По 26 години успешна кариера и стабилен живот во Македонија, решивме да почнеме од нула во Америка - овде децата не молат за шанса, туку ја добиваат со труд и знаење: Елизабета Костова за животната пресвртница

Кога во едно семејство ќе се спојат љубовта, храброста и вербата во подобро утре, тогаш одлуката да си ја создадат сопствената верзија на „американскиот сон“ ќе се покаже како најдобар животен избор. По долго исчекување и добиена „зелена карта“, Елизабета Костова (50) со сопругот и трите деца го направиле клучниот чекор –во 2023 година се преселиле во Америка, поточно во зелената и тивка Пенсилванија. Нивната животна приказна инспирира: три извонредни деца, успешно вклопени во нов образовен систем, родители кои ја реизградуваат својата професионална патека и семејство кое и покрај далечината од татковината, е поблиску од кога било.
ЖМ: Кој беше пресудниот момент да се преселите во Америка? Дали одлуката созреваше во вас подолго време, како еден вид на остварување на „американскиот сон“?
- После повеќе години од аплицирањето добивме зелена карта. Иако со сопругот бевме задоволни со статусот и финансиските можности во Македонија, имаше многу области кои не ни се допаѓаше како функционираат, образование, здравствен систем, загаден воздух, нехигиена, некултура, непочитување на закони и неказнивост, непотизам и наталожен непотребен секојдневен стрес. Како родители на три деца на училишна возраст, не гледавме перспектива за нивно нормално напредување и усовршување во Македонија. Имавме доволно време за да се подготвиме психички за големата промена.
ЖМ: Како реагираа децата, добивте ли веднаш поддршка од нив или постоеше процес на убедување?
- Децата, сите на различна возраст, веќе имаа свое мислење и искуство за тоа како функционираат работите во Македонија. Им се допаѓаше дружењето со врсници и пријатели кое го имаа таму, но не им се допаѓаше нереалното оценување, ургенции за деца што не заслужиле оцена со сопствен труд, суетниот однос од одредени наставници... Процес на убедување имаше кај ќерка ми Корнелија. Услов да се преселиме беше да ветиме дека секоја година ќе оди на летен камп и со другарчињата од Македонија. Синовите беа поголеми и ја имавме нивната поддршка. Тука сме трета година и разликите можат да ги воочат и сами. Сите се задоволни од тоа како функционира образованието, ценети се и признати без разлика на возраста и потеклото. Образованието тука се разликува во повеќе сегменти. Во Македонија сите деца во едно одделение учат исти предмети и се заедно од прво до деветто оделение односно, од прва до четврта година. Овде децата имаат право да ги изберат предметите што ќе ги учат, а ги избираат согласно нивните афинитети и нивната желба околу професијата со која сакаат да се занимаваат. Како родител многу ми се допаѓа што освен задолжителните предмети англиски јазик, математика, природни и општествени науки имаат и изборни предмети на кои учат вештини кои ги подготвуваат децата за реалниот живот, како што се стратегии за справување со стрес, здравје, спорт, STEM, лидерски, комуникациски вештини, лични финансии, готвење и сл. Изборот за тоа кој странски јазик ќе го учат го прават така што по неколку месеци во годината децата слушаат француски, германски и шпански, за во наредната година да го учат јазикот кој сами ќе го одберат. Секоја година децата се во клас со различни соученици, што им дава можност да запознаат многу нови деца и да создадат нови пријателства. Во училиште, ние како родители, одиме еднаш до два пати во годината на родителски состаноци за кои имаме термин само за дискусија за прогресот на нашите деца. Наставникот доаѓа со папка со анализи и benchmark каде било детето на почеток на годината, каде е во моментот и како се очекува да ја заврши годината. На состаноците не се разговара дали треба да се купи клима за училницата, дали треба да се молериса, сето тоа си е обезбедено од буџетот на училишниот дистрикт. Се разбира на почетокот најважно ни беше децата да се среќни во училиште, добро да се прилагодат, а на последно место беше постигнувањето и оцените. Среќни сме што сѐ течеше како што треба, а и академскиот успех не изостана.
ЖМ: Зошто ја одбравте Пенсиванија? Имавте ли обезбедено дом, работа, пред пристигнувањето?
- Пенсилванија ја одбравме бидејќи сопругот најде работа која му одговара тука. Потоа го одбравме училишниот дистрикт каде ќе учат децата и на крај го избравме домот. Овде е правило децата да учат во училиште според нивната адреса. Не можете да го запишете детето во училиште по сопствен избор, ако не живеете во близина. Во нашиот случај, рејтингот на училиштето го одреди нашиот избор за место на живеење. Пенсилванија има прекрасна местоположба, клима која ни одговара, четири годишни времиња со поумерени температури отколку Скопје, чиста е, зелена. Хигиената лесно се одржува бидејќи луѓето не фрлаат отпадоци каде ќе им текне, а особено не во реки, езера, паркови. И денес да треба да бираме, повторно би дошле тука. Живееме во мал град во близина на Филаделфија, на 1 ипол час возење до Њујорк, на 1 ипол - 2 часа до океанот и на 2 ипол часа до Вашингтон. Источниот брег ни одговара и затоа што е најблиску до Европа, па кога патуваме за Македонија не ни треба многу прилагодување.
ЖМ: Кога првпат дојдовте во Америка, почувствувавте ли дека почнувате нов живот или само ја продолжувате својата животна приказна?
- Иако промената на средината беше значителна, сепак како семејство имавме претходно дефинирани цели, чие остварување го продолживме тука. Човек лесно се навикнува на систем кој има правила кои сите ги почитуваат. Некои од животните навики ги задржавме, а на некои нови се уште се прилагодуваме. Бидејќи немавме ниту роднини, ниту пријатели во овој дел на Америка, почнавме да градиме пријателства од нула. Во Пенсилванија нема многу Македонци и Балканци, а Американците не се многу спонтани кога треба да договорите кафе или дружба, тоа се дефинира 2-3 недели однапред.
ЖМ: Кои беа првите работи што ве изненадија?
- Многу пријатно нѐ изненади гостопримството на Американците, отвореноста за нови култури, желбата да помогнат и трпеливоста, на која не бевме навикнати во Македонија. Овде не мора да познаваш никого за да завршиш работа за која си дојден. Административните работи, како на пример вадење на лични документи се завршуваат за половина час. Задоволство е да отидеш во лабораторија или да посетиш доктор, бидејќи терминот што го имаш ти е посветен само тебе. Во Македонија за ова се потребни или дебели врски или многу пари. А за стресот кога ќе видиш 100 луѓе пред тебе да не зборуваме. Во училиштата кадешто одат децата, се единствени Македонци. Иако некои вработени не знаеа каде точно се наоѓа Македонија и кој јазик го зборуваме, само неколку дена по почетокот на учебната година, во училницата по англиски за странци се најде и македонското знаме. Денес веќе се запознаени со доста факти за нашата земја.
ЖМ: Секојдневието е секако поразлично, но во кој поглед е поквалитетно, за вас и за семејството? Во што најмногу уживате?
- Тука го нема оној секојдневен стрес, кој во Македонија се чувствува при прво седнување во автомобил, наоѓање слободен паркинг и слично. Состаноците на работа се без притисоци и нереални рокови, секој со секого комуницира со почит и благодарност, чувствуваме дека се цени тоа што сме го сработиле. Убаво е кога си заминуваш дома од канцеларија и ќе ти кажат благодарам, буквално секој ден.
ЖМ: Дали со сопругот се занимавате со истите професии како Македонија?
- Јас сум дипломиран економист. Работев 26 години во Македонски Телеком АД Скопје, во Сектор за контрола како експерт за контрола на трошоци. Овде работам како соработник за донации. Мојот сопруг Љупчо (50) е магистер по технички науки, машински инженер со работно искуство повеќе од 20 години во Макстил АД и претприемач. Овде работи за Cleveland Cliffs, компанија за прозводство на челични производи, како менаџер за машинско одржување.
ЖМ: Што нуди Америка подобро и повеќе за посреќен живот на едно семејство?
- Можности за квалитетно образование, рамноправност на пазарот на труд со останатите апликанти, без потреба од било какви политички влијанија, мито и корупција. Индивидуалецот се цени според знаењето и искуството што може да го вгради во процесот на работа.
ЖМ: Кој е бенефитот за вашите деца од тамошното образование?
- Марко, 22 години, е студент по роботика, четврта година на универзитетот Grand Canyon, Phoenix, Arizona. Прва година заврши на електротехничкиот факултет во Скопје со просек 9,8. Втора и трета година заврши во САД со највисок просек, а во четврта година го избраа за асистент професор по хемија. Теодор (17) е четврта година гимназија, во моментов е во процес на апликација на универзитет. Уште од мали нозе покажа афинитет кон природните науки и странски јазици. Посетуваше СТЕМ обуки за деца. Кога се преселивме, скокна една година во средно образование, бидејќи тука задолжителното образование е 12 години, односно 9 степен е еквивалент на прва година средно. Тоа не пречеше да ги заврши двете години со највисоки оценки. Желба му е да го продолжи образованието во областа на компјутерска безбедност. Корнелија (11) почна во американско основно училиште во 4-то одделение. Само 4 месеци од почетокот на учебната година по преселувањето, беше предложена да посетува часови по математика за талентирани ученици. Со својот тим освои прво место на натпревар по математика во Пенсливанија, прво место во регионот и делеа прво место на ниво на САД. Во петто оделение ја номинираа да го претставува нејзиното училиште на национална конференција за млади лидери во Вашингтон. Во моментов е 6-то одделение, а математика учи на ниво на 7-мо одделение.
ЖМ: Има ли моменти кога се прашувате „дали направивме вистински избор?“
- Не беше лесно да се направи ваква промена на наша возраст, но свесни дека само предизвиците носат раст и поместување на сопствените граници, тука сме да им покажеме на децата дека можат да успеат каде и да се наоѓаат на земјината топка сѐ додека се спремни да вложуваат во знаење и стекнување нови искуства.
ЖМ: Што ви беше најтешко да оставите тука?
- Секако ни е најтешко без пријателите и роднините, со кои имаме незаборавни спомени. Некои работи не сте свесни дека ги имате и ги живеете додека не останете без нив. Сепак се трудиме да надополниме со посети и квалитетни дружби во Македонија, а некои од нив веќе ни беа на гости. Од друга страна, стекнувањето на нови пријатели, запознавање на нова култура е посебно задоволство.
Соња Алексоска Неделковска


































