За 243.902 евра: Плоштадот Македонија вечерва „симболично“ ќе блесне во новогодишно руво
Со цел да го дознаеме јавното мислење, дали градот треба да се закити во новогодишно руво во време на пандемија и корона криза, Женски магазин спроведе онлајн анкета.
Анкетата се наоѓа под секој од нашите текстови, каде и можете да гласате.
Досега на истата гласале вкупно 3.753 граѓани.
Иако не се работи за голема разлика, поголем дел од граѓаните претпочитаат годинава да не се троши на украсување.
Односно 56% (2100 гласови) сметаат дека градот не треба да троши на новогодишни декорации во време на пандемијата.
Додека 44% (1653 гласови) се согласуваат со ставот на таткото на градот, односно согласни се дека градот треба да се закити и покрај пандемијата.

Новогодишното украсување во општините и на плоштадите е традиција која придонесува за магијата на празниците, но ова прашање е дискутабилно годинава поради огромните суми кои се трошат за украсување на плоштадите и улиците, а според дел од граѓаните тоа се пари кои би можеле да се пренаменат за покорисни цели во борбата против вирусот. Град Скопје, минатата година беше мета на критики кога за украсување и декорирање по повод Нова година 2020, потроши рекордни 285.886 евра, што претставува и најскапо новогодишно украсување досега. Како и изминативе пет години, така и годинава, за дочекот на 2021 година, фирмата „Линк Медиа Плус“ го доби тендерот за украсување, а нарачател е Град Скопје. Годинава, градот потроши два ипол милиони денари помалку (околу 42.000 евра помалку) во споредба со минатата година. Односно за дочекот на 2021 година, град Скопје издвои сума од 243.902 евра, односно 14.999.999 денари.
Некои од градоначалниците на општините најавија дека се откажуваат од украсувањето во време на корона-кризата, а парите ќе ги искористат за други општокорисни цели.
Сепак скопскиот градоначалник Петре Шилегов, одамна потврди дека Град Скопје нема намера да се откаже од новогодишното украсување.
А токму вечерва во 19 часот, традиционално ќе светне новогодишната елка што е поставена на плоштадот „Македонија“, а од кабинетот на градоначалникот ни потврдија дека обраќање ќе има и градоначалникот Шилегов, други настани вечерва - нема да има.
„Поради пандемијата од коронавирусот, оваа година светнувањето на новогодишната елка во центарот на градот ќе биде симболично. Градот Скопје апелира до граѓаните кои ќе бидат затекнати на плоштадот, да ги почитуваат препорачаните мерки за заштита, да носат маски и да го одржуваат пропишаното растојание“, соопштија од Град Скопје во текот на денешниов ден.
Планот беше пред два дена, на 5 декември, плоштадот „Македонија“ и улиците во центарот на градот да светнат со новогодишни украси и светилки.
Шилегов, досега во неколку наврати во медиумите изјави дека празничната атмосфера не треба да биде жртва на пандемијата.
Денес во телефонски разговор, од кабинетот на градоначалникот ни потврдија дека според Шилегов, на децата и онака годинава одземена им е целата радост, па не треба и ова да им се одземе.
Рестрикциите за заштита од ширење на вирусот, забраните за дружба, непотребни излегувања, собири на повеќе од четворица после 21 часот, физичка дистанца од два метри, како и задложително носење маска, се мерки кои и понатаму остануваат на сила во борба против пандемијата.
Р.Ж.М