Претседателката Силјановска фуриозно се искачува на модните скалила: Новиот стил ја става на мапата на најдобро облечени жени

Во политиката, каде често доминираат строги протоколи и конзервативни норми, таа влегува со стил што не само што не нарушува формалност – туку ја надградува. Претседателката Гордана Силјановска-Давкова со секое појавување испраќа суптилна, но моќна порака: стилот не е случаен, туку став.
На последната официјална средба, забележана при посета во странство, претседателката изгледаше елегантно и модерно во комбинација која веднаш фрли светло на нејзиниот нов моден израз. Со бело сако со структура и црни копчиња, комбинирано со точкаста блуза со панделка која сезонава е „must have“, темна елегантно здолниште до под колена и класични црни чевли на потпетица – таа ја спои класиката со софистицираност. Стил којшто не вика гласно, но говори со став.
Минималистичкиот избор на бои – црно и бело – го потенцира достоинството на функцијата, додека деталите како шал-јаката и нежно нагласената фризура внесуваат мекост и женственост. Балансот меѓу авторитет и елеганција е совршено постигнат.
Во време кога жените лидери во светот сè почесто стануваат модни икони (од Жаклин Кенеди до Брижит Макрон), македонската претседателка полека но сигурно се позиционира на домашната мапа на жени со стил – зрели, достоинствени и исклучително доследни на себе.
Со вакви појавувања, Силјановска-Давкова покажува дека жената во политика може да биде и лидер и дама, без компромис. Таа го крши старото правило дека „политичкото треба да биде сиво“, и го заменува со ново – дека авторитетот може да биде и шик.
И.С./РЖМ
ФОТО: Официјален профил Гордана Силјановска-Давкова