„Сестринската врска не може ништо да ја замени“ – Ива Петрушовска за Андријана и нејзиното мало хоби кое расте

Сестринската љубов е посебна врска, а кога таа ќе се спои со креативност и меѓусебна поддршка, добиваме инспиративна приказна.
Ива Петрушовска, сестра на пејачката Андријана Петрушовска, создаде свој автентичен свет преку брендот „ivvy.mk“.
Во интервјуто таа открива како од едно мало хоби за себе и за својата сестра роди бизнис кој постојано расте, зошто монистрата се нејзиниот заштитен знак и колку значи поддршката што секогаш ја добива од Андријана.
ЖМ: Како започна приказната со твоите рачни изработки?
- Сѐ започна како хоби. Најпрво изработував ташнички за мене и мојата сестра и уживав додекa го правев тоа. Со текот на времето, кога почнав да ги носам моите ташнички, почна да расте и интересот на моите другарки, па така одлучив тоа да го претворам во нешто поголемо - и се роди брендот “ivvy”, кој го носи и моето име. Брендот постои од јуни, 2023 и од тогаш постојано расте.
ЖМ: Што најчесто изработуваш и кои материјали најмногу ги користиш?
- Изработувам ташни, приврзоци и модни додатоци од монистра. Обожавам да комбинирам бои и различни форми. Секое парче ми е како мало уметничко дело. Материјалите што ги користам се најчесто стаклени монистри, перли, но понекогаш внесувам и други додатоци како машнички, срценца… Сè зависи од инспирацијата во моментот. Сакам моите изработки да бидат весели и впечатливи.
ЖМ: Како би го опишала твојот стил – што е специфично и препознатливо за твоите производи?
- Мојот стил би го опишала како игрив, шарен, со доза на носталгија и многу љубов во секој детал. Она што е препознатливо за ivvy.mk се монистрата. Тие се мојот заштитен знак. Секое парче што го правам изгледа тренди, впечатливо и автентично, а истовремено е внимателно изработено и со многу вложен труд. Моите клиенти и поддржувачи најчесто се млади девојки што сакаат да носат нешто поинакво, нешто што не можеш да го најдеш во која било продавница. А има и многу момци што нарачуваат како подарок за девојките или мајките, и тоа секогаш ми е баш симпатично!
ЖМ: Дали самата си ги осмислуваш сите дизајни или имаш некој кој ти помага во процесот?
- Сѐ си осмислувам сама – од идејата, до изборот на бои, форми и монистра. Тоа ми е омилениот дел од процесот, да седнам, да експериментирам и да си играм со комбинации додека не почувствувам дека “ова е тоа”. Секако, знае да се случи и некоја пријателка или клиент да ми даде инспирација со некое барање или идеја, па од таму да почне цел нов дизајн. Но генерално, ivvy е 100% моја креација, од срце.
ЖМ: Кој дел од процесот на изработка ти е најпредизвикувачки, а кој најзадоволувачки?
- Најпредизвикувачки ми е почетокот, кога имам милион идеи во глава, а треба од сите нив да одберам само една. Понекогаш се случува и нешто што го замислувам, во реалност да не изгледа така, па морам одново да пробувам, да менувам бои и форми… Тоа бара трпение.
А најзадоволувачки ми е моментот кога ќе го завршам парчето и ќе го погледнам со помислата „тоа е тоа што го барав“. Посебно кога ќе видам некоја девојка што го носи и му се радува, тоа ми е најубавиот дел од целата приказна!
ЖМ: Имаш ли омилено парче кое си го изработила и што гоправи посебно?
- Парчето што ми е омилено е микс од перли и монистра. Тоа е една прекрасна комбинација што дава уникатен изглед, а изгледа многу елегантно. Посебна ми е затоа што успева да го спои класичното со модерното и одлично се вклопува и за дневни, но и за вечерни комбинации.
Од приврзоците, пак, најмило ми е 3D срцето. Тоа има прекрасен одсјај и е неверојатно фино изработено, а најубавото е што одлично се вклопува со скоро сè, било да е облека, ташна или клучеви. Секогаш ми е прво на ум, кога треба да понудам производ затоа што е едноставно и полно со емоција.
ЖМ: Од каде црпиш инспирација – модни трендови, природа, музика, луѓе...?
- Инспирацијата ми доаѓа од секаде, од природата со сите бои и форми, музиката што ме буди да создавам, и луѓето со нивните приказни и емоции. Следам и модни трендови, ама најмногу сакам да си ставам свој печат и да правам нешта што е “ЈАС”.
ЖМ: Каде може да се купат твоите производи? Имаш ли онлајн продавница или присуство на социјални мрежи?
- Моите производи за сега достапни се само онлајн - со нарачка преку мојот инстаграм профил “ivvy.mk”.
ЖМ: Колку Андријана те поддржува во ова што го работиш?
- Андријана ми е голема поддршка и голема инспирација. Често знае да се сликне со моите ташни и од време на време знае да ги вклучи во нејзините аутфити, а тоа ми значи многу. Секогаш ме објавува и ми помага да стигнам до повеќе луѓе. Таа ми е најголем поддржувач и тоа ми дава уште поголема мотивација да продолжам.
ЖМ: Каква е вашата сестринска врска приватно – дали синејзин најголем критичар или најголем фан?
-И двете! (се смее). Знам да бидам најголем критичар кога треба, особено кога станува збор за детали, изглед, објави… ама истовремено сум ѝ личноста што секогаш и стои зад грб. Во секој момент сум тука да ја бодрам, да ѝ кажам колку добро изгледа или колку добро звучи нешто ново што прави. Ја имаме таа блиска, директна врска и си кажуваме сè, па дури и кога не се согласуваме, секогаш сме тука една за друга.
ЖМ: Дали некогаш би размислувале за заеднички проект – на пример, модна линија инспирирана од музиката или сценскинакит?
- Да, имаме разговарано за тоа, нешто што ќе ја спои музиката и модата, сценски накит или некоја лимитирана линија инспирирана од нејзиниот стил. Уште не откриваме ништо конкретно, ама идејата ни седи во позадина. Со оглед на тоа дека Андријана создава “свој” моден стил и има специфичен моден израз, може да очекувате нешто мистериозно!
ЖМ: Дали постои некоја ваша заедничка традиција или ритуалшто го одржувате со години?
- Да, ги негуваме празничните собири со семејството.
ЖМ: Кога си имала тежок момент – прва што ѝ се јавуваш ли е Андријана?
- За мене, нема друга личност што може да го замени местото на сестрата, па така и кога имам тежок момент, прво што правам - ѝ се јавувам или разговарам со Андријана. Таа не ми е само сестра, туку и најдобра другарка, човек што ме разбира без многу зборови и секогаш е тука кога ми е најпотребно.
ЖМ: Во што најмногу те инспирира таа како постара сестра?
- Како постара сестра, Андријана ме инспирира со својата упорност и страст кон тоа што го прави. Ги гледам нејзините настапи и како се дава целосно и тоа ми дава сила и мотивација да вложам сѐ во моите рачни изработки, затоа што знам дека на крајот ќе има успешен резултат. Исто така, нејзините аутфити се секогаш инспирација за мене, како ги комбинира боите и стиловите со автентичен вкус и самодоверба.
ЖМ: Дали некогаш си чувствувала притисок да изградиш сопствен идентитет, имајќи сестра која е во јавноста?
Не сум чувствувала притисок да изградам свој идентитет, бидејќи секоја од нас има свој пат и своја приказна. Андријана блеска во својата сфера, а јас уживам во моето креативно патешествие. Сметам дека тоа не ни одзема, туку ни дава дополнителна мотивација и инспирација!
ЖМ: Колку често разменувате облека, накит, козметика? Имали нешто што „редовно ѝ го крадеш“?
- Си разменуваме облека и накит, ама вистината е дека таа не ми зема ништо од моите работи, додека јас редовно “позајмувам” од нејзините, што понекогаш ја нервира, ама тоа е дел од нашата сестринска навика.
ЖМ: Дали некогаш ти дала искрен совет што ти го сменил начинот на гледање на нештата?
- Да, Андријана ми дала многу искрени совети кои навистина ми помогнале да гледам на работите поинаку. Особено кога сум несигурна или кога нешто ми изгледа комплицирано, еден разговор со неа ми отвора очи и ми дава храброст да продолжам.
ЖМ: Како изгледа еден ваш идеален ден заедно – дома, на кафе, на патување?
- Нашиот идеален ден започнува со рано будење и појадок на свеж воздух. Патуваме со нашето семејство и со Кира, нашето кутре, кое со радост трча и истражува нови места. Си правиме пикник, уживаме во разговори и смеа, а на крајот од денот се враќаме дома полни со убави спомени и уморни, но среќни.
ЖМ: Имаш ли некој предмет (облека, подарок) од неа што тизначи многу повеќе од материјалната вредност?
- Имам еден предмет што ми значи многу повеќе од материјалната вредност, тоа е автомобилот што го возам. Андријана го купи за себе, а потоа ми го даде мене како подарок. За мене, тоа не е само автомобил, туку голем знак на доверба и поддршка што ми ја дава како сестра.
ЖМ: Кога ти ќе создадеш нешто ново, дали таа е првата што гогледа и коментира? Колку ти значи нејзиното мислење?
- Да, таа речиси секогаш е првата што го гледа тоа што ќе го направам, уште пред да биде објавено. Ѝ праќам слики и ѝ покажувам уште додека работам на некое парче. Нејзиното мислење ми значи многу затоа што знам дека ќе ми каже искрено, дури и ако нешто не ѝ се допаѓа. Баш затоа и ѝ верувам најмногу.
ЖМ: Кога ја гледаш на сцена, што чувствуваш? Горделивост, емоции, трема?
- Најчесто не можам да ги дефинирам чувствата - затоа што ги има многу. Чусвтвувам истовремено и среќа и горделивост. Горда сум што ја гледам, но тремата е секогаш присутна од аспект на тоа што работата ѝ носи многу предизвици.
ЖМ: Кој е најсмешниот или најемотивниот момент што сте го доживеале заедно?
Со сестра како Андријана може да има многу случки кои се смешни и емотивни, па не би можела да издвојам
ЖМ: Ако би требала со три збора да ја опишеш како сестра – кои би биле тие?
Вредна, талентирана и прекрасна, со еден збор - Андријана.
ЖМ: Што би ѝ посакала во иднина – професионално, но и приватно?
- Би ѝ посакала да ги реализира сите планови и соништа.
Ирена Ставрова