Шпаркасе Банка АД Скопје и Националната опера и балет заедно веруваат во иднината – потпишан договор за соработка

Добивај вести на Viber

Официјално беше потпишана стратегиска соработка помеѓу Шпаркасе Банка АД Скопје и Националната опера и балет (МОБ), како дел од платформата за општествена одговорност, Sparkasse Life. Партнерството има цел да даде клучна поддршка кон развојот на културата, да ја приближи уметноста до пошироката публика и да придонесе за збогатување на културниот живот во земјата преку низа настани и активности во текот на годината.


Оваа година за двата соработници носи посебна симболика – 200 години од основањето на матичната групација на Шпаркасе Банка АД Скопје, Штаермеркише Шпаркасе, реномираната австриска банкарска институција со голема традиција, искуство и трајни вредности, но и 200 години од раѓањето на музичкиот великан, Австриецот Јохан Штраус II, чија уметност и денес ја воодушевува светската публика. Обединети под знакот на истрајност, визија и културно наследство, овие два значајни јубилеи се одбележуваат со музика, партнерство и заедничка посветеност на иднината.

-„Партнерството со Националната опера и балет е доказ дека традицијата и иновацијата треба да се надополнуваат и во културата, и во банкарството. Горди сме што токму во годината на големиот јубилеј, оваа соработка ќе започне со спектакуларен летен концерт на отворено и што заедно со Националната опера и балет ќе им понудиме на граѓаните уникатни културни доживувања. Sparkasse Life е нашата платформа преку која инвестираме во луѓето и заедницата, таму каде што вистински значи“, изјави г. Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.

Оваа соработка ќе започне со организирање летен вечерен концерт „Од МОБ за Скопје!“ во чест на 200-годишнината од раѓањето на Јохан Штраус II, кој ќе се одржи на 5 јули 2025 година, на плоштадот „Мајка Тереза“ во Скопје, под диригентство на маестро Винценц Праксмарер, каде што Шпаркасе Банка е ексклузивен спонзор. На сцената ќе настапат солистите Бригита Симон (сопран) и Иван Наумовски (баритон), како и Оркестарот на Националната опера и балет. Влезот за настанот е бесплатен, но со задолжителна регистрација на следниот линк.

-„Потпишувањето на договорот за соработка претставува повеќе од финансиска поддршка. Тој е јасна потврда дека културата е вредност што заслужува внимание и вложување. Ова партнерство е пример како приватниот сектор може да биде стратешки сојузник во развојот на уметноста и зачувувањето на културниот идентитет. Уверени сме дека оваа поддршка ќе овозможи уште поголеми уметнички достигнувања и ќе ја доближи нашата работа до пошироката публика. Во име на целиот колектив на МОБ упатувам искрена благодарност за довербата, визијата и поддршката. Заедно да создаваме уметност што инспирира!“ – изјави г. Оливер Арсовски, генерален директор на Национална опера и балет.

Платформата Sparkasse Life ја промовира културата, уметноста, општествената одговорност и вредностите што ги носи заедничкото вложување во иднината. Потпишувањето на договорот за соработка го означува заедничкото настојување на двете институции да придонесат кон збогатување на културниот живот во земјата и создавање можности за поширока публика да ужива во уметноста на високо ниво.

Ова партнерство претставува уште еден чекор кон изградба на „Светот на иднината“ (#TheWorldOfTomorrow) – визија што ги обединува културните, општествените и економските вредности, со кои Шпаркасе Банка АД Скопје речиси две децении е активен партнер на заедницата во државата.

ПР објава