„Република Македонија и Република Хрватска имаат традиционалнo одлични релации во областа на културата“: Мими Ѓоргоска Илиевска за етаблираноста на македонската култура во Хрватска

Добивај вести на Viber

Пред многубројни високи претставници на државни институции, дипломатскиот кор, верски великодостојници, како и бројни Македонци и гости Амбасадата на Македонија во Хрватска и македонскиот КИЦ во Загреб со ексклузивна и достоинствена културна програма свечено го одбележаа Денот на независноста во Загреб.

Од разговорот со директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб дознавме дека бројот на посетители секојдневно се зголемува и со секој настан расте дополнително и интересот за македонската култура. Помеѓу посетителите, се жители на Хрватска со македонско потекло, но радува и фактот што Хрватите преку покажување на сѐ поголем интерес за македонската култура, го докажуваат вековното пријателство на двата народа. 

За состојбата и етаблираноста на македонската култура во Хрватска за „Женски магазин“ говори м-р Мими Ѓоргоска - Илиевска, директорка на МК КИЦ во Загреб. 


Имавте посебна програма за прослава на Денот на независноста на Македонија во Културно-информативниот центар во Загреб. Што беше претставено на програмата? 

-Одбележувањето на Денот на независноста на Македонија, македонскиот КИЦ во Загреб го реализираше заедно со Амбасадата на Македонија во Хрватска во соработка со Кинотеката на Македонија, Советот за македонско национално малцинство на град Загреб и Македонската православна црква во Хрватска.

Во чест на Денот на независноста беше отворено првото издание на патувачкиот ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ – МАКЕДОНСКИ ФИЛМСКИ КЛАСИЦИ со ексклузивна проекција на целокупниот дигитално реставриран филмски опус на браќата МАНАКИ, првите сниматели на Балканот, на кое му претходеше отворање на една уникатна изложба МАКЕДОНСКИ ФИЛМСКИ ПЛАКАТ 1952 – 2022, на автентични филмски плакати од антологиски македонски филмови, чие графичко и ликовно решение претставува жив сведок на развојот на филмот како уметност и културно огледало на времето во кое тие филмови се создавале. Реализацијата на овој проект на  македонскиот Културно-информативен центар во Загреб е прв заеднички проект со НУ Кинотека на Македонија.

Првото издание на патувачкиот ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ во Хрватска е посветено на македонските филмски класици. Во рамките на програмата ќе бидат прикажани четири долгометражни играни филмови и четири краткометражни играни филмови, кои оставиле траен белег во македонската кинематографија. Тоа се филмски остварувања на реномирани македонски режисерски имиња, меѓу кои се Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски, Димитрие Османли и Митко Панов.

Благодарение на воспоставената соработка со „Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи“, селектираните македонски филмови ќе бидат прикажани низ 13 кино сали во 13 градови во Хрватска, овозможувајќи пошироката хрватска публика да се запознае со историјата на македонската кинематографија.

Патувачкиот ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ е настан од особено значење, бидејќи претставува прв ваков фестивал надвор од државата, како и прва соработка од овој вид, во која македонската кинематографија воспоставува директна комуникација со една интернационална мрежа на независни киносали, односно со „Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи“. Оваа иницијатива на македонскиот КИЦ во Загреб ја позиционира Македонија на пошироката филмска мапа и го отвора патот за подлабока културна размена

Изложбата и филмската програма имаат за цел да ги доближат македонската култура и македонското филмско наследство до хрватската јавност, потсетувајќи на заедничките културни врски и проникнувања што ја обележаа некогашната заедничка филмска сцена. Истовремено, тие претставуваат омаж на авторите, уметниците и плакатистите кои оставиле траен белег во историјата на македонскиот филм. 

ФЕСТИВАЛОТ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ во Хрватска е дел од Годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб поддржан во рамките на Годишната програма за проекти од национален интерес на македонското Министерство за култура и туризам.

Дали имате често посетители во КИЦ во Загреб и за што најмногу се заинтересирани посетителите?

-Со посебно задволство би сакала да кажам дека ме радува фактот што заинтересираноста за културните настани и програма што ја нудиме во македонскиот КИЦ во Загреб е на едно завидно ниво. Исто така моето задоволство како директорка на македонскиот КИЦ во Загреб е уште поголемо затоа што во изминатава година откако ја извршувам функцијата, директорка на МКИЦ во Загреб, за секој следен настан имаме помногубројна публика. Зголемувањето на бројот на посетителите е пред сѐ потврда за квалитетот на понудата на проектите кои се дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, одобрени од страна на Министерството за култура и туризам, но и дополнителен мотив и одговорност кон публиката секогаш да ѝ понудиме програма со врвен квалитет преку која ќе ја промовираме богатата вековна македонска култура, а истовремено ќе ја промовираме и афирмираме Македонија.

Публиката секогаш знае да го процени квалитетот на понудената програма и токму затоа интересот на посетителите, би рекла, е во насока на квалитетни проекти преку кои тие имат можност да се запознаат со врвни имиња од македонската културна и уметничка сцена.

Дали културниот центар го посетуваат повеќе иселеници од Македонија, или постои заинтересираност и кај Хрватите? 

-Ви благодарам за ова прашање, кое е многу значајно во контекст на креирање на соодветна стратегија на програмските определби на македонските Културно-информативни центри во странство. Конкретно за македонскиот КИЦ во Загреб, можам да констатирам дека имаме редовни бројни посетители  Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, но исто така ме радува фактот што заинтересираноста за настаните во МКИЦ во Загреб е подеднаква и кај Хрватите и хрватската публика. Во една културна европска метропола како што е Загреб е навистина привилегија кога ќе видите дека настаните и програмата што ја нудите предизвикува подеднаков интерес и кај македонската и кај хрватската публика.


Според вашето досегашно искуство и живот во Хрватска, како ќе го искоментирате генерално односот на Хрватите кон македонската култура?

-Тука би сакала пред сѐ да го искоментирам односот на Хрватите и хрватската држава кон Македонија. Генерално, тој однос потоа се одразува во сите сегменти на општественото живеење. Република Хрватска е пријателска држава на Македонија и привилегија е да се биде дипломат и да се работи на полето на културната дипломатија во една пријателска држава како Хрватска, меѓу срдечен и пријателски народ како што се Хрватите. 

Република Македонија и Република Хрватска имаат традиционалнo одлични релации во областа на културата кои придонесуваат за афирмирање на културата на двете земји како и развој на заемната соработка  меѓу институциите и соодветните здруженија од сите области на културата и уметноста.

Уште на почетокот на XX век културните врски на полето на фотографската и филмската уметност меѓу Хрватска и Македонија ги започнуваат сликарите и фотографи Љубиша Валиќ во Скопје и Владимир Бециќ во Битола. По Првата светска војна во Кралството на СХС (од 1929 година, Југославија), културните релации стануваат многу поинтензивни и поразгранети. 

Хрватско-македонските културни релации доживуваат најголем просперитет по Втората светска војна и се одвиваат речиси во сите области на научното и уметничкото творештво. Во овој период, Загреб и Хрватска стануваат предизвик за некои македонски интелектуалци и уметници.

Имајќи го предвид погоре кажаното, можам да констатирам дека Хрватите секогаш се отворени да научат нешто ново во однос на македонската култура. И секако не само во однос на културата, туку и во однос на Македонија како земја која има своја привлечна магија, па секој реализиран настан во македонскиот КИЦ во Загреб е само уште еден поттик за Хрватите да ја посетат Македонија како туристичка дестинација со богата култура, традиција и природни убавини.


Што е тоа што во поглед на културата Хрватска како земја на ЕУ го презема, а сметате дека е неопходно да се воведе во рамките на македонските институции?

-Воопшто не е важно дали земјата е во ЕУ или не е во ЕУ за правилно функционирање на институциите и реализацијата на зацртаните проекти потребна е само јасна визија на предвидените програми и застапените проекти во нив. Тие проекти треба да се јасно концепирани и структуирани, со прецизно дефинирање на нивната цел. И нормално, за нивна реализацијата потребно е многу залагање, труд и љубов кон работата.


Каква е состојбата со културата денеска? Дали луѓето доволно го препознаваат значењето на културата и нејзината функција во современото општество? 

-Прво треба да се нагласи дека самиот поим „култура“ е релативно растеглив. Погледнато од еден потесен аспект, културата го опфаќа она што во човековото опстојување и делување е поврзано со уметноста, конкретно со музиката, сликарството, книжевноста, филмот итн. Во поширокиот аспект, културата добива една покомплексна димензија. Таа ги опфаќа традицијата и односот кон неа, потоа верувањата и идеите во било кој облик, општествените вредности и самото човеково однесување во општеството. Вака погледната, културата е една сеопфатна општетсвена сфера во која се опфатени сите, а не само оние кои  на овој или оној начин се занимаваат со „културна“ дејност. Вака погледнато произлегува дека општеството и културата се неразделни и силно влијаат помеѓу себе и во многу нешта тие и се преклопуваат. Сепак, културата во себе ја носи онаа духовна, нематеријална страна на човековата егзистенција, а таа, некогаш повеќе, а некогаш помалку, е постојано присутна како неопходност за креирање на вредностите во животот. Верувам дека секој поединец, свесно или  помалку свесно, го чувствува тоа и сфаќа дека основната функција на културата е да даде една духовност и длабока смисла на севкупното постоење. 


Кога ќе се каже култура на еден народ, според вас што се подразбира под таа фраза, а што значи кога ќе речеме дека еден „поединец е културен“?

Под поимот „култура на еден народ“ или „национална култура“ се подразбира сѐ она што ги сочинува духовните и материјални вредности на еден етникум. Неговите духовни и материлајни творби се потврда на националното културно богатство. Во таа „национална култура“ покрај духовните и материјалните дела спаѓаат и многу други елементи, како што се односот кон другите, но и односот кон самиот себе, почитта кон она што поминало, кон традицијата, но и јасна визија и поглед кон иднината. 

Културата е таа што се проникнува низ времето, низ општетсвените промени. Таа секогаш се осврнува кон минатото и погледнува кон иднината. Мислам дека културата е еден вид комуникација низ времињата, таа е константа која секогаш во себе ги носи вистинските егзистенцијални вредности. А за вториот дел од прашањето, би нагласила дека за мене не постои „некултурен“ поединец. Постојат само поединци кои одредените општествени вредности ги гледаат низ различни лични визири. 

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов