Се жнeат награди и од ученички натпревари по биологија и природни науки и на фестивалските сцени: Горан Тодоровски за љубовта кон двете професии

Во свет полн со брзина, површност и постојана потреба за признание, Горан Тодоровски не чекори по сцената за аплауз, туку за вистински допир со душата– својата и туѓата. Како наставник по биологија и автор на бројни македонски песни, неговиот живот е сведоштво дека уметноста не е само за слушање, туку и за лекување.
Неодамна на Охрид фест освои две признанија за песната „Бела кошула“- втора награда од жири и за најдобар аранжман.
ЖМ:Што претставува за вас моментот кога уметноста добива признание од пошироката публика или жири? Дали наградата ја гледате како крајна потврда или како делод подлабок процес на личен и уметнички развој?
-На самиот почеток од кариерата борбата беше да се појавам на некој фестивал и да имам можност да се претставам себе си и мојата музика, харизмата, талентот, интерпретацијата за кои цврсто верував дека се посебни и дека ќе има простор да бидат забележани. Во тој период важно беше секое признание, а наградите вивнуваа повисоко. Награди имаше, но никогаш не сум ги доживувал како крајна потврда, туку како задолжение да напредувам, творам, да дадам душа на песната, да работам повеќе на себе и духовно и уметнички.
Денеска, неколку децении подоцна избирам каде и кога ќе настапам, со кого ми е пријатна соработката. Знам дека песната е вечниот, главен мотив, натпреварувачкиот дух постои, но само во смисла песната да допре до публиката, а јас да бидам подобра верзија од себе.
ЖМ: Во свет каде што уметноста често е комерцијализирана, што значи за вас „успех“? Дали тој е мерен во аплаузи, награди, или нешто потивко, внатрешно?
-Нешто внатрешно, но не е нималку тивко.Некој порив кој не ми дава да застанам. Можеби е некој инстинкт за вистинско време и песна или можеби цел студиски албум. Можеби тоа доаѓа со годините и искуството. Но сега, со оваа зрелост сакам да се појавувам само кога имам што да понудам. Не било што и не било како. Ако се исполнети моите критериуми, тогаш и песната ќе биде забележана. Не мора веднаш и сега, но знам дека ќе остане во ризницата на квалитетни македонски новосоздадени песни.
ЖМ: Луѓето Ве знаат како пејач, наставник, човек со харизма. Но, кој е Горан кога ќесе изгасат светлата?
-Луѓето ме знаат како пејач, некој потесен круг на соработници и колеги ме познаваат и како автор, кантавтор. Низ кариерата имам напишано голем број песни за себе, но и за други колеги и колешки. Учениците ме познаваат како наставник. Се трудам така и да остане, барем во училница. Секогаш се држиме до нашите заеднички теми од биологија и природни науки. Но,досега не сум пропуштил ниту една полуматурска прослава и верувале или не, не поминувале без некоја од моите песни, кои се постари од нив, а ги знаат наизуст. Голема сатисфакција и за мене како личност и како наставник и како пејач. Можеби токму тоа е успех.
ЖМ: Кој момент од вашиот живот ве научи дека музиката може да биде лек, а не само уметност?
-Секој човек кој тежнее кон постигнување на внатрешна, духовна рамнотежа посегнува по разни техники и активности да се ослободи од стрес и негативна енергија. Стресот е секаде околу нас и здраво е да имаме издувен вентил. За мене лично тој вентил е музиката. Секогаш кога ќе се соберат емоции избиваат на површина во вид на нова мелодија, која потоа ќе се доработи, ќе добие стихови и кога ја снимам во студио преку интерпретацијата ги пренесувам емоциите. Мислам дека таквиот искрен, соголен пристап е единствениот начин да се ослободат емоциите, но и публиката да ги препознае како вистински.Така песната добива душа, а јас ја лекувам сопствената и настанува уметност.
ЖМ:Како изгледа да предавате биологија, а во слободно време да пишувате песнии да настапувате на фестивали Научниот свет ве направил посмирен, пореален уметник – или пак уметноста ви помогнала да бидете по сочувствителен наставник?
-Кога нешто работите со љубов го работите со леснотија и некако спонтано како да сте родени за тоа. Далеку поодговорна работа е работата со учениците. Беше тоа голем предизвик за мене кога првпат стапнав во училница. Си реков дека тука нема простор за неуспех. Се посветив максимално и почнаа да пристигнуваат признанија за постигнатите резултати. Најголема награда за еден наставник е кога ќе ја забележи искрата на задоволство во очите кај своите ученици, во која се гледа се – и дека разбрале и дека научиле и дека се благодарни. Воедно требаше и да се вклопам во наставничкиот колектив и таму на некој начин да се докажам. Во тоа време пишувањето песни и настапите на фестивали беа во втор план. Се почувствував задоволно, реализиран. Анализирав и дојдов до заклучок дека креативноста во музиката многу ми помогна во наставата. Не се неспоиви. Денес имам време за се. Се жнеат награди и од ученички натпревари по биологија и природни науки,за што вредно работиме заедно со талентираните ученици, создавам, творам нови мелодии, песни па дури и настапувам повремено на некои од нашите фестивали и таму не поминувам незабележано.
ЖМ: Кои вредности се обидувате да им ги пренесете на децата, и преку музиката ипреку биологијата?
-Ќе се обидам да одговорам концизно. Да собираат знаења низ основното образование, да го надградуваат во понатамошниот процес на образование, да пробаат да се пронајдат себе си, да направат вистински избор на професија, да се грижат за своето физичко и ментално здравје, да бидат искрени, емпатични, креативни, свои и сето тоа да знаат да го искористат низ годините кога ќе стекнуваат животни искуства.
ЖМ:Во еден свет што често промовира конкуренција, што значи за вас да имате жени колешки кои не ве гледаат како ривал, туку како човек што вреди да се поддржи. А тоа го прават со присуство во публиката на вашите фестивалски настапи.
-Важиме за сплотен колектив. Преовладуваат колешки и тие секогаш се радуваат кога доаѓа некој нов колега во колективот. Така беше и со мене. Ме прифатија одлично. Сиве овие години ме респектираат како колега и годинава дури станаа иницијаторки на моите настапи на валандовскиот и охридскиот фолк фест На иницијативата се придружи и Директорката, па во сопствена режија допатуваа и во Валандово и во Охрид. Интересно чувство имав на сцената. Двојна одговорност. Од една страна да го погодам вкусот на публиката и жирито, од друга стана да бидат и тие задоволни и горди на мене.
ЖМ: Какви соништа сè уште не сте ги оствариле?
-„Бела кошула“ е песна за која сонував, песна која еднаш се случува во кариерата на еден уметник, автор и пејач или ниеднаш. Мене ми се случи и многу сум горд. Знам дека ќе треба време да се разбере и доживее на начин на кој тоа го чувствував додека извираше мелодијата и интерпретацијата од мене. Стиховите на Огнен Неделковски и Сашо Ливрински - Лаврод ја дотераа до перфекција. Искрено на музички план немам неостварени соништа. Реално имам богата и разновидна дискографија која останува. Сепак го задржувам правото да сонувам, да мечтаам...Тоа води во нова креативност, па кој знае може да се оствари и некој несонуван сон.
Соња Алексоска Неделковска