Спектакал на Слаткаристика и Тони Зен во преполната сала „Борис Трајковски“: македонскиот хип-хоп заплака за Кочани

Синоќа во арената „Борис Трајковски“ се одржа концерт кој уште долго ќе се памети — заеднички настап на Слаткаристика и Тони Зен, двајца рапери кои со години се движат низ истата музичка сцена, но секогаш со свој препознатлив печат. И двајца големи пријатели. Пример дека пријателството е посилно од конкуренцијата.
Публиката во преполната сала ја сочинуваа претставници од различни генерации, поврзани со заедничка љубов кон музиката. Меѓу нив и специјалните гости на настанот: млади од Кочани кои пристигнаа со организиран превоз, кој им го овозможи организаторот и штитеници од Домот за деца без родители „11 Октомври“.
Публиката не беше само сведок, туку активен учесник. Илјадници гласови ја пееја секоја строфа, без разлика дали стануваше збор за старите хитови од почетоците на нивните кариери или за новите песни што веќе стануваат химни на младите генерации.
Концертот почна со заедничка изведба на „Спушти се доле“, а овациите беа знак дека публиката повеќе ќе биде „горе“ на нозе и ќе ужива во секој следен звук и стих на двајцата изведувачи што зборуваат со различен тон, но за истите нешта: животот, љубовта, борбата и надежта.
Еуфоријата кулминираше со појавата на „Два Бона “ на сцена и заедничкиот перформанс, светски од секој аспект.
Соло настапот на Слаткаристика беше микс од стари и нови теми: „Олабави ме“, „Шопинг“, „ФМ“. При изведба на „Луда романтика“, откри дека има романтика во себе, а при најава на „Насмевка“ посветена на неговиот син Моша, искрено призна: „Многу сум возбуден, првпат следи мој концерт, кој знае што размислува сега“.
На сцената му се придружија Стефан и Мартин од „Некст Тајм“. Следуваше маестрална изведба на „Океани“ и „ Магдалена“.
Тони Зен со енергичниот настап „до коска“ нé потсети на „Јас сум“, „Интелект“, „Во мој стил“, но и на уште еден значаен миг – дека само музиката не може да ги раздели луѓето. На сцената се појави неговиот драг пријател и соработник, бугарскиот рапер Бобо, најпознат по „Дим да ме њама“, која ја слушнавме и на концертот.
Пред крајот, музиката стана молитва. Слаткаристика и Тони Зен им оддадоа почит на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во тишината се слушааа звуците на „Исти“, а илјадници гласови станаа едно срце. Македонскиот хип-хоп заплака за Кочани. Заплака за младите невини души кои го изгубија животот - меѓу нив и дел членовите на ДНК, бендот кој приреди незаборавни концерти во истата сала.
Еуфоријата прерасна во тивка емоција, солзи и аплаузи што не стивнуваа. Kога одекнаа низ салата првите акорди на „Да полетам“, времето како да застана. Калиопи, со својот препознатлив глас, полн со сила и топлина, ја исполни сцената со енергија што ги стопи сите присутни. Слаткаристика, видно возбуден и трогнат, ѝ пријде, ја прегрна и остана без зборови — само очи полни благодарност и восхит.
Тоа не беше само настап, туку момент на искрена поврзаност меѓу две генерации на македонската музика. Слаткар и Калиопи — два различни света споени преку љубовта кон песната и кон публиката. Во тој миг, публиката не гледаше двајца изведувачи, туку едно срце што чукаше во ритамот на македонската душа.
Концертот не заврши со последниот тон, туку со чувство дека музиката повторно успеа — да нè соедини, да нè крене, да нè потсети дека сè уште знаеме да чувствуваме. Дека Македонија има широка и лојална база на фанови кои растат заедно со своите омилени изведувачи. Еден од нив е и Zee bomb кој ја забавуваше публиката пред почетокот на концертот. За добрата атмосфера се погрижи и диџеј Че.
А, за одличната организација од секој аспект се погрижи „Прагма продукција“, која најави музички настани за сечиј вкус, до крајот на годината.
Соња Алексоска Неделковска / Фото: Вангел Тануровски














