Солун е жив, сончев и гласен град – најубав е во пролет, Лададика е омилено место за забава на младите: Марија Спасовска за студентскиот живот

Добивај вести на Viber

Марија Спасовска, која македонската јавност ја памети како „девојчето со ангелски глас“ што ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија 2018 во Минск, денес е млада и самоуверена дама која чекори по својот пат – со музиката во срцето и визија во очите.

Марија денес живее во Солун, каде од октомври 2024 година ги продолжи своите академски предизвици. Таа е студентка на Јорк Универзитетот во Солун, на насоката бизнис администрација и економија, и токму таму го заврши својот прв академски семестар со успех и посветеност.

„Луѓето живеат поопуштено и порелаксирано отколку во Скопје, така што дефинитивно ми одговара таа атмосфера во Солун“, споделува Марија за Женски магазин.

Ова интервју го посветивме на нејзиниот студентски живот кој го живее на нешто помалку од 250 километри од Скопје. Марија за Женски магазин, раскажа како е да се биде студент во Солун, по што е специфичен, што го прави посебен, кои се нејзините омилени места …

„Не доживеав културен шок. Пред да се преселам во Солун, многупати го имав посетено и јасно ми беше на кој начин функционира животот таму“, вели Марија.

Иако заминувањето од дома често знае да биде предизвик, особено кога станува збор за нова држава, нов јазик и нова академска средина, Марија вели дека адаптирањето во Солун ѝ дошло полесно од очекуваното. Веќе во првите денови почувствувала дека овој град ѝ одговара – и како студент и како личност.

„Се адаптирав многу брзо, иако не очекував тоа да биде така. Уште на самиот старт запознав премногу луѓе и имам создадено доста голем круг на пријатели за толку кратко време. Јазичната бариера не ми претставуваше проблем затоа што со сите комуницирам на англиски. Учам грчки во слободно време, но и без да го знам можам лесно да функционирам во градот“.

Иако е во нов град и студира на сериозна академска програма, Марија успева да одржи балансиран и исполнет дневен ритам. Нејзините денови се динамични, но организирани – спој на учење, грижа за себе и, секако, музика.

„Во текот на работната недела, имам утрински предавања, така што првиот дел од денот го поминувам на факултет. Честопати останувам во библиотеката за да учам. Има преубава атмосфера. Одам да вежбам, готвам, и најчесто денот го завршувам во музичкото студио коешто се наоѓа во мојата зграда. Секако, не се исклучува од дневната рутина едно кафе покрај море со пријателите“.

Животот во друга земја носи многу нови искуства, но и одредени жртви. Иако Солун ѝ нуди убавини и можности, Марија искрено признава дека далечината понекогаш знае да тежи – особено кога станува збор за семејството и најблиските.

„Единствен предизвик е тоа што сум далеку од луѓето коишто ги сакам, и тоа што не можам да ги видам во момент кога ќе посакам. Се останато, како што се административни обврски, го гледам како дел од секојдневието, а не како предизвик“.

Солун не е само град на историја и култура – тој живее и пулсира особено навечер, кога улиците се полнат со млади, музика и енергија. Марија веќе има своја омилена локација кога станува збор за излегување и дружење.

„За младите дефинитивно најинтересен дел од Солун би бил Лададика. Целиот крај е полн со ресторани, кафулиња, барови и ноќни клубови. За време на викендите, сите млади се таму. Дури и да не бидете во некој локал, можете убаво да си поминете со оглед на тоа што има музика од сите страни, луѓето се шетаат и се забавуваат“.

На почетокот Марија уживала да седи покрај море, но како поминувало времето го истражувала Солун, па сега омилени и се затскриени локални кафулиња со убава атмосфера.

„Градот е полн со живот и секогаш се случува нешто, факултетите нудат одлично образование и можности, и има многу млади со коишто може да се започнат одлични пријателства. Прекрасното време и морето го разведруваат сечие расположение. Ова се само дел од позитивните страни на тој град“.

View this post on Instagram

A post shared by Marija Spasovska (@marija.spasovska)

И надвор од училниците и предавањата, Марија се труди нејзиното време во Солун да биде исполнето со активности што ја движат и ментално и физички. Дружбата, движењето и моментите за себе ѝ се подеднакво важен дел од секојдневието.

„Кога не сум на факултет, задолжително одам да вежбам и се дружам со пријателите. Бидејќи речиси сите другари од факултет живеат сами, на сите ни треба друштво и социјализација, па голем дел од времето го поминуваме заедно. Сепак, ми се случува да излезам да прошетам и сама, тоа многу ме опушта“.

Жителите на Солун ги опишува како љубезни и отворени за разговор, а Солун со три збора – жив, сончев и гласен.

„Кога ќе им прозборам на англиски, веднаш се трудат да направат се, за да се чувствувам добредојдено и прифатено. Позитивно сум изненадена искрено“.

Солун е најубав во пролет, вели Марија. Во лето температурите се многу високи, па затоа и најубаво е да се посети и да се шета во пролет.

Едноставно овој град е жив, покрај тоа што е пропратна станица за голем број туристите кои ги посетуваат крајбрежјата на Грција, градот пулсира во позитивни вибрации.

„Животот во Солун е жив и секогаш има некој настан. На плоштадот има постојано некои случувања. Го спомнав делот кај Лададика, тој дел од градот го посетувам, а од културните настани, до сега бев на концерт на една позната пејачка од Грција во Principal Club Theater“.

Кога се финансиите во прашање, овој град се наоѓа на списокот градови кои се скапи за живеење, но не е како некои големи европски метрополи.

„Во споредба со животот во Скопје, Солун е поскап град за живеење, но во споредба со други европски градови, не е премногу скап“.

Габриела Додевска Глигоровска