„Слободно посолете повеќе“: Докажано е дека посолената зимница е подобра варијанта од неутралната!
Иако многу домаќинки често се грижат дека ќе им се „омакне раката“ и ќе стават повеќе сол во зимницата, или пак се плашат од етикетата на „озлогласен бел непријател“ на човековото здравје, експертите велат дека кога станува збор за подготовка на зимница – посолената варијанта не е секогаш на одмет.
Причината лежи во фактот што солта е еден од најстарите и најефикасни природни конзерванси, користен со векови за зачувување на храната.

Зошто е солта природен конзерванс?
Солта има моќ да ја заштити храната од расипување благодарение на својот осмотски ефект – таа ја извлекува водата од храната и од микроорганизмите. Со тоа им го одзема неопходниот услов за опстанок, па бактериите, мувлите и габите многу потешко се развиваат.
Дополнително, со додавање на сол се намалува таканаречената водна активност во производите. Со помалку достапна вода, храната станува „непријателска“ средина за развој на микроорганизми. Солта има и антимикробно дејство, односно создава услови во кои голем дел од бактериите не можат да преживеат, особено оние кои предизвикуваат расипување на месо, сирење или зеленчук.
Традиција и современост
Примерите за употребата на солта како конзерванс се бројни и добро познати:
-
Соленото месо и риба – пршутата, сланината или бакаларот се чуваат благодарение на солта.
-
Киселата зелка и туршијата – ферментацијата е невозможна без присуството на сол.
-
Сирењето – саламурата не само што го обликува вкусот, туку и го заштитува од несакани бактерии.
Ова покажува дека без оглед на тоа дали зборуваме за антички методи или за современи начини на чување храна, солта останува незаменлив чувар на зимницата.

Балансот е клучен
Секако, нутриционистите предупредуваат дека прекумерната употреба на сол во секојдневната исхрана може да биде штетна и да влијае на зголемување на крвниот притисок или појава на кардиоваскуларни заболувања.
Но, кога станува збор за зимницата, подобро е таа да биде малку посолена отколку недоволно, бидејќи ризикот од расипување е многу поголем отколку ризикот од дополнителна лажичка сол.
Во домашните рецепти за ајвар, туршија или кисели краставички, количината на сол не е само прашање на вкус – туку и на безбедност. Со доволно сол, производите можат да траат цела зима без да изгубат на квалитет и свежина.
Без разлика на „лошата репутација“ кога станува збор за зимница е неопходна
Солта можеби има лоша репутација во модерната нутриционистика, но кога станува збор за зимницата – таа е вистински сојузник на домаќинките. Од античките времиња па сè до денес, таа ја докажува својата улога како природен конзерванс, кој овозможува храната да остане безбедна и вкусна со месеци.
Затоа, ако во теглата со зимница се најде малку повеќе сол, тоа не мора да биде причина за грижа – напротив, може да значи дека зимата ќе ја дочекаме со сигурно сочувана трпеза.
М.С.К / EPA / Freepik
*Забрането е преземање на содржини од „Женски магазин“