Револуционерна таблета за рак на дојка значително го продолжува животниот век

Добивај вести на Viber

Револуционарна терапија, првично наменета за третман на напреднат рак на дојка, покажува исклучителни резултати дури и во раните фази на болеста, значително подобрувајќи ги изгледите за подолг живот за пациентите, пишува Science Alert.

Според фармацевтската компанија Lilly Oncology, клиничко испитување од фаза 3 потврди дека таблетата Abemaciclib, попозната под трговското име Verzenio, може значително да го намали ризикот од враќање на болеста кај одредени видови на ран рак на дојка што се проширил на лимфните јазли.

Потврда на стандардите во третманот

Иако резултатите од седумгодишното следење сè уште не поминале рецензија од колеги, компанијата објави дека наскоро ќе ги сподели податоците на медицински состанок и ќе ги достави за објавување во научно списание.

„Овие податоци го потврдуваат Verzenio како стандард на грижа за пациенти со болест со позитивен лимфен јазл, висок ризик и ја зголемуваат итноста да се обезбеди третман за сите подобни пациенти“, рече Џејкоб Ван Нарден, претседател на Lilly Oncology.

Одобрување и механизам на дејство

Откако беше одобрен од страна на Администрацијата за храна и лекови на САД (FDA) во 2017 година, Verzenio се покажа како ефикасна терапија за рак на дојка и најчесто се користи во комбинација со хормонска терапија. Само минатата година, лекот ѝ донесе на компанијата 5,3 милијарди долари приходи.

Verzenio првично беше одобрен за напреден или метастатски рак на дојка позитивен на хормонски рецептор (HR+). Овој вид рак, кој сочинува помеѓу 70 и 80 проценти од сите случаи, се карактеризира со туморски клетки со рецептори кои реагираат на хормони и го поттикнуваат растот. Во 2023 година, FDA ја прошири употребата на лекот за да го вклучи ракот на дојка во рана фаза со висок ризик од рекурентност, а најновите податоци покажуваат дека одлуката била правилна.

Лекот делува така што спречува размножување на клетките на ракот во комбинација со хормонска терапија. Додека ендокрината терапија го блокира ефектот на хормоните врз рецепторите, Verzenio ги инхибира ензимите кои се клучни за клеточната делба.

Резултати што ја менуваат практиката

Студијата вклучуваше 5.637 возрасни лица со најчест тип на рак на дојка: HER2-негативен и HR+ во рана фаза. Се покажа дека по две години комбинирана терапија со Verzenio и хормонска терапија, вкупното преживување на пациентите е значително подобрено во споредба со само хормонска терапија.

Иако овој тип на рак е високо излечив, пациентите во испитувањето имале болест која веќе се проширила на лимфните јазли, што го зголемило нивниот ризик од рецидив.

„Спречувањето на рецидив на болеста и помагањето на пациентите да живеат подолго е крајната цел и висока летва во адјувантниот третман“, рече Ван Нарден. „Постигнувањето статистички значајна корист за вкупно преживување со само две години терапија со Verzenio  го зајакнува неговиот диференциран профил кај HR+, HER2- раниот рак на дојка со висок ризик“, додаде тој.


(sciencealert  / И.С)