште е голема непознатица. Токму затоа, можеби е време оваа природна убавина да се стави на мапата на омилени дестинации за викенд или семеен одмор.
Што да не пропуштите?
Возење со чамец околу пловечките острови, обиколка на манастирот Пала и црквата во селото Божица. Летото е идеално за прошетки, велосипедизам, капење, риболов и собирање шумски плодови, додека зимата нуди прошетки по замрзнатото езеро, скијање, санкање и возење моторни санки на околните планини Чемерник и Бесна Кобила.
Извор: ТУКА / Foto: Википедиа